ЖЕНСКА РЕВОЛУЦИЈА

Добивај вести на Viber

Минатата недела се чукнав на картичката на последната година со тројка напред. 39-от роденден го пречекав со многу размислувањa за минливоста на времето... за тоа како времето ни лета со брзина на светлината.

Времето е како океан. Бескрајно голем, недофатлив, мистичен, непредвидлив, а сепак конечен. И како што ветерот го бранува океанот, така годините го брануваат времето. Не сум од оние жени што си ги бројат тазе никнатите бели влакна, иако знам дека веќе има неколку такви во мојата бушава коса. Никогаш не сум употребувала специјални креми за лице, ниту пак мислам дека во иднина ќе ме оптеретува процесот на стареење. Сепак, како жена која сака да длаби во женската психа, неизбежно е на својот пишувачки регистар да ги земам предвид сите различни перспективи и да ги уважам грижите и стравовите на жените кои се плашат дека со текот на годините ќе станат невидливи и заменети. Проголтани од океанот на староста... Нивните грижи не тропаат на врата сами од себе. Тие се хранат од култот кон младоста.


Уште од митот за Доријан Греј, преку старите црно-бели филмови, па сè до денешната индустрија на убавината, култот кон младоста е опасен тригер за женското ментално здравје. Естетската хирургија зема голем замав кога е во прашање процесот на подмладување. Со доза на иронија би можеле да констатираме дека во некои општества се случува ботокс-револуција. Истражувајќи за темава, налетав на исповед кој вели: „Се фаќам себе си како постојано си го гледам ликот во огледалото и проверувам дали ми се појавиле брчки и очајнички го читам Хелоу!, проверувајќи кој колку години е стар, безнадежно барајќи примери, борејќи се со стравот од минатото дека еден ден во своите триесетти, без предупредување ќе носам голем, дебел, плисиран фустан, торба за пазарување, ќе имам трајна ондулација и лицето ќе почне да ми се распаѓа во стилот на филмски специјални ефекти и тоа ќе биде крај на сè“.


Многу жени чувствуваат потреба да го сопрат процесот на стареење. Стравот на жените дека ќе бидат заменети со помлади жени, без разлика дали станува збор за љубовта, бракот, партнерството или пак во професијата, е општествено конструиран, како што е конструиран и култот кон младоста континуирано поткрепуван од рекламната индустрија, видео-естетиката, музичката индустрија и речиси целата популарна култура која доминантно се базира на телесноста и младоста. Од секој агол на урбаното живеење демнат билборди со лицата и телата на младите манекенки, убави, фотошопирани, совршени. Младите жени се доминатното лице на ТВ екраните и на страниците на женските списанија. Кога последен пат сте виделе повозрасна жена на насловна страница?


Темите за женската опсесија со годините и темите за „ејџизмот“ како дискриминација врз основа на возраст се дел и од културолошките промислувања на Ана Мартиноска низ збирката текстови „Културна фабрика“ каде во поглавјето „Снагата и меракот“ пишува за сексуалноста и возраста преку уметничките примери на хрватската колумнистка Жужи Јелинек и австриската сликарка Марија Ласниг. „Хрватската стилистка и колумнистка Жужи Јелинек, објави дека во својата деветта деценија од животот станува модел во рекламна кампања на козметички производи, со цел да докаже дека секое доба од животот може да биде убаво, а жената негувана и привлечна. На овој начин таа продолжува да се бори против предрасудите за „луѓето во години“, инсистирајќи на нивното право да бидат среќни и исполнети во љубовта и во животот. Потврда за ваквите размислувања најдов и во ликовниот израз на познатата австриска сликарка Марија Ласниг, чија последна изложба, по повод нејзиниот деведесетти (90) роденден, е отворена во Музејот на современа уметност во Виена. Таа веќе шеесеттина години се смета за авангардна предводничка на сликарството од феминистичка гледна точка, чија централна тема, како што самата ја нарекува, е „телесно сознание“ (body awareness). Како што вели критиката: „Нејзиините бои стануваат сè помлади како што старее“ (Мартиноска).


