Жена на месецот: Благица Зикова, мајката која роди четворка- „Сакавме две, Бог нѝ подари четири"
Овојпат, за жена за месец октомври 2023 година ја избираме Благица Зикова. Таа е дамата од Штип за која слушна цела Македонија, по прекрасната вест дека стана мајка на четворка.
Имено Благица и нејзиниот сопруг Александар Зиков станаа родители на Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина - кои се родија во 31-вата недела од бременоста на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Новороденчињата сега се во инкубатор, бидејќи се родени со тежина од килограм и 150 грама до килограм и 350 грама, а се долги 31 сантиметар, инаку се зачнати со ин витро на клиника во Турција.
Тазе мајката за Женски Магазин сподели дел од својот живот.
* Како се чувствувате сега кога се остваривте како мајка на четири дечиња?
- Чувството да бидеш мајка на четири дечиња е неописливо, ова чудо што ни се случи на нас е волшебно, нешто посакувано долги четири години. Измешани емоции на среќа, радост, преголема желба да станеш родител.
Како велат постарите ако вашата желба е преголема, Господ ви подарува. Нашата желба беше да имаме две дечиња, но Господ ни подари уште две мали душички.
* Што е за Вас дефиницијата за успешна и убава жена? На која таква се одгледувате?
- За да бидеш убава и успешна жена пред сѐ треба да имаш поддршка од партнерот, исто така дечиња создадени од љубов и разбирање. Надворешната убавина и статусот се небитни кога си остварена како жена, а особено како мајка. Убавината и статусот полека избледуваат, но улогата на мајка и жена остануваат додека си жива.
Јас се одгледував на мојата мајка, за жал не е жива да ја осети оваа радост, која како лавица цел живот се бореше за нејзините шест деца. Беше најдобрата мајка на светот, посветена на своите деца, која го жртвуваше својот живот за ние да бидеме добри да имаме сѐ, ништо да не ни фали во живото. Ја имавме нејзината поддршка, љубовта, најверниот другар што ти е потребен додека растеш.
* Koj и што Ве мотивира? Мисла која Ве води низ животот?
- Во животот секогаш се водев по чувството како ми вели срцето и желбата да бидеш добар човек. Сакав да бидам борбена жена како мајка ми и успеав. Ги имам моите бебиња, се остварив како мајка со преголема желба и радост.
*Д.Караташова Илиоска