Жена на жена класичен bullying

Добивај вести на Viber

Поттикната од 8 март, Кајли Џенер и безброј коментари на социјалните мрежи на феминистки кои плукаат јавно по сите други „нефеминистки“, решив оваа колумна да ја посветам на тоа.

Да започнам со Кајли, билионот и независните жени.

Откако одекна веста дека Кајли Џенер со својата колекција шминки се најде на листата на најмладите билионери според Форбес, читаме многубројни коментари по социјалните мрежи. „Не го изградила бизнисот сама“, „Имала поддршка од дома“..

Ова ме потсети на еден самит во Тел Авив кадешто еден од гостите беше и познатата израелска манекенка Бар Рефаели која што денес има свој стартап „Каролина Лемке“ за очила за сонце. На прашањето на кој се одушевува, таа одговори дека инспирација ѝ е Ким Кардашиан поради империјата која ја изградила. До мене седеше една девојка, која прокоментира дека Бар Рефаели и изјавите од овој тип се навреда за женскиот род и сите бизнис жени. Не ѝ одговорив ништо.

Еден мој пријател и познат сериски претприемач, Еван Лутра, на оваа тема вчера напиша: „Ќе Ви дадам на 10 од Вас по 100.000 $ и сите ќе се вратите во минус. Не го потценувајте тоа што таа го постигна. Јасно е дека имала помош, но не е лесно да станеш билионер дури и кога ти се дадени 500 милиони и целта е да ги дуплирате. Дури и ако ѝ биле дадени пари, сите нејзини сестри имаа иста можност, но ниедна од нив не стигна до тоа што таа го постигна. Да не заборавиме дека илјадници се родени со многу пари, па не се ни блиску до првиот билион. Почитувајте го тоа што таа го направи и не сејте омраза само за тоа што е Кајли Џенер.“

По повод 8-ми март активни се голем број настани кои имаат за цел да мотивираат и да инспирираат жени и девојки. Но, социјалните мрежи се препплавени од коментари на феминисти кои активно „плукаат“ по сите оние кои ќе изјават дека не се чуствуваат нерамноправни во ова општество во 21-от век.

Да не се лажеме, денес секој може да си го промени полот, жената може да стане маж, мажот жена и никому ништо. Позицијата на жената зависи од самата жена.

Што е феминизам? Политички движења, идеологии и општествени движења што имаат заедничка цел: да дефинираат, воспостават и постигнат политичка, економска, лична и опшествена еднаквост помеѓу половите.

Па зарем тие што НЕ се чуствуваат НЕЕДНАКВИ се против ова?!  Не си поголем феминист ако активно плукаш по сите жени на социјалните мрежи. Промените во опшеството не се решаваат на социјалните мрежи. Промените во општеството се решаваат со секој чекор што ние како жени го превземаме во нашиот живот. Дали ќе дозволиме некој да не' третира лошо, да не' омаловажува, да не' дискриминира, да не' тепа? Тоа зависи само од тебе, драга моја.

И за крај, не ги разбирам оние кои се залагаат за феминизам, каде што основниот принцип на движењето е почит према жената, а притоа тие самите не покажуваат почит према други жени. Жена на жена, класичен bullying.

* Аријана Коскарова е ко-основач на Creative Hub и Forbes Under 30 Europe 2019