Притисоците на жените не завршуваат тука. Би отворила уште една важна тема - за мајчинството, односно митот за совршената мајка. Неодамна ја гледав серијата „Workin' Moms“ на Нетфликс, којашто ме поттикна да размислувам на овие теми. Терминот „Workin' Moms“ е популарен во САД и се однесува на мајките кои одлучуваат да работат. Овие прашања се често присутни низ блогерската пропаганда и кај нас. Социјалните мрежи, како нови медиуми, влегуваат длабоко во приватноста и интимноста на луѓето, често етикетирајќи ги и судејќи ги личните избори на луѓето. И тука, женската психа е распната помеѓу ставовите дека мајките не треба да се вратат на своето работно место брзо по породувањето, дека не треба физички да се одвојат од новороденчето во првите години од неговиот живот, наспроти ставовите дека жените имаат право да одлучат како ќе го микроменаџираат својот живот и каков баланс ќе воспостават меѓу децата, семејството и професијата.

Со ова навлегуваме во две важни теми како што се репродуктивните права и работничките права на жените. Законот за работни односи во Македонија предвидува можност и татковците да користат родителско отсуство, но Фондот за здравство во 2016 година, на пример, регистрирал само 54 татковци кои го искористиле тоа право. Скандинавските земји, пак, имаат модел на задолжително (споделено) родителско отсуство помеѓу родителите. Европската унија ја редефинираше директивата за постигнување баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот и побара активно вклучување на мажите во сферата на домот и чувањето на децата. Кај нас, сè уште ќе слушнете како мажот ѝ помага на жената кога е во прашање поделбата на обврските во домот или околу децата!!!

Ха! Како тоа мојот сопруг, на пример, ми помага мене кога си го чува сопственото дете? Или кога ги мие сопствените садови (иако да бидам искрена мојот сопруг тоа ретко го прави)?! Тогаш кога и во јазикот ќе го усвоиме тоа дека таткото не ѝ помага на мајката, туку си помага себеси и на своето дете кога презема дел од обврските, ќе можеме да зборуваме за промена на колективниот менталитет. Многу жени целиот товар го носат само на својот грб, а татковците се тука само за да си поиграат со децата. Како што пишав и погоре, во некои поразвиени земји татковците имаат право на родителско отсуство исто како и мајките, а тоа е многу важно, меѓудругото, и за да не ги пропуштат првите насмевки и првите чекори на своето дете.


Нема да навлегувам во детали за потребата да се креираат системски решенија што би биле во прилог на родовата еднаквост, за поодговорен однос кон позиционирањето на жените и мајките на пазарот на трудот, како и буџетирање на родово сензитивни политики што треба да направат реални промени во општеството. Само ќе потсетам дека прашањата за мајчинството, сексуалноста, репродуктивните права и платеното родителско отсуство се важни поттикнувачи на антидискриминаторските политики и позитивните промени во општеството.  

Или со други зборови – не ни требаат пеленски револуции, уште помалку ботокс- револуции! Ни треба женска револуција која конечно ќе донесе послободен свет! Тоа подразбира и мажи кои исто толку посветено ќе се борат за еднаквост. Тоа подразбира нова колективна матрица во која жените нема да треба да бидат совршени мајки, совршени домаќинки и совршени убавици, туку ќе бидат најдобрата везрзија на себе си – автентични и свои! И само тогаш кога сме ослободени од туѓите челични очекувања, можеме да бидеме искрени пред себе. А само тогаш кога сме искрени пред себе можеме да признаеме каде грешиме. И само кога сме свесни за своите недостатоци можеме да работиме на нашето усовршување. Совршенството подразбира слобода! Сè друго е имитација и фарса!

 

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој