За танго се потребни двајца
Одраснувањето е поприлично тешка и зезната работа, особено што нема врска со годините кои ги полните. Така, на 25 мислев дека којзнае колку сум голема, одговорна и ред други работи кои (патем речено) не бев, за сега, на полни 53 да сфатам колку всушност имам пред себе да учам и колку многу работи не важат (иако сум мислела дека ми се забетонирани како ставови и/или принципи). Човекот се менува секој ден, во зависност не само од тоа што му се случува попатно, туку пред сé, од начинот на доживување на работите, како и од степенот на спремносста да се надградува. Е сега, тоа со надградувањето и не баш така едноставно и демек “еве, спремна сум и да почнеме”. За свесното надградување или учење од своите но и туѓите грешки, треба малку да се излезе од себе, од оној безбеден круг во кој сите си го имаме раатот и кој ни е бегство од секојдневие. А учење од грешките е за мене најтешкиот дел во процесот на созревање, оти мене секојпат по инерција ми доаѓа да си терам по шемата која ми е веќе позната.
Еве, дури и малку подетална да бидам ќе ви го дадам следниот пример. Сите кога сме прекинувале некаков однос, секогаш сме биле склони да си даваме една нијанса на жртва, еден мал слој на претставување себеси дека не сме (или дека сме помалку) виновни за распадот на односот. Во човечкото битие и во инстинктот за преживување ни е врежано дека треба да се оправдаме себеси за било каков неуспех. Тоа најпрецизно се гледа кај децата кои баш онака експлицитно го кажуваат кога ќе добијат слаба оценка по некој предмет и веднаш ќе се оправдаат (за да не ги караме) со “мене професорот не ме сака”. И сега, ако ги тргнеме настрана оние случаи во кои навистина имате терсене професори кои заради некои лични причини (некакво си минато со родителите на детето) малку ја претеруваат, доаѓаме до суштината на тоа дека и ние возрасните сме си го задржале низ животот тоа мото како оправдание за себе кое го вадиме како џокер од ракав.
За да ви доловам на каде го терам муабетов, ќе почнам од тоа дека изминатиов период со еден мој многу добар пријател (умовите ни се баш близначиња) си правиме ретроспектива на животот, кој до каде е, зошто е таму каде што е, каде би сакале да бидеме, како да го сториме тоа и низа онакви мозок-чешачки муабети во кои (да бидам искрена, оти и двајцата сме такви) уживаме до бескрај. И сега нормално, начнуваме теми кој со кого бил и каде пукнала тиквата, зошто и како тргнале работите во насока која донела крај, за да дојдеме и двајцата до истиот заклучок кој ниту ние го измисливме, ниту е новокомпониран....туку само ни се потврди дека ЗА ТАНГО СЕ ПОТРЕБНИ ДВАЈЦА. И сега си го одмотуваме клопчето кое ни ја прикажува сликата како се однесуваме ние во секој однос кој сме го имале со луѓето со кои сме биле емотивно инволвирани.
Секогаш кога почнуваме врска или некаков однос (сеедно дали емотивен или пријателски), склони сме да идеализираме. Така, не само што не ги гледаме реално луѓето, туку и им придаваме низа особини кои сакаме да ги имаат, ама е дискутабилно дали навистина ги поседуваат. Ова е плус и зачинето со тоа дека секој од нас барем еднаш во животот изглумил дека е нешто што не е, или во најмала рака, ич не се буниме кога гледаме дека другиот има нереална слика за нас. И почнува тангото. За мене некој мисли дека сум кротка, смирена, секогаш тивка и мирна. И наместо тука да кренам рачна и да кажам “Чекај, чекај малку...имам жолти минути во кои не знам како сама со себе да се справам. Знам и да избувнам во нервоза, да, кратко трае ама викам тогаш и сум неподнослива. Башка, ме дрма климакс и некогаш не можам дури ни да дефинирам што ме вади од кожа”, јас дури и влегувам целосно во таа слика, оти сепак, сакам да сум смирена и кротка, тивка и мирна. Првата беља е направена, оти ова оди и во обратна насока, односно, особините кои јас ги придавам некому (а ги нема) се прилично ласкави за да бидат одбиени и некој да ме врати во реалноста со тоа што ќе ми каже “Знаеш Ана, јас сум малку несигурен, ме мава љубомора и еве, на бившата и’ го сторив животот пекол со тоа, ама свесен сум и ќе работам на тоа”.
