Жена на месецот: Лабина Митевска, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“
Жените најчесто се дискриминирани во филмот на повеќе нивоа - почнувајќи од стереотипно напишани женски улоги, сексистички прашања кои редовно им се поставуваат на актерките и фактот дека жените ретко се на позициите на креатори на филмски продукции.
Позициите на моќ во големата филмска индустрија генерално се резервирани за мажите, а познато е и дека жените, без разлика дали се актерки или режисерки, сепак се помалку платени од мажите кои работат иста работа.
Секако, произлегува дека жените ретко добиваат награди за своите достигнувања. Но се чини дека нештата се менуваат, на глобално ниво па и кај нас
Актерката и продуцент Лабина Митевска е доказ за тоа.
Таа е ѕвезда која долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еденод најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм
Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено и беше врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.
Особено ми е значајно ова признание бидејќи доаѓа од мојата фела и што ја добивам во овој град во кој се вљубив пред многу години. Веќе триесет години работам во оваа фантастична професија. Да се создаде филм не е воопшто лесно, но продолжуваме и одиме понатаму. Македонија има многу нешта што може да и ги понуди во светската кинематографија. Имаме одлични автори, добри приказни, имаме фантастични локации- вели Митевска.
Лабина Митевска е родена е на 11 октомври 1975 година. Основно и средно училиште завршува во Скопје, а образованието го продолжува на факултетот за Уметност и археологија при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добива стипендија за европскиот колеџ за филмови во Данска, каде се дообразува, а Историја на уметност студира на универзитетот во Тусон, Аризона, САД. Својата актерска кариера, Митевска jа започнува во 1994 година со една од главните улоги во филмот „Пред дождот“ во режија на Милчо Манчевски, филм кој го добива „Златниот лав“ во Венеција, а потоа следат бројни улоги во познати филмови: „Туку така под облака“, „Добредојдовте во Сараево“, „Те сакам тебе“, „Премногу лош така што Балканскиот експрес беше претходно употребен“, „Како убив светец“, „Бубачки“, „Тајната книга“, „Јас сум од Титов Велес“, „Превртено“, „Кога денот немаше име“, „Господ пости, името и е Петрунија“, „Најсреќниот човек на светот…
Покрај актерството, Митевска е автор и на бројни есеи објавени во весници и списанија, зборува чешки, германски и англиски јазик, во два наврати соработувала со режисерот Мајкл Винтерботом, во 2001 година била член на жирито на Фестивалот во Карлови Вари и во неколку наврати беше директор на ИФФК „Браќа Манаки“. Со нејзината сестра Теона С. Митевска и братот, Вук Митевски ја оформуваат продукцијата „Сестри и брат Митевски“ со која снимаат бројни краткометражни и долгометражни играни филмови кои се прикажуваат на фестивалите во Берлин и Венеција. Со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го свртеа вниманието на европската и на светската филмска јавност, и беа меѓу трите финалисти за престижната европска награда „Лукс“. Лабина и Теона, по поддршката која ја добија од Еуримаж, Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево го завршија последниот проект, филмот „Најсреќниот човек на светот“ по сценарио на Елма Татарагиќ, кој беше избран за македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.
Н. ТолескиФото: Официјални фотографии на фестивалот „Браќа Манаки“