Жена на месецот: Единствената Каролина, дамата која поместува граници

Добивај вести на Viber

Силни жени, независни жени, иако често сложени и резервирани. Тие се разликуваат по нивните индивидуални способности и интереси, но имаат слични особини.

Што имаат заедничко? Тие не се статус кво. Тие се самоуверени и бескомпромисни во однос на своите доблести, непретенциозни, со длабоко вкоренети убедувања.

Силните жени се прогресивни. Поради ова, тие се принудени да бидат итри, проактивни, разумни, прагматични и не се плашат од предизвици. Поради нивната тенденција да водат, тие не се меѓу оние кои ги следат масите.

Овие жени се способни да бидат сами, но се доволно проникливи за да разберат кога им треба помош и доволно храбри да ја побараат. Тие се координирани и уредни. Ќе ги признаат и ќе се извинат за своите грешки, недостатоци и заблуди. Тие сигурно знаат дека никој не е совршен, вклучувајќи ги и нив.

Силните жени знаат да кажат не и без извинување. Жена која вели „не“ а тоа го мисли, значи дека е искрена. Таа нема да ви каже „да“ само за да ве смири.

Ние имаме вакви жени! Ги туркаат границите, создаваат, пленат, освојуваат нови височини, се борат... Најчесто се инспирација со нивната силина, претставена на најразлични начини. 

Женски магазин започнува со претставување на дами кои се двигатели и најдобри во она што го создаваат и работат. За секој месец, до крајот на годината ќе ви претставуваме по една таква жена. 

Овојпат, жена за месец јануари 2023 година (иако таа е жена за сите времиња) ја избираме поп дивата Каролина Гочева. Покрај нејзината посебност и квалитети кои ни се добро познати, оваа година таа ја започна работно, со двата концерта во Националната опера и балет, со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски. И 2022 година ја испрати работно, со 5 концерти со истиот тим и проектот „Песни за љубов и копнеж“. Стана единствната Македонка на која тоа ѝ успеало. Распродадени во рекордно време, концертите беа мелем за уво, а Каролина покажа дека е токму како виното... Овој месец заработи и номинација за надобра пејачка на балканските MAC награди кои се одржаа во Белград. Имаше спектакуларен настап со песната "Ти си мој" и многумина го споредија со оние на најпознатите светски ѕвезди.

Скромна и галантна истовремено, беше воодушевена кога и кажавме дека ја избравме за жена на месец јануари. Позборувавме за концертите, настапите и женската сила...

*Многумина твојот настап на MAC наградите го искоментираа како светски и моќен, дали ти се чувствуваше така додека пееше? 

-Благодарам! Навистина сите, (и ние од овде и тие од таму) се потрудивме за тоа да изгледа така затоа што имавме само една проба и немаше баш многу простор за импровизација и сега можам слободно да кажам дека сите сме многу задоволни од крајниот резултат. 


*Според тебе, што е најголемата женска сила? 

-Најголемата женска сила е мудроста, истрајноста, издржливоста, безусловната љубов која ја имаме за своите најблиски, способноста да ги совладаме и најнепредвидливите препреки.


* Со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски одржавте седум концерти за неполни две недели. Има ли моменти кога си изморена, кога се сомневаш - дали зацртаната цел ќе ја оствариш квалитетно како што си ја замислила, како доаѓаш до посакуваниот резултат? 

-Концертите не ме изморуваат, баш напротив, ми даваат огромна енергија и смисол на се она што претходно сум сработела. Секако дека на моменти знае да се појави и умор и сомнеж, но нема застанување додека не се оствари зацртаното. Соработниците ме „зезаат“ дека кога почнуваме со работа, проби, снимања, не сакам да чујам за пауза додека не завршиме тоа што сме испланирале. (се смее) Но, работам со многу љубов и искрено ништо не ми паѓа тешко.


*Постои ли универзален совет за успех, за сите жени кои сакаат да бидат среќи и успешни.

-Нема универзален совет за успех…само работа, посветеност, по малку верба во себе и секако по малку среќа.

Н. Толески, М.Џаровска

Фото: Инстаграм