Како што реков...тангото е започнато. И двајцата имаме искривени слики еден за друг, од пусти страв дека ако си ги кажеме фалинките од прва нема да бидеме сакани. Од сегашен аспект, кога ќе ми текне колку време сум можела да си заштедам себеси, а и на бивши партнер, па да си најдеме и двајцата тоа што навистина ќе нé исполни и направи среќни, ми се плаче. Ама па од друга страна, да не било сето тоа така, да не сме се измачиле и двајцата еден со друг, да не сме се разочарале што од себе што од другиот, веројатно немало ни да одраснеме и да станеме свесни дека пред да почнеме да танцуваме со некого, треба да научиме како се танцува. Сега, со овој ум и со сето искуство собрано низ животот, знам дека ќе бидам брутално искрена што сакам и што не сакам, што можам и што не можам, дали воопшто се нафаќам да се вложам себеси или ќе си гледам дома филмови, наместо да седам некаде на пијачка за да се лажеме со некого. Сега, ако ништо друго, не можам да поднесам да ме мафта било кој кога гледам поинаку, ниту пак можам да подгревам за себе нереални слики оти ми е важно да бидам љубена.
И да, секогаш тиквата пука баш кај оние работи со кои сме се излажале себеси или за кои сме ги излажале другите. Ако сме суетни, тоа не може да се сокрие. Ако е некој насилен, луѓе, па има толку аларми што ич да не чекате да ви покаже на дело колку може да е суров. Ако сме исплашени дека ќе бидеме оставени, сигурно дека ќе гушиме некого со бескрајна потреба да ни се докажува дека ќе остане покрај нас. Ако е некој неодраснат, па ја бара мама во вас, нема да имате партнер со кој ќе терате низ животот, туку уште едно дете за чување. Секој од нас си има болни точки, секој од нас има несигурности, драми во себе и недостатоци. Умешноста е во тоа да сме доволно храбри за да кажеме кои сме и да сме доволно храбри да сослушаме/видиме/си признаеме некој каков е. Секое самозалажување или лажење е бумеранг кој се враќа секако, ама на враќање некако повеќе зема замав и боли.
Од овој аспект, најважно ми е да знам да танцувам сама. Да, за танго се потребни двајца, ама има и музика на која можете супер да си танцувате и сами. И поарно е така, отколку да се нафатите да танцувате на нешто што не знаете како, па да изгазите некого или да ве изгазат. Знам дека колумниве ги читаат различни старосни групи на луѓе и дека оние на моја возраст и повозрасни од мене, ќе знаат точно за што зборувам. За помладите, кои мислат дека можат сé да преживеат (психички), да ви кажам оти и душата некојпат знае да се умори. Затоа, да си ја чувате и негувате, да си ги почитувате границите кои ќе ги почувствувате. Не се оди со секој на јадење, не се оди со секој во постела, не се дели живот со секој и не се игра танго со секој. Сите овие работи се врзани со длабока интима за која треба да одберете и со ум и со срце. И да, еве да ви поврзам и со религијата. Во Библијата имате реченица која вели “Не прави идол, ниту каква слика, од она што е горе на небото, и што е долу на земјата и што е во водата и под земјата; да не им се поклонуваш, ниту да им служиш”. Без да навлегувам многу во кажаново, само ќе ви кажам дека секое идеализирање, неминовно води кон разочарување. Секоја наметната лажна слика, секако нема да трае вечно. Секое започнато танго, еднаш ќе заврши. Целата поента е во следново... кога ќе заврши, дали ќе сакате пак да го започнете со истата личност.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Танцувај низ животот
Полека и сигурно
Смирено, но и со страст
Ете
Навидум тешко е
И навидум едно со друго не оди
Чунки страста треба да е оган
А смиреноста вода на оганот
Та треба да знае човек
Кога оганот да го подгрее
И да разгори, да затопли
А кога троа да го подизгаси
За и тој да не изгори и да не прегори
Танцувај низ животот
Со верба во себе
И да не се плашиш сама да си
Оти некојпат
Танцувањето со себе е поарно
Отколку силен стисок на половината
Од некој кој не знае како да те држи
Ем да си сигурна
Ем да си слободна
Ем да си нечија
Ем своја да останеш
Оти кога танцуваш со некој
Кој не знае како чекорот
Со твојот да го стори како еден
Ќе се мачиш наместо убаво да ти е
И во грч ќе си
Наместо да се опуштиш и да замижиш
Та и умот и телото
Во некоја друга димензија да заминат
Во која само музиката ќе е начин
Во која само музиката ќе е љубов
Танцувај низ животот
Сама кога ќе ти сака така
Со некој, ама не со секој
Танцувај оти така ти дошло
А не оти треба
Не оти мора
И во секој чекор да научиш
Дека балансот е најважен
И дека тој нозете ќе ти ги искрепи
За да знаеш
За да умееш
За да можеш да танцуваш и сама
И да знаеш
Дека музиката е иста
И срцето исто ќе ти е спокојно
А душата исполнета ќе ти биде
Ако танцуваш со љубов во себе
Ако танцуваш со љубов за себе