Здравјето ми беше под знак прашалник: Искрено со Елена Ристеска
Токму во времето на коронакризата, Елена Ристеска се одлучи за нов важен чекор во нејзиниот живот. Поп-ѕвездата од пред неколку месеци е сопственик на своја козметичка линија ЕРА, за која вели дека ја чинела многу непроспани ноќи, а додека да ја финишира својата замисла до крај, и здравјето ѝ било загрозено. Упорноста на Елена се исплатеше, резултатот се машкиот и женскиот парфем со нејзин потпис, во чие креирање се вклулчени луѓе од повеќе земји. Сосема искрена и детална во одговрите, Елена зборува за мирисите кои ја потсетуваат на добрите и на лошите нешта, за покојниот татко, за љубовта и предрасудите со кои ѝ пристапуваат мажите кои ѝ се додворуваат.
* Го памтиш ли моментот кога дојде на идеја, инспирација да ја основаш ЕРА?
- Имаше неколку клучни моменти кои ме поттикнаа да ја основам „ЕРА козметика“, пред две години. Еден клучен момент беше и фактот дека со подигање на цената свесно ги редуцирав концертите, така и оставив повеќе време за новиот бизнис во кој вложувам од нула исклучиво самата јас.
Потоа друг момент во кој ми се роди желба да имам свој бренд беше соработката со „КАД-КАМ Филипови“. Сопствениците на компанијата кои се неверојатно искрени луѓе ми го споделија податокот дека работата на машините им се зголемила за 40% откако објавивме еден пост. За мене тоа беше уште една потврда дека веќе 18 години влијаам на популаризација на туѓите афирмирани и неафирмирани брендови, па така сфатив дека дојде мигот да отворам нешто свое. Всушност, поседување на сопствени брендови е нешто највообичаено за светските јавни личности, скоро не постои пејачка која нема свој парфем или козметички бренд,од Бијонсе, Џеј Ло, до Ријана со својот бренд „Фенти Бјути“ и Кајли Козметикс на Кајли Кардашијан.
Секој сон без брзина на реализација е неостварлив или некој друг побрзо ќе го реализира. Наспроти онаа добро позната фраза: еден ден ќе имам своја фирма, имаше момент во кој сфатив дека треба брзопотезно да отворам фирма. Не утре, не денес, во бизнисот “вчера” е прав термин за старт на бизнис. А инспирација добив од мој пријател од Америка, кој поради еден обичен разговор, наредниот ден отвори фирма и најми канцеларија, тоа беше воодушевувачка брзина на реакција за мене и моментот во кој решив дека веднаш после враќањето од Америка ќе отворам фирма. Се вратив, ја отворив фирмата, па после 35 исцрпни состаноци, после посетата на саемот за козметика во Болоња, преговори со разни фабрики и луѓе од светот на козметиката, макотрпна работа на парфемите 24/7 цели две години заедно со моите технолози и тимот на ЕРА, видео семинари, прочитани наменски книги , 9 месеци барање на вистинското лого и дизајни,(од 10 дизајнери сепак мојата сестра Драгица беше најблиску до идеалното решение за логото и дизајните), одбирање на печатници, амбалажи од Италија,потоа разни тестирања и тестирачки лаборатории, нервози, ноќи непреспани, сертификати, транспортни компании, праќање примероци,состаноци со Америка и Канада до рани утрински часовии, се роди ЕРА козметика. Споменувајќи го тимот навистина има луѓе без кои немаше да биде приказната успешна, меѓу сите нив ќе го истакнам главниот технолог Владо Баевски односно креатор на рецептурите, но и јавно му се заблагодарувам бидејќи во бизнис кој не го познавам, ме насочува како од нула до реализација да стигнам до успехот.Да не беше тој навистина не знам како ќе се снајдев во сосема непозната бранша. Сè уште не можам да поверувам дека сонот ми стана јаве и дека во моментов разговараме за лансирањето на првите два продукти, машки и женски парфем.
