Жените - недоволно застапени на лидерски позиции: Работите се придвижуваат, но патот до родова еднаквост е далеку!

Проблемот со родовата еднаквост е една од најголемите теми на денешницата. За тоа не се зборува доволно. Овој проблем сѐ уште е длабоко присутен и во нашата држава.

Многумина веруваат дека родовата еднаквост се рефлектира во тоа колку жената е вклучена во политиката и колку жени се на некои високи позиции. Има вистина во тоа, но тоа е само еден сегмент. Секако, кога гледаме дека има се повеќе жени во политиката, се мисли дека како општество се менуваме и како такви сфаќаме дека положбата на сите нас треба да биде еднаква. Од друга страна, има и други области во кои може да се забележи полошиот статус на жената во однос на мажите. На пример, во спортот жените не се платени исто како и мажите (тенис, фудбал, кошарка). Некои работи се повеќе „за жени“ (козметика или фризерство) и затоа на повеќето им е чудно ако мажот почне да се занимава со такви работи. Од друга страна, на пример, возењето такси се смета за „машка работа“, па затоа е невообичаено да се види жена таксист. Тоа е нешто што општеството ни го наметна и не натера да размислуваме така. Затоа е важно да се зборува за родовата еднаквост, и за таа еднаквост што треба да биде приоритет во општеството.

Пред сè, родовата еднаквост подразбира еднаквост на мажите и жените во општествениот живот. Поточно, окупацијата на еднаков статус во општеството од страна на мажите и жените. Нееднаквоста меѓу жените и мажите сè уште постои, а особено на пазарот на трудот.

Сепак, и по век и половина унапредување на правата, повеќето општества во светот сѐ уште бараат начини за подобрување на положбата на жените и обезбедување еднакви правила на игра за сите.

Еднаквоста меѓу жените и мажите е еден од основните принципи и на Европската унија. ЕУ постигна значителен напредок на полето на родовата еднаквост во последните децении. Сепак, сè уште постојат родови разлики: има премногу жени во пониско платените сектори на пазарот на трудот и тие се недоволно застапени на позициите за одлучување.

Половите разлики во образованието сè уште се присутни. Повеќе жени отколку мажи имаат високо образование, но сепак е поголема веројатноста да се образуваат во области поврзани со традиционалните женски улоги, како што е грижата, и се недоволно застапени во области како што се науката и инженерството. Родовата нееднаквост доаѓа до израз и покажува дека жените се недоволно застапени и на лидерски позиции во различни области: политика, економија, наука и истражување.

Како подобрите од нас го решиле ова прашање на поделба на моќта и одговорноста? За пример ќе ја земеме Шведска.

Во таа земја родовата еднаквост никогаш не е туркана со сила, со квоти или некакви политички декрети.

Заменик-градоначалничка во Малме Сара Ветергрен потенцира дека околу тоа се води голема дебата, посебно за одборите во големи компании.

„Кога е политиката во прашање, имаше дискусии за тоа, особено во минатото, за тоа дали политиката е доминантно машка или женска, но никогаш не го применивме тоа. Мислам дека со самото тоа што ја имавме дискусијата придонесовме многу. Денес, како што можеме да видиме, состојбата е мошне еднаква кога станува збор за мажите и жените во политиката“, потенцира Ветергрен.

Ана Лена Бом, претседателка на Комитетот за мали и средни претпријатија на Бизнис Европа, Шведска има став дека политичарите не треба да решаваат за еднаквоста во професионалниот живот, и според неа пазарот треба да одлучи, и луѓето што работат таму.

Во Македонија има високо образован женски кадар во изминатие 19 години, но бројот на жени на лидерски позиции во политиката е катастрофално низок .

Генералната менаџерка на агенцијата Марили, Лидија Трипуноска вели дека од 2000 до 2019, тој процент е 59% во однос на машкиот пол, а минатата година статистиката за жени со магистерски студии изнесувал 61,01% , за докторки дисертации изнесувал 59%, кога тоа ќе се спореди со само 33% жени на лидерски односно меаџерски управувачки позиции доаѓаме до сознание дека можностите за напредување на високи позиции на жени се дупло помали во однос на она што го имаме како образование.

Она што претставува еден вид кочница е маргинализацијата . Бадијала се сите признаени права на жените и тие се дел од сите процеси, ако нивното учество не е реално туку само со формално влијание.

Во однос на погоренаведеното, Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска вели дека не е доволно само да бидат пристуни туку и да можат и да влијаат на она што подразбира одлука на начинот со кој ќе се обликува едно општество.

„Тие не се во состојба, односно, немаат доволно моќ заради ова појава да влијаат на околностите кои подразбираат и секојдневно живеење и искористување на општествените ресурси“, посочува Савовска.

Колку политичките партии можат да променат нешто и да го зголемат бројот на жени на одлучувачки позиции? Поважна е волјата отколку полнењето на квотите...  Имаме мал број на министерки и градоначалнички.

Пратеничката од ДУИ, Арта Биљали Зендели вели дека никогаш не би сакала да се гледа себе си како квота.

