Заштита на живеалиштето на Балканскиот рис: Ана Чоловиќ Лешоска ја доби престижната награда Голдман

Добивај вести на Viber

Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка во Центарот за истражување иинформирање за животна средина Еко-свест од Скопје, е добитник на престижната награда за животна средина Goldman, која се доделува на активисти од областа на животната средина од сите шест населени континенти. Овојпат, признание добија заслужни граѓани од Чиле, Либерија, Монголија, Куковите Острови, САД и од нашата земја.

Чоловиќ Лешоска по професија е биолог и над две децении активно работи на подигнување на јавната свест за прашања поврзани со животната средина. Наградата ја добива за нејзината повеќегодишна кампања за стопирање на меѓународното финансирање за Бошков мост и Луково поле - две големи хидроцентрали планирани во националниот парк Маврово, со која го заштити живеалиштето на речиси исчезнатиот Балкански рис и многу други ретки и ендемски видови кај нас.

- Во услови кога климатските промени ја загрозуваат безбедноста на нашата храна, нашите домови и нашето здравје, ние стануваме зависни од екосистемските услуги кои ни ги обезбедува природата - за вода, за чист воздух, за храна. Потребно е да обезбедиме повеќе зони за заштита на природа каде нема да биде дозволена изградба на било какви инфраструктурни проекти. Искрено верувам дека можеме да се
развиваме и поинаку со внимателно планирање кое ќе ги вклучи сите засегнати страни - нагласува Чоловиќ Лешоска.

Фото: Си Ен Ен