Жена на месецот: Андријана Јаневска - Успехот не се мери по тоа колку имот сме стекнале
Женски Магазин започна со претставување на дами кои се двигатели и најдобри во она што го создаваат и работат. За секој месец, до крајот на годината ќе ви претставуваме по една таква жена.
Овојпат, за жена за месец август 2023 година ја избираме Андријана Јаневска.
Пејачка, професорка на ФМУ, прва виолина и пред сè мајка и сопруга, Андријана Јаневска е скромна дама со многу епитети, кои гордо ги носи.
Покрај сето ова таа е жена со неверојатна убавина и извајано тело, а и авантуристички дух кои ѝ овозможува да вози мотор по цел свет.
Овој месец таа го освои првото место на натпреварот организиран од ЗАДА рекордс (САД), на кој се избираше најдобар пејач/пејачка од цел свет во минатите неколку месеци.
За Женски Магазин одговори на неколку прашања за нејзиниот живот:
ЖМ: Како се чувствувате по признанието за најдобра пејачка во светот, што посебно Ве радува?
- Се чувствувам прекрасно, но не толку поради самата награда колку заради поддршката од македонскиот народ кој покажа дека му е преку глава од негативни вести и дека сака да се радува.
ЖМ: Која е Андријана приватно? Опишете ни се со една реченица.
- Љубопитна оптимистка и авантуристка која сака да истражува и секојдневно да учи нови вештини, вљубеник во природата, уметноста и спортот, 100% посветена мајка со детско срце.
ЖМ: Дали сметате дека мажите се плашат од силни жени, како Вас, кои знаат и сами да се качат на мотор и бестрашно да отпатуваат некаде, да бидат независни?
- Напротив, мислам дека тоа е заблуда. Сепак, не се сите мажи исти.
ЖМ: Koj и што Ве мотивира? Мисла која Ве води низ животот?
- Ме води самата љубов кон животот, моментите поминати со моето семејство, благодарноста за секој нов подарен ден и привилегијата да се разбудам жива и здрава.
ЖМ: Тајната за баланс меѓу приватните и деловните обврски?
- Одговорот се крие во прашањето. Токму во балансот е тајната. Проценувам што е во моментот приоритетно и кон тоа ја насочувам енергијата и времето. Кога се родија моите деца, пеењето го ставив на пауза бидејќи секое детенце има потреба од мајка која ќе биде покрај него.
ЖМ: Што е за Вас дефиницијата за успешна и убава жена? На која таква се одгледувате?
- Убавината е во умереноста и во ништо да не се претерува. Секоја насмеана и среќна жена е убава. Успехот не се мери по тоа колку имот сме стекнале или колку пари сме заработиле, туку по тоа колку сме успеале да го разбудиме и развиеме најдоброто во себеси. Само на тој начин можеме да бидеме среќни и да се радуваме и на наједноставните работи во животот.
*Д.Караташова Илиоска