Жена на месецот: Билјана Караманолевска-среќни и насмеани деца се нејзина водилка
Многу жени се прашуваат дали е возможно да имате „сè“ - да бидете добра мајка и партнерка, да имате чиста куќа, кариера и да не се жртвувате себеси и своите потреби. Одговорот е дека не е невозможно.
Женски магазин започна со претставување на дами кои се двигатели и најдобри во она што го создаваат и работат. За секој месец, до крајот на годината ќе ви претставуваме по една таква жена.
Овојпат, жена за месец април 2023 година ја избираме Билјана Караманолевска.
Таа е на чело на приватните градинки „Светот на колорес“ веќе седма година .Тие се институција која ги помести границите на предучилишно воспитание, со специфичниот концепт на работа.
Во нивната градинка природата е основен јазик на комуникација. Секојдневните прошетки се составен дел од нивната програма. Секое дете е научник на свој начин, а тие тоа го овозможуваат. Социјализацијата кај децата се развива полесно, учат да бидат истражувачи, меѓусебно комуницираат, соработуваат, споделуваат, имаат интеракција.
А, зошто Билјана ја избираме за жена на месец април, читате во редовите подолу.
* Билјана Караманолевска, Вие сте генерален менаџер на Приватните градинки „Светот на Колорес“. Неколку години успешно ја градите Вашата приказна, кажете ни која е вашата формула за успех?
- Во животот не постои посебна формула за успех. Многу е важно да сфатите кој сте, што сакате и што ви е потребно за да бидете среќни. Среќата е насекаде околу нас и цврсто секаде ја носиме во себе и со себе.
А, успехот е оној кој доаѓа заедно со среќата. Да се биде успешен потребна е голема посветеност во работата, менаџирање и креирање на успешен тим со кој заеднички градиме успех.
* Препознатливи сте по посебниот начин за грижа и едукација на децата, од каде црпите инспирација за различните активности?
- Највредното и најскапоценото нешто на овој свет е насмевката на децата. Весели, задоволни, среќни и насмеани деца се мојата инспирација за секоја активност. Едукацијата на децата секогаш е насочена преку игра. Играта е таа која на децата на забавен и интересен начин им ја пренесува содржината на темата која се обработува. Во подготовката на активностите секогаш се вклучени децата со својата идеја и креација. Активностите се насочени зависно возраста на детето и секогаш претставени сликовито во форма на проект или физичко и визулено претставување доколку е тоа можно.
* Единствени сте во ,,училницата на отворено“. Колку овој начин на одржување активности е лесен за спроведување и кои се придобивките од истиот?
- Во нашите градинки, надворешните активности се секојдневие. Природата е нашата втора занимална, место каде децата ги развиваат своите вештини, се осамостојуваат и ја зголемуваат самодовербата. Во нашите градинки децата сакаме да бидат деца. Да уживаат во детската игра и детските моменти. Нашата специфичност е тоа што во програмата за работа се вклучени еднодневни прошетки во и надвор од Скопје, при што подобро се запознаваме со околината во која живееме. Со овие прошетки го поттикнуваме истражувачкиот дух кај децата, полесно се социјализираат, имаат желба да истражуваат и набљудуваат...Едноставно кажано, среќни деца.
* Често имате хуманитарни акции и настани. Ја покажувате хуманоста на дело секогаш. Колку сте горди на оваа ваша особина?
- Најважната животна лекција е да се биде човек. Хуманите вредности се градат уште од најрана возраст. Да споделиш и подадеш рака со оние кои имаат помалку се учи додека сме мали. Хуманоста ја отсликува големината на еден човек. Таа е дел од животната етика. Да бидеш хуман значи да подадеш рака кога е најпотребно и во било кој момент. Секое сторено дело е добро дело. Помагањето без разлика дали е материјално или морално, поддршка, совет или утеха е човечка особина која ги гради односите помеѓу нас луѓето. Со голема гордост апелирам до сите граѓани и компании: „Да бидеме хумани, нека хуманоста биде наша движечка сила. Заеднички да помогнеме и направиме мали промени за посреќно и поздраво општество“.
*Која е Билјана Караманолевска приватно, што значи да се биде успешна жена менаџер и која е всушност тајната за баланс меѓу приватните и деловните обврски?
- И на приватен и на професионален план пред сѐ сум независна и самоуверена жена! Сопруга и мајка на две прекрасни деца. Успешна во она што го работам како резултат на љубовта кон работата и децата. Секогаш спремна да ги прифатам ризиците и храбро и одлучно да се носам со нив. Постојано водена од нови идеи и нови предизвици.
Тајната за балансот меѓу приватните и деловните обврски е мојата енергија. Моќ со која сама пред себеси се докажувам. Мојата фамилија е мојот најголем благослов. Семејството е моето рамо на кое секогаш и во било кое време можам да се потпрам. Кога сме заедно, имаме сѐ .
*Колку е напорен вашиот работен ден и како успевате да ги наполните батериите во слободните мигови?
- Секој успех доаѓа со решителност и напорно работење. Успехот е загарантиран само доколку работата нѐ исполнува. Мојот работен ден поминува како песна. Секојдневно опкружена со многу деца и детски насмевки, времето поминува брзо. Денот скоро никогаш не е напорен и тежок. Но, сепак работата со деца е сериозна работа и секогаш концентрацијата и вниманието мора да се тука. Преку недела секогаш сум на работа и присутна во градинките. Викендите практикувам да ги поминувам со фамилијата. Всушност така се релаксирам од секојдневните обврски и полнам батерии за нови предизвици.
* Како професионалец кој неколку години води успешно свој приватен бизнис, кажете ни што е пресудно за напредок на жената во кариерата?
- Секоја индивидуа со свој план, идеја и посветеност може да успее во реализација на секој проект. Храбри чекори мора да се превземат, бидејќи се единствениот пат кон успехот.
Бидете самостојни, верувајте и бидете упорни во тоа што го работите, само така ќе успеете да чекорите по патот наречен успех.
Ирена Ставрова