Жена на месецот- Кристина Камчева- Стојческа: Успехот секогаш е најубав кога се споделува
Во изминатите неколку децении, забележливо е зголемување на бројот на жени на раководни позиции, иако тоа може да се смета за прилично нерамномерно. Жените го презедоа раководството на големите и влијателни компании (GM, IBM, Lockheed Martin) и глобалните институции (ММФ, Светска банка, Европската банка). Жените се исто така извршни директори на триесет и седум компании од Fortune 500, како и лидери на деветнаесет земји.
Женското лидерство повеќе не е само тема на научни трудови, туку важен дел од јавниот дискурс и феномен кој добива се повеќе внимание.
Излегувајќи од митолошката рамка во која жената беше заробена со години, концептот на женско лидерство првично се поврзува со повеќедецениската фрустрација на жените поради неможноста за професионално напредување, како и со недоволните можности женските гласови да се слушнат во места каде се носат стратешките одлуки.
Почетокот на дваесет и првиот век претставува пресвртница која жените ширум светот ја препознаа како можност да ја зајакнат својата позиција и да ги надминат сомнежите за нивната способност да водат. Таквата ситуација доведе многу жени да станат сè повеќе загрижени за тоа што можат да понудат како лидери, како и за начините на кои нивниот личен успех може да придонесе за нивните организации.
Истражувањата покажуваат дека женското лидерство често се поврзува со деловен неуспех на мажите кои се двоумат да преземат одговорност кога ќе почувствуваат таков исход, па затоа жените лидери се повикани да го преземат кормилото.
Но, она што е неопходно е жените лидери да добијат поддршка да артикулираат и да дејствуваат во согласност со нивните компетенции и вештини, како и да се фокусираат на надминување на пречките во креирањето на посакуваната кариера. Да инспирираат, да водат, да бидат силни... всушност сето она што отсекогаш биле, а не им било овозможено.
Кристина Камчева – Стојческа е претседател на Одбор на директори на Орка Холдинг. Таа е жена лидерка која не само што се фокусира на одредени проблеми и предизвици, туку пред себе ја става и визијата за тоа како ќе биде утре. Проблемите ги решава, предизвиците ги прифаќа, визијата до сега се докажа дека е вистинска, а таа оди напред, во нови победи, со нови успеси, со нови видици, притоа не заборавајќи дека жената на жена најмногу може да ѝ помогне. Таа тоа го прави...
Токму за месец декември 2023, Женски магазин ја избра за жена на месецот.
Еве кои се нејзините размислувања и ставови за одредени прашања:
ЖМ: Што претставува за вас
домот? Во денешно време кога се живее
брзо, дали дома го
наоѓате мирот?
Домот е местото каде што започнува и завршува денот, всушност, место од каде што започнува и завршува сѐ во животот. За мене, домот асоцира на едно пријатно засолниште кое го креираш по сопствени вкусови и желби, а заедно со членовите на семејството му ја даваш топлината. Убавата храна и топлата кујна се она што го прават домот посебен.Со сигурност можам да кажам дека најудобно и најсвоја се чувствувам во мојот дом, во кој ја имам вложено сета моја енергија. По бурното секојдневје, тука го наоѓам мирот, но оттука и ја црпам сета моја позитивна енергија за следното утро и генерално за исполнување на следните цели и предизвици.
ЖМ: Дали пред новогодишните празници Вашиот дом е накитен и како?
Новогодишните празници отсекогаш биле повод за позитивна атмосфера и радост во домот. Оние што ме познаваат, знаат колку ме исполнува сѐ што е поврзано со новогодишното украсување, подготовка на подароци и самиот чин на делење на подароците на луѓето што ми значат. За време на празниците со семејството си подаруваме време и љубов, разговараме за сето она што нѐ направило горди и среќни изминатата година, учиме од грешките, правиме планови за следната година.Овие денови се навистина посебни за нас. Секоја година го украсуваме домот и тоа е ритуал што ја надополнува новогодишната магија.
ЖМ: Што е успех? Дали на жената денес сѐуште не ѝ се простува успехот?
Нема посебна дефиниција за успех, мислам дека секој лично за себе има поставено сопствени критериуми и сопствени цели кои стреми да ги исполни. Според мене, успех е да те исполнува она што го работиш, да постигнуваш позитивни резултати, да создаваш дела со кои ќе се гордееш. Во денешно време успех е да имаш вистински пријатели што те разбираат, те поддржуваат и се секогаш тука кога ти се потребни. Успехот секогаш е најубав кога се споделува. Успех е кога гледаш дека децата се на вистинскиот пат, кога гледаш дека растат безгрижно и знаат што сакаат во животот…
Свесна сум дека сѐ уште постојат родови стереотипи и дека успехот полесно се прифаќа кај мажите, но секоја успешна жена го докажува спротивното, дека луѓето треба да се ценат според своите квалитети.
ЖМ: Како ја гледате македонската жена од денешна перспектива?
И покрај секојдневните примери за успешни жени лидери, сметам дека кај нас борбата за родовата еднаквост сè уште трае и иако постојат напори, сè уште не можеме да излеземе од патријархалната матрица. Македонските жени се успешни, реализирани и подготвени за промени и со секојдневни примери го докажуваат тоа. Потребни се институционална поддршка и промена на генералната свест за прифаќање на жената во секоја сфера од општеството. Оптимист сум и се надевам дека во иднина следуваат подобри денови. Од свое искуство, можам да кажам дека ние како сериозен работодавец во земјава, целосно ги елиминиравме родовите стереотипи и секоја личност во компаниите на нашата групација се вреднува според сопствените квалификации. Сметам дека тоа треба да биде пример и за другите компании и само на тој начин можеме да придонесеме за квалитетни промени во начинот на перцепција на жената и нејзините квалитети.
ЖМ: На кој проект сте особено гордa во 2023 година?
Горда сум генерално на сите мои професионални и лични достигнувања, така што 2023 година ја заокружувам со убави спомени. Оваа година за мене беше година на многу нови почетоци. Јас и мојот тим неуморно работевме во реализација на неколку проекти и се надевам дека во новата година ќе можеме да бидеме задоволни од резултатите.
ЖМ: Ваша поттикнувачка порака за сите жени и секако, новогодишна порака...
Мојата порака до сите жени е да бидат свои, да се сакаат и почитуваат себеси, да го живеат својот сон. Да бидеме поддршка едни на други, да учиме едни од други и заедно да создаваме подобра верзија од себе. Жените можат и умеат да бидат лидери, да создаваат тимови на доверба, да постигнуваат успеси и на тоа не треба да се гледа како на некое посебно достигнување поради фактот дека е жена, туку напротив, треба успехот да се прифаќа бидејќи е вистински заслужен.
Мојата желба е новата година да биде уште една успешна година во која ќе успееме да го истакнеме нашиот потенцијал, да се бориме со родовите стереотипи и да му покажеме на светот дека можеме да се носиме со вистински предизвици.
Небојша Толески