* Во моментов, во продажба се женскиот и машкиот парфем. Како оди бизнисот, кој е следниот чекор?
- За старт на нов бизнис можам да кажам дека приказната тргна подобро од очекуваното. Замислете колку е храбро во време на Корона да започнете со нов бренд, особено што немаме своја продавница каде би можеле да го тестираат парфемот купувачите. (Беше планиран и договорен „Сити Мол“ со свој продажен штанд и уште неколку трговски центри на Балканот, но за жал, тој план е во мирување поради ситуацијата со вирусот). Засега има само онлајн продажба насекаде во светот и во неколку салони за убавина, каде што единствено може да се тестира. Во салонот на Даниел Николовски почнавме да го продаваме парфемот како прва локација, па ни се придружија уште неколку салони низ Македонија. Имаме точно развиена стратегија околу секој потег, секоја одлука и принципи на компанијата. Моментално со ПР агенцијата „Промостејџ“ ја реализираме медиумската кампања за парфемите, со тоа што на Јасмина Арсова и на „Промостејџ“ им оставив да го водат пр-от. Кога сме кај нови продукти, се работи на тестирање на два производи, гел за туширање и млеко за тело, со сличен мирис како парфемите. Се работи на уште неколку нови производи , а веќе го тестираме и унисекс парфемот кој ќе биде во лимитирана серија. Фантазијата и соништата нема да запрат тука, се работи и на други брендови под капата на ЕРА брендс.
* Се двоумеше ли пред да ја започнеш работата со козметичката линија, се плашиш ли од нецелосно остварување на плановите со оглед на корона кризата?
- Во процесот на поставување на брендот имав неколку моменти на двоумење во кои дури и помислив да застанам и да оставам сè. Тоа беше резултат на тоа дека се гледав себеси како несомнено се давам до максимум, притоа свој приватен живот немав, освен работа и дома за друго не знаев, здравјето ми беше под знак прашалник, а со многу љубов и бескраен перфекционизам работев на секој детаљ, а спротивно на очекувањата нештата знаеја да стагнираат. Едноставно премногу беше бавно сè’, бавни беа луѓето, и производството, и нарачките, и чекањето беше без крај. Две години не помислував на одмор, шетање и шопинг. Секако бев од старт свесна за жртвата која ја давам за да успеам. Но, кога ќе ме прашаат зошто не работеше музика последниве две години, им одговарам дека книгата која ја пишувам ќе им ги даде сите одговори. И без Корона и со Корона, кога ќе започнеш бизнис мора да си свесен дека сè што си испланирал ќе биде тродупло побавно реализирано. И кога веќе беше подготвено сè за да ги лансирам парфемите се случија карантините и буквално сè застана. Целата возбуда кај мене опадна. Но, кога во вакви вонредни услови луѓето покажуваат голем интерес и го купуваат парфемот, само можам да се радувам на она што следи- поубави времиња за сите нас па и за бизнисите.
* Кој е мирисот кој тебе лично ти буди најубави сеќавања, мирис на личност, мирис на нешто, мирис на време?
- Мирисите ги делам на такви кои ми предизвикуваат сеќавање на убави и на неубави спомени. Мирис на липа ми буди спомени од детството. Кога трчав во маалото дишев со полни гради и паметам колку бев безгрижна. Па, сега кога и да мириснам липи ме потсетува на безгрижното детство. Мирисите потсвесно многу влијаат на нас. Постои еден парфем кој веќе никогаш не го ставив на мене, бидејќи ме потсетува на последното место каде што го имав ставено, погребот на Тоше.
* Името ЕРА се твооте иницијали и името на татко ти Ацко. Да беше жив, што би ти рекол, како би те советувал? Кои негови зборови те водат?
