Збор-алтан и збор-сабја
Од дете не зборувам многу, а сега па со пишувањево уште помалку. Тоа што имам да кажам го читате во понеделниците и преку песните, што за мене е исклучително погодено. Бев молчеливо дете, или што би се рекло како во вицот “немав забелешки”, а и секогаш повеќе сакав да слушам отколку да зборувам. Нина моја не зборуваше скоро до 3 години. Имаше некои свои кованици кои гласеа како “то ото” или “што е ова”, “Нина ганда” или “Нина ќе оди во градинка” и отприлика тоа беше тоа, се разбира не земајќи ги предвид кратенките за мама, тато, баба, дедо, вода и слично. Но, колку и да сме слични во некои работи, во моментот кога се пушти да муабети сфатив дека сме ден и ноќ. Колку што сум јас интровертна таа е екстровертна, иако е отпрво срамежлива. И знаете што? Одлично функционираме, јас сакам да слушам а таа сака да зборува (иако, мора да кажам дека е и одличен слушател а и прилично аналитична, па мислам дека уште отсега знае што сака да и’ биде професија). Нејсе, шегата настрана но една од првите работи кои ја учев беше дека мора да внимава што зборува. Не колку туку што, оти имате луѓе кои во реченица од 3 збора ќе најдат начин како да ви го уништат денот, исто како што имате некои кои ќе зборуваат со часови, ама да ви е мерак да ги слушате.
И кога сме веќе кај зборовите, освен онаа преубава мудрост дека треба да молчиш ако немаш некому да кажеш нешто убаво, многу ги сакам и “зборувањето е сребро, а молчењето злато”(која не доаѓа предвид само тогаш кога треба да се кажат нанесени неправди), “зборот дупка не дупнува ама се памти”, “убавиот збор железни врати отвора” и “јазикот е поостар и од сабјата”. И откако веќе се смислени и измислени овие народни думи, кои сигурно не биле кажани туку-така ами од искуство, се прашувам зошто не научивме да ги применуваме кога треба. Оти велам кога треба? Од проста причина што забораваме во дадена ситуација дека некогаш патот до најефикасното решение е избор на наједноставното решение, без многу тапење. Така, склони сме повеќе да се расправаме во автомобилски гужви, на шалтери, во ред пред каса, на лекар, отколку да се присетиме дека навистина убавиот збор ги отвора сите врати, без оглед колку и да се навидум тешки за отворање. А функционира, не дека не. Ви препорачувам да пробате и ќе видите дека сепак љубезноста е најрационален пристап за да завршите работа секаде. Нема човек кој е имун на убав збор, колку и да изгледа дека е груб или зол. И не се раѓаме груби и зли, туку учиме низ животот некогаш да ставиме таква маска на себе од што ни се потсмачило да бидеме третирани без почит.
Порано многу губев нерви во сообраќај, ама премногу. Ми се случува понекогаш и денес, иако брзо се сепнувам и се смирувам. Ама порано! Нема да верувате какви гадости и поганлаци можеле да ми излезат од уста дур сум возела...ај вие, туку и мене не ми се верувало што сум слушала од своја уста. Сега спласнав, нит ќе стасам некаде порано, нит ќе доцнам многу. Нервите си ги чувам, оти ми стануваат се’ поскапоцени. Сега и на грубостите враќам со убост (освен ако не ме чачне некој за дете, фамилија и пријатели) и сфатив дека поголем ефект за да го фати срам другиот од сопствениот лошотилакот е љубезноста, отколку да губите време во караници.
И се’ е ова прекрасно за читање, ама имаме генерално еден голем проблем во земјава кој чинам дека се должи на тоа што сме незадоволни од стандардот и немањето можност за достоинствен живот без грижи. Е, тоа има влијание и врз нашето однесување кон другите.
Читав за жената од Кочани (мајка на 3 деца) која беше избодена 40 пати од својот поранешен партнер кој претходно ја уценувал и заплашувал со компромитирачки фотографии. Трагедија која можеби и можела да биде спречена ако институциите реагирале навреме и ако ја напуштиме ноншалантноста на “Ај сега, не претерувај. Сигурно не е до толку сериозна работата”. Наместо да не’ сепне и згрози тоа што се случи, останав вџашена (како и многумина од вас) кога читав коментари кои одеа од “што барала да има некој кога има деца” до “мора да си го барала, никој не убива туку така”. Не навлегувам во малограѓанштината на муабетот дали имала или немала некој, дали според нечии шупливи критериуми жената ако е разведена или вдовица треба да живее само формално колку да изгледа деца, ниту ќе расправам за тоа колку било морално или не да има компромитирачки фотографии (што и не е ничија работа, а и на најгласните да им ги одземете во моментов телефоните, свашта ќе најдете во нив). Ме порази моќта на зборовите-сабји со кои се доискасапи веќе свирепо убиената жртва. Зборови-сабји кои секогаш ќе останат да лебдат во овој сајбер простор.
