Жено, Живеј!

Добивај вести на Viber

Сакав да бидам Глумица. Отсекогаш, откога паметам за себе. Како мала, како дел од маалските фестивали или претстави секогаш бев или водителката или една од најважните улоги. Во петто одделение, на часот по македонски добивме задача кој сака да одглуми дел од драма. Јас ја одбрав мајка Которичанка, подоцна дознав дека со таа драма се полага на ФДУ. Пуууу колку ми беше тешко да ја спремам. Мислам дека цела недела после часови се затворав во соба и секогаш заглавував на делот каде што треба да се расплачам. Не иде бре и не иде, ајде пробај со кромид да трљаш очи, ајде сеќавај се на нешто што те болело.. Е што да те боли на десет години бе, кога дома имаш се'.

Дента знам дека трема немав, текстот го знаев. Ама не бев сигурна за делот со плачењето. Почнав. Цело одделение занеме. Во дел од свесна секунда видов дека учителката ме гледа со полунасмевната и полуподзината уста. Влезе дете од друго одделение да бара креда, на што сите изреагираа и го избркаа. И дојде делот со плачењето. Бликнав од негде од кај што до ден денешен не знам од кај го извадив. Плачев, липтав, како да сум јас таа мајка која го повива мртвото дете во нејзините раце. Од сегашен аспект мислам дека знам каде ме заболе, тоа исконското интиутивно чувство вградено во секоја жена од дете, како е да се биде мајка. Целиот клас стана на нозе, викаа, аплаудираа, учителката ги извести дека за ова добивам петка до крајот на годината. Ќе се онесвестев од помешани емоции. Се тресев од восхит кон себе и тоа што успеав да постигнам без да знам дека можам. За дваесет години подоцна, до ден денешен да се навраќам на една вистина на мајка ми, Да не ти даде Господ да видиш колку можеш, и во добро и во зло. Зошто често, доброто е појако од лошото, па тие емоции не секое срце може да ги додржи. Често знам да чујам коментар од завидни усти, што се замислува оваа ко кујзнае колку да е стара и колку да поминала. Дури и за време на последната моја ревија, кога јас не бев во Македонија и се појавив на екран со снимено обраќање за концептот, коментарите на прв ред, за жал сум ги ставила тие фаци во прв ред, биле што се замислува оваа што ни се обраќа на екран, шо не излезе на сцена како сите. Епа не сум како сите, никој вас не треба да биде како сите. 

Секоја жена треба да знае што сака да биде во животот, колку вреди, да бара онолку колку што е спремна да даде, да ги подигне стандардите повисоко од лепо да се удам и штикли за на инстаграм, да размисли што може да направи за овој свет да е убав. Дека од нас трга се, во секоја жена има моќ за радикална глобална промена. Секоја жена може да го владее овој свет, само со повисок стандард, повеќе емоции, без очекувања, без изглумени солзи за најдобра оценка и со многу сила. Дека од сила сме создадени, секоја од нас. И дека до нас е. Не добиваме тоа што ни треба, заради ефтин однос кон спротивниот пол, заради примат на финансиски потреби пред оние на срцето. Заради мајките што не учеа, ќерко омажи се ти па после се ќе се среди. Омажи се по секоја цена. Па изртивме во успешни глумици на секојдневие кое не сакаме да го живееме. Или се продаваме за ич, или целиме кон се, со катаклизмични последици за секое срце. Не ја бива со глума, а секоја од нас може, жени сме, можеме се. Во наши раце е моќта за љубов, за комплетен и среден живот, за позитивни енергии дома, за моменти кои растреперуваат најкрути срца, и живот кој нема каење.

Застанете на сред соба, замислете што сакате да имате следнава година и ајмо! Покрај себе имате луѓе кои ќе ви дадат се, само ако успеете тоа да го побарате на правилен начин. И закопајте ја секирата со 2018. Не беше убава знам, ама не ја носете во следнава, оставете ја позади себе, нека пати кучката. Вие создадете си утро во кое ќе сакате да се разбудите, сами или покрај некој, со сласт за живот и исполнет ден. За кога ке дојде следната година, да сте свесни дека можете уште подобро.

Јас сум Ивана Кнез, Ви посакувам свест, храброст и да се чувате себично, за да можете најдарежливо, без задршка некому да му го подарите своето срце.

Среќна Нова Година најмили, Се читаме догодина.