„Мислам дека единствен механизам за упнапредување на ова позиција за жал е само воведување на квотите во тие позиции и гледаме дека во Собранието и во советничките листи на општините имаме поголема застапеност на жените и тоа доаѓа како резултат на квотите кои што ги бара изборниот законик“, посочува Зендели.

Улогата на жените во домот и семејството не се губи ако некаде во светот има повеќе можности за професионален развој. Чист доказ за ова е фактот за наталитетот во Шведска кој е меѓу највисоките во Европа, односно на второ место на листата зад Франција.

На ова прашање Сара Ветергрен вели дека можностите што во Шведска ги имаат жените за да градат кариери, во политиката или во друга област, доаѓаат од бесплатната грижа за децата .

„Парите не се пречка, ако сакате да градите кариера имате задолжително и бесплатно згрижување на децата, каде што можете да ги оставите откако ќе наполнат една година, и тоа е од голема помош. Би рекла дека системот на социјална заштита, онака како што е направен во Шведска, им овозможи на жените да градат кариери. И мислам дека тоа е клучниот фактор, вели Ветергрен.

Ана Лена Бом, како претседателка на Комитетот за мали и средни претпријатија на Бизнис Европа, Шведска додава пак дека грижата за децата, како и породилното отсуство, кое што мора да биде поделено до одреден степен меѓу родителите, или тие можат да избираат кој родител ќе биде на отсуство и како да го поделат било од голема корист.

Во Шведска општеството не наметнува никакви улоги, напротив високо развиениот социјален систем на сите деца подеднакво им се всадува идеја дека можат да постигнат нешто во животот и професијата. Посебно сега се размислува за унапредување на тој систем кој ќе им биде од голема помош на жените кои стартуваат бизнис.

Ана Лена Бом објаснува дека проблем имаат помладите жени, кога се на возраст на која основаат семејство.

„Тогаш тие се воздржуваат од спроведувањето на своите бизнис идеи, бидејќи нема мрежи за социјална сигрност за нив. Тие не се направени за претприемачи. Направени се за вработени. Особено кога имате нов стартап бизнис, да го земеме тоа како пример. Ако имате нов стартап, голема е веројатноста дека ќе немате плата во првите две години, или барем во првата година, бидејќи вашиот бизнис е во почетна фаза. И ако тогаш треба да одите на породилно отсуство, тогаш немате сигурни приходи за време на тоа отсуство“, вели Ана.

Мерките и системските решенија клучни во поддршката на жените-Не ни требаат одлуки само на лист хартија

Пратеничката од СДСМ Калеска Ванчева вели дека креирањето на реални политики за поддршка е многу важно.

„Значи борбата за поддршка преку вистинско згрижување на децата, потоа преку флексибилното работно време, грижата за возрасните и секако да се изедначи платеноста на трудот бидејќи факт е и тоа не е само кај нас туку е во целиот свет дека жените се помалку платени за ист вложен труд, за иста позиција работна“, додава таа.

Патот до целта уште е многу долг

И покрај години на борба за еднаквост и место во политиката , женскиот пол уште се бори да биде еднакво третиран и почитуван.

Говорот на омраза е многу повеќе застапен према жените политичарки отколку према мажите политичари, вели пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Жаклина Пешевска.

Според неа стигматизацијата на жената во нашево општество е на многу повиско ниво отколку стигматизацијата кон мажите и токму од тој момент дека нема доверба оти жените можат да бидат успешни на политичките функции , многу е полесно да сретнете напад врз жена, како тоа изгледа, каква фризура има, каква облека носи.

Од друга страна, заменик градоначалничката во Малме Сара Ветергрен вели дека коментари од типот како е облечен некој маж или колку деца има во Шведска ретко ќе се сретнат, што за жените пак е вообичаено, дури до степен да се прашуваат дали можат да се носат со функцијата која ја извршуваат и да бидат мајка на новороденче или мало дете.

Калеска Ванчева вели дека жените во политиката мора да внимаваат бидејќи се доста на удар и критики, а за мажите речиси и ретко се дискутира.

„Жената во политиката мора да внимава буквално на секој чекор. Значи таа кога ќе се појави на јавната сцена, прво е нејзиниот изглед, како се однесува, каква и е фризурата, какви и се чевлите, па дури потоа доаѓа аха па ај да видиме дали има нешто да каже, нешто што би било прифатливо“, вели пратеничката на СДСМ.

Како што даваат клучен придонес во секој сегмент на општеството, жените се тие кои и во политиката можат да дадат голем придонес во исполнување на целите како ефективна координација на сите механизми кои работат на еднаквоста. Проблемот со родовата еднаквост секогаш ќе постои, во помала или поголема мера, што е неспорно. Во некои земји работите се подобруваат, но во некои земји проблемот е многу поголем. Важно е да се разбере дека сите сме еднакви, во никој случај исти! Што значи? Првенствено, не сме исти затоа што се разликуваме според полот, секој го красат одредени лични карактеристики, секој има свој начин на размислување... Но, ние сме еднакви! Иако сите сме различни, треба да имаме исти права, ист статус во општеството, треба да бидеме еднакви!

Погледнете повеќе на оваа тема во епизодата „Родова еднаквост – Нееднаква еднаквост“ дел од серијалот на документарни видеана Балкон3 креирани во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ“ финансиран од Европската Унија.