- Секој ден ме водат негови зборови, вредности, принципи и совети. Дури некогаш чувствувам дека ми праќа од “горе” свои соработници, како да ме насочува на некој начин. Луѓето што ги учел да работат, сега се мои соработници. Верувам дека ништо не е случајно. Сè повеќе личам во потезите и во начинот на работа на него. Тој е сè уште тука, во мене и во моето семејство. Внука ми Делфина иако беше мала сè уште се сеќава на дедо Аце, па пред некое време ми вика: „Тета, замисли кога ќе си дојде дедо Аце кога ќе види колку сум пораснала.“
* Како ти помина периодот на карантинот, како живееше во времето кога ти и твоите колеги со месеци немавте ниту еден настан или ангажман?
- На почетокот ми годеше и беше можност да се одморам од работата и да си ги средам домашните обрски, некои работи што ги одложував додека бев со многу работни обврски ги решив, но потоа почнав да се чувствувам клаустрофобично како и сите. Почна психолошки да ни делува на сите сето тоа што се случуваше. И можете да замислите како и беше на амбициозна личност и голем „воркохолик“ како мене да седи дома и да не знае што да прави со себе- екстремно тешко, па дури ми се одрази по здравјето. Но јас сум како камелеон, сепак лесно се адаптирам на новонастанати животни ситуации. Читав, готвев, цртав, пишував книга, пишував песни, се едуцирав за козметиката, запишував идеи и планови за иднината, гледав серии, држев видео состаноци... Флексибилна сум, па така што и да донесе животот, ако е по планот и по молитвите на Бога, го прифаќам.
* Минатата година беше во куса врска за која медиумите доста пишуваа. Дали си сега вљубена, дали имаш партнер?
- Премногу сум вљубена во ЕРА козметика, па кога ги видов парфемите во свои раце се почувствував како да сум родила свои деца, хахаха. Засега сум верна, лојална на работата и нејзин вљубеник, сè додека не одлучам да го отворам срцето и да ја растеретам агендата за нова етапа во мојот живот.
* Во едно наше старо интервју имаш изјавено дека ти е тешко да најдеш партнер, најмногу поради твојата јавна работа која ретко кој би ја разбрал. Дали сè уште си на истиот став?
-Тоа е генерален став за јавните личности, луѓето се полни со предрасуди за нас, не знаат во што да веруваат а во што не од напишаното или кажаното. Не е ни за осуда таквиот став, денес може да се пише сè и сешто за секого без да се сноси одговорност ниту да се има совест дека се влијае на нечија судбина, па луѓето се во заблуда за нас. Но, кога ќе ти пријде потенцијален партнер и ќе те разочара со прашања од типот на: „Сум чул за тебе „тоа и тоа” или вистина ли е “тоа” за тебе“, веднаш сфаќаш дека тоа не е дораснат и доволно реализиран партнер за да можеш да градиш иднина со него. Уште не те запознал тој веќе те осудил со сомнеж. Таквата приказна најчесто не е вистинската. Со целиот тој лавиринт од приказни за нас јавните личности, мислиш лесно е да ти пријде некој сосема нормален партнер?
* Покрај каков маж се замислуваш, покрај каков би можела да остариш?
- Важно ми е да е интелигентен затоа што сум сапиосексуалец и сапиофил. Да е исто така еднакво амбициозен како мене за да не ме влече назад во кариерата. Да растеме и да создаваме заедно, да градиме заедничка империја и успеси. Најголемиот порок да му биде зависност од јадење благо. Да спортуваме заедно. Да има смисла за хумор, бидејќи рецепт за долготраен брак и живот е смеата и интерните шеги.
Да ми биде најдобар другар, бидејќи нели треба да е „брачен другар”. Да можам со него сè да споделам. Безусловно да знае да љуби, бидејќи јас само така умеам. Да му е важна сегашноста , а не минатото или иднината.
Едноставно, јас и тој од едната страна и целиот свет на другата.
Звучеше како оглас? Хахаха..
Милица Џаровска