За стилот со Марија Аслимоска: Не сакам да сум жртва на тренд, статус или пак како од излог
За себе вели дека е камелеон кој што сака ризик во облекувањето и спојување на неспоивото, но никогаш не ја заборава женственоста во модните комбинации
Познатата македонската парфимерка Марија Аслимоска, која живее во Ирска специјално за „Женски магазин“ открива дел од својот гардеробер.
Кои се нејзините омилени парчиња облека и што за неа значи стилот, откријте во продолжение.
* Дефиниција за стил.
- Носење на било што, но на ваш партикуларен начин.
* А, Вие стилски се дефинирате како...
- Камелеон. Дива. Бизнис жена. Глумица… Во секој нов ден и со секое ново парче сакам да кажам нешто ново, свежо, различно. Не застанувам само со еден имиџ. Замислувам нова улога која ќе ја одграм во него и на крај ми е најважен аплаузот кој самата на себе ќе си го дадам со постигнатиот резултат пред огледало.
* Што е пресудно за добар стил?
- Квалитетна облека, познавање на себеси, малку креативност и одважност, една искрена пријателка и незамарање со трендови.
* Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?
- Сто посто камелеон кој што сака ризик во облекувањето, спојување на неспоивото, но никогаш не заборавајќи ја женственоста пред чиј олтар најмногу клечам.
* Минимализам, хедонизам, авангарда?
- Би сакала многу да сум во таборот на минимализам, но тоа едноставно не сум јас. Од друга страна хедонизам и авангарда се комплетно во мојот имиџ и како се замислувам себеси.
* Гламур или класика?
- Некако овие два стила за мене не се или-или туку се рака под рака. Но ако би требала да бирам, тоа би било гламур.
* Омилени нешта од Вашата облека?
- Моментална опсесија ми е Џон Галијано со неговата ера кога беше главен дизајнер во Диор и колектирам парчиња од тие години на модната куќа и тие ми се најомилените во овој момент.
* Дали практикувате брендирана облека или не Ви е пресудна етикетата?
- Купувам парчиња кои: се скроени со врвни материјали, перфектно сошиени и со интересна доза на креативност. Не ме оптеретува да бидат брендирани сѐ додека може да ме задоволи во овие критериуми па така може да ме видите да носам винтиџ парчиња купени од втора рака, Шанел или пак нешто направено од малку познат локален дизајнер. Сѐ помалку купувам облека од ланец на продавници направена за големи маси.
* Што сакате да постигнете со Вашиот стил?
- Сакам навистина да изгледа само своја. Не жртва на тренд, статус или пак како од излог.
* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?
- Осудување можете да добиете само од тие што ви се восхитуваат најмногу, но не смеат да го изразат тоа заради било кои други супресии кои тие лично ги доживуваат. Јас напротив имам круг на луѓе со кои меѓусебно се почитуваме. И покрај многуте различни стилови и вкусови кои ги имаме, се восхитуваме една на друга и секогаш сме си предизвик за уште подобро, посмело и поинтересно.
* На кој дизајнер би му дозволиле да Ви го преуреди гардероберот?
- Џон Галијано и … Питер Мулиер, главниот дизајнер во овој момент на „Alaïa“.
* Што облекувате денски, а што навечер?
- Денски сакам да експериментирам со различни структури и волумен на облеката додека ноќе со начинот на кој таа рефлектира светло. Високи штикли и фустани инаку носам 24/7.
* Дали експериментирате со косата и шминката?
- Пред година дена и пол се одважив да ја сменам бојата на коса во руса после цел живот смеѓа и тоа до сега ми бил најголем експеримент со коса. Шминка користам секогаш скоро иста, но долг беше патот на спознавање што навистна прилега на моето лице и пред неколку години го направив правиот потег – зедов приватни часови по шминкање кај Васе Доковски кој што ме научи на сето тоа.
* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед?
- Ако купувате парчиња кои што се интересни, квалитетни и ви стојат убаво – и да посегнете во бил кој момент со паника во вашиот ормар – ќе изгледате секогаш одлично. Значи трикот е – имајте одлично избрани парчиња во вашиот гардеробер во секој момент. Исто така интересен накит. Инстатно подига ниво на секој аутфит.
*Д. Караташова Илиоска