Потоа на Женски магазин читав коментари за една наша ТВ водителка која изгледаше сосем симпатично во костим кој датирал уште од времето на нејзината мајка (30 години наназад). Ми се крена косата дека од една сосем бенигна информација нагрна лавина од коментари (за среќа, имаше и коментари кои беа токму во насока дека е срамота да се говорат гадости) со кои водителката беше напаѓана, омаловажена и навредувана. Зошто бе луѓе, зошто?! Па имате избор дали ќе читате нешто или не, дали ќе ја гледате на ТВ или не, контролата и врз компјутерите и врз далечинските е во ваши раце. Ама пуста тастатура трпи се’, сите гадости кои може да ги смисли еден човечки ум.
Па на ред дојдоа муабетите за тоа како треба да одат облечени учениците на училиште (со сите додатоци од пирсинзи, нокти итн). Имајте си го мислењето, кажете си го ако мислите дека треба ама да кажувате дека девојчињата со облеката....пардон, МАЛОЛЕТНИТЕ девојчиња со облеката “просто си бараат да бидат силувани” е за кривично гонење. За трагедиите кои се случуваат во странство, некогаш налетувам дека “така им треба племе едно, сите да умрат”, за вестите за некоја актерка или пејачка дека има нов стан или љубов, не ретки се коментарите дека е “спонзоруша” или дека “се ку*ва со кого стаса”.
И не е поентата дали јас или (пак ќе речам, среќа што се многу) таквите ко мене ќе останеме подзинати и со наткренати желудници од гад, туку поентата е како вам ви се ок стомаците кога пишувате такви гадости! Ете, мене тоа ме чуди и тоа не ми е јасно. Од сите можни убави работи кои можам да ги смислам и кажам некому, да одберам да зборувам поганштини кои ќе ги читаат нивните семејства и/или деца?! Зошто? Не сакам да верувам дека во овие случаи е вистина она што го викаат повозрасните “од себе го вадиш тоа што го носиш”, оти ако е така тогаш имаме голем проблем.
Лесно е да го изговориш зборот, дури полесно е да го изустиш зборот-сабја од зборот-алтан...ама што понатаму и како понатаму? Оти има луѓе кои навистина се поболуваат од поганите зборови, исто како што има луѓе кои здравеат од иљач зборовите. Наше е да одбереме, дали ќе сме некому лек, а некому џелат...јас знам што сакам да бидам, а вие?
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Алтан зборот да ти е
Ко ламба во ноќ да свети
Ко стомна вода за жеден чоек да биди
Ко корка леб во рака на сирак
Ко мирен сон за грешник
Уста ко ќе отвориш мед да потече
Ама пусто за така
За така да биди треба душата чиста да ти е
Ко бистра вода во планина
Ко небо без облаци
Ко снага на мома лична
Ко дете на мајчини гради
Душата да не ти се испогани
Со лоша мисла да не ја храниш
Со завист да не ја поиш
Да ја чуваш ко азно под перница
И одвреме навреме да ја забришуваш
Таму кај шо се заматила да ја светниш
Кај шо лошотилак капнал
Таму пиле да ја замиеш
За да не ми ти го нагризи срцето
Оти најбрзо чоек заборава кој е
Ако душата некаде по пат си ја остави
И не клај некој знак за да се врати по неа
Та после
После години ко ќе минат џабе е
И да ја сретниш пак си заборавил оти твоја била
А и да ја одминеш можеш
Оти ѓаолот веќе си ја зел и по свое ја скроил
Алтан да ти е зборот
Со него да лечиш
Со него љубов да даваш
Некому надеж
Некому љубов
Некому утеха
Ама никому бол да не нанесиш
Оти чоек колку и силен да се прај
Ниту телото
Ниту душата од камен му се
И на дикат си клава
Од умот после на срцето му тежи
Дур еден ден телото не му оболи
Дур болести не го изгризат однатре
Да ми го паметиш ова
Дека зборот знае сабја да биди
Да исечи онаму кај шо нож не можи
Да искини во чоека се’
Ко од хартија да сме сторени
Така можи зборот да те скини
Така можиш некого со збор да скиниш
И не џабе се рекло
Оти зборот треба алтан да ти биди
Поарно премолчи
Поарно на само изнапцуј се
Викај и лути се
Оти еднаш кажан да го голтниш не можиш
Ниту назад да го вратиш
И тебе ќе те боли
Не само оној за кого бил наменет
И тебе на душа ќе ти тежи
И умот таму ќе ти биди
Умен да е чоек
Умни да сме и да знајме во себе СТОП да речиме
Да го замрзниме зборот пред од нас да излези
Оти тој алтан треба да е
И ништо помалку од иљач
Ништо помалку од љубов
Ништо помалку од живот