Застанав кај лузните

Добивај вести на Viber

Дојдов дома, и помина време, раната заздрави и отидов на вадење конци. Да се разбереме спиев со барбиката секоја вечер и освен јас, мајка ми и татко ми никој не смееше да ја игра. Кога ми ги извадија конците, докторот му кажа на татко ми дека убаво ќе зарасне раната, но можеби кога ќе бидам голема убава девојка ќе треба да направам пластична операција за да не се познава лузната. Уште ја носам таа лузна и не ја отстранувам. Кога се случи атентатот на Киро Глигоров, јас изреагирав дека сега и претседателот има дупла веѓа како мојата. Сега се познава само кога сум лута и намрштена. Но, реалноста е дека ја сакам, таа и секоја лузна што ја имам. Ме потсетуваат за изборите кои ги направив од рано детство и патиштата кои ги одбрав за да станам тоа што денес сум. Сите очекуваа дека никогаш повеќе нема да се качам на лулашка. Позади зградата во која живеевме имаше парк со лулашки каде редовно дружевме маалски. Дента откако ми ги извадија конците, облечена во жолт фустан со бела крагна што се врти многу и ми го шиеше мајка ми, отидов сама. Се качив на една од лулашките и не престанав да се лулам два часа. Без престан, појако и појако и најјако. Татко ми излегол да ме бара и кога ме видел седнал на клупа и ме оставил, само ме гледал. Мислам дека човекот во тој момент сфати со кого ќе си има работа до крајот на неговиот живот. За жал, прерано и прелошо ме напушти.

Сад почиње шизење.

Одев во градинка, па целодневна настава па стандард училиште. Тоа беше шемата во мое време. Комунизам. Така знаев дека се вика. Појма немав во тој момент што значи тоа. Генерално бев одговорна учесничка во наставата, и нели бркав петки како секое амбициозно девојче. Арно ама прва оценка ми беше двојка по математика / до ден денешен сме скар / и прво бегање од часови ми беше во целодневна.

Првата наставничка која се сеќавам дека ја обожував се викаше Милосија. Еден ден завршивме порано, беше некој празник па половина од родителите не одеа на работа. Жената праша кој има родители дома, јас кренав рака, таа ме пушти да си одам, јас си се спакував и правец кај другарката во комшии да играме со барбики.

И татко ми завршил со работа и отишол да ме земе од школо. Жената кога го видела буквално паднала и почнала да плаче. Му кажала дека сум си отишла и дека сум рекла дека моите се дома. Души мои бе! Може да го замислите нивото на шок на тие мои родители. Мајка ми не можела да прекине со плачење, татко ми како полудел вртел кругови низ цело маало. Не знам како, но додека го чекала жената да се врати и да одат во полиција, се сетила да заврти телефон кај пријателите и да праша дали сум таму!

Само ми рече седи таму каде што си, татко ти сега трга по тебе!

До дома молчевме, кога стигнавме дома само и рече на мајка ми ти влези во дневна и ќути, зема каиш, ме префрли преку нозе и поштено ме скрши од ќутек. Не плачев додека ме тепаше, си плачев после тоа додека ме гушкаше мајка ми! Тоа беше прв и единствен пат татко ми а крене рака на мене. После се уби од плачење јаден човек, ама со право си беше се!Еднаш заборавив да ја однесам тетратката со домашна во училиште, а се сетив откако ме остави таму. И со цел мој пола памет, се свртев и тргнав накај него на работа. Во тој момент работеше како електричар во болница и реално моето школо со неговото работно место беа околу дваесетина минути пеш. Но само еднш предходно бев отидена кај него на работа, а работеше долу во едни лавиринт ходници што самите тие не се снаоѓаа што е каде. Епа јас се снајдов и со солзи во очи му влегов на човекот во соба! Леле ликот, во истиот момент пребледе, помодре па поцрвене и само ме гушна! И кога му кажав дека заради тетратката дојдов мислам ќе се онесвестеше. Ама па луѓе цела вечер ја пишував таа домашна, како сега да не ја однесам на училиште.

И до ден денешен терам по мое. Често грешам, ама мое си е. Моја одлука, моја будалаштина, мој живот, мои правила. Од првата одлука да се качам на таа лулашка, до последнава што ми го менува моменталниот тек на животот, мои си се, и не ги давам за никој на светот. Среќна сум со себе, среќна сум со последиците на моите одлуки и не се каам за ништо. Да можам да вратам време, пак би ја донела истата одлука, само би си дала совет да не ги сфаќам работите толку сериозно, назад нема и секоја грешка е само чекор напред.

Јас сум Ивана Кнез и ова е за моите и вашите грешки. Непроценливи се, тие ви се учителите во животот.

Се читаме следната недела.