Живели за новите почетоци

Добивај вести на Viber

Одамна немам еуфорија за било какви претстојни празници. Некако како да научив низ годиниве дека ништо не бива со датуми или изнасилено. Порано, се чувствував лошо што не се радувам на новите години како останатите. После сфатив дека тоа едноставно не е мојот тригер за среќа, па престанав да се оптеретувам. Многу е тешко за оние кои не се снаоѓаат со претпразнични расположенија, да го објаснат својот немир и тескобата од очекувањата дека треба и мора да се радуваат. Сите вакви празници и прослави се особено напорни за интровертите и самците, кај секого од различни причини. Е, сега кога ќе се погоди како кај мене ем интроверт ем самец,станува уште покомплицирано. Кога бев помлада, успевав да го прикријам стравот и анксиозноста од прославите на било што и да го/ја истуркам денот/вечерта. Како ми било? Јас си знам колку енергија и сила вложував во тотално непотребни силувања на сама себе да бидам нешто што во очите на другите било “нормално” да сум. Предноста на родендените (освен како показател дека сме уште живи) е и созревањето и мудроста кои ја носат. Кој кажува што и кога е “нормално”? За секој од нас “нормалното” варира од-до. Она што е за мене сосем ок и прифатливо, за некој е веројатно “пупупу, скраја да е” и обратно. Затоа, кренав раце и почнав да го живеам моето “нормално”, без оглед колку отстрана изгледало “ненормално”.

Првиот чекор до среќа е човек да се прифати сам себе, без оглед на тоа каков е и дали е 100% задоволен со она што го живее. Прифаќањето себе е најздравата работа што може некому да му се случи. Да не се камшикувате за грешките, да си ги простите пропустите, да се погалите кога не ви е арно, да се сакате оти сте единствено нешто што навистина поседувате, е благослов. Ниту една пара на светов не носи такво олеснување и спокој како кога ќе расчистите кои сте и какви сте и ќе си речете “па, ок е...ова сум јас и она што сум е сосем во ред”. Притоа, ама ич да не ве боли лев глужд дали некому сте погодени такви какви што сте се изградиле низ животот. Знам дека во реалноста е многу потешко отколку вака напишано, оти ѓаолски сум се намачила додека не сум се прифатила, додека не сум си простила дека сум човек со фалинки и додека не сум научила како да се сакам себе. И пак знам да потфрлам, да се изгубам, да пропатам дур повторно не застанам на нозе и ја најдам во себе Ана која е огледало на мојата душа, иако некогаш избегнувам да се видам во него.

Нема идеално време и тајминг за среќа и за сакање себе. Тоа не е парче хартија кое пред Нова година ќе го испишете со сериозност за тоа што сакате да направите во годината што следи, оти доволен е миг за да се испреврти се’ што сте планирале. Не е ниту ветување кое ќе си го дадете сами на себе или на најблиските, оти ветувањата знаа и да отидат во ветар, некогаш заради околности, некогаш заради наши превирања. Во животот научив дека најдобриот план е да не се прават планови, оти кога сме горе знаеме да си поставиме високи цели кои во тој миг ни изгледаат лесно остварливи. Но,  кога сме долу, тогаш и кревањето на вилушката до уста може да изгледа мачно и тешко.

Годинава што измина ми беше школо, а јас се чувствував како прваче. И учев, некои работи ги учев отпочеток колку и да бев претходно сигурна дека ги знам.

Научив дека има нешто што е многу помоќно од сите плановии се вика ЖИВОТ, но и СМРТ.

Научив да не велам “планирам”, туку “сакам” и да, научив да имам повеќе желби отколку планови.

Научив дека никому не должам извинување за моите мисли, чувства и зборови, оти тие се одраз на моево битисување на планетава.

Научив да се тргнам од ситуации во кои некој сака да ме манипулира и да си игра со мојата чувствителност.

Научив да не дозволам да ме искористуваат и да печалат да мојата креативност и труд. Научив да не седам со сведната глава тогаш кога ми е срам поради туѓите постапки, туку да кажам што не ми се допаѓа.

Научив дека оние кои се злопамтила никогаш не можете да ги усреќите, па макар угодувајќи им си штетите и на сопственото физичко и ментално здравје.

2022 молчев, слушав, впивав, ги ококорив очите и ги начулив ушите. Направив селекција, расчистив што ми е најважно и не дозволив било кој и било што да го наруши мојот внатрешен баланс. Цената која ја платив беше губење луѓе и можеби уште поголемо потенцирање на самотијата, но не се покајав во ниту еден миг.

Во последнава колумна Понеделнички муабет ќе ви кажам ЖИВЕЛИ...

Живели за тоа што сме живи и здрави.

Живели за храброста да се справиме со сите препреки кои излегоа пред нас годинава.

Живели за сите падови кои ни помогнаа да сфатиме колку сме силни.

Живели за истрајноста да истуркаме заедно уште една година која не беше нималку лесна.

Живели за сите љубови кои процветаа и за оние кои опстоија.

Живели за сите кажани “збогум” и за одважноста да се изговорат.

Живели за сите стравови со кои се соочивме и кои не’ исчеличија.

Живели за новите пријателства кои не’ оплеменија.

Живели за сите искушенија кои ни помогнаа да сме трезвени кога е најтешко.

Живели за сета креативност која не’ извади надвор од рамките во кои не’ држи секојдневието.

Живели за нашите деца кои израснуваат во прекрасни и добри луѓе.

Живели во чест на оние кои прерано ги изгубивме и чија сенка секогаш ќе е вткаена во нашата, па ќе ги носиме со себе каде и да сме.

Живели за луѓето кои ни го чуваа грбот кога сами на себе си бевме непријатели.

Живели за доблеста да простиме...и себе и на другите.

Живели за новите почетоци, за денот кој доаѓа и во кој ни лежи вербата дека се’ ќе биде подобро од вчера и од денес.

Во Новата 2023 ви сакам спокој во душите, добрина во срцата, медовина во устите. Ви сакам здравјето да ве служи, да испишете нови страници со убави приказни, да бидете пример за добрина. Ви сакам повеќе да имате верба во себе, да знаете дека не сте сами и дека секогаш имате потпора од оние кои ви се блиски. Ви сакам љубов, многу љубов оти навистина верувам дека само таа ќе го спаси светот и човештвото. Да сте ми тука, да сум ви тука, да сме си тука.

ЖИВЕЛИ за 2023 година и за се’ што ќе ни донесе!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Драга 2022
ти простувам за сиот бол
сервиран во порцеланско чиниче
декориран со разни дребулии
натокмен со солени додатоци
и озгора златно лајче
еве
ти простувам и за самотијава
(за која искрена да бидам, виновни се и годиниве наназад)
за ноќите минати на пенџере
и џарење во уличните светла
а ко си ќор, па подзамижиш
и не изгледа толку лошо
и за тагата ќе ти простам
оти и таа свои убости имаше
та на мигови бев гостин во својот живот
Драга моја 2022
ти благодарам за здравјето и среќата на ќерка ми
за мирисот нејзин како лек што го дишам
и што ме потсетуваше дека смеата со неа
е единствениот мелем за сите рани
благодарна сум ти и за луѓето што ми ги донесе
како долгоочекуван дар што ми ги даде
кои такви какви се, тивки или гласни
создадоа совршена музика во мојава глава
еј
ти благодарам и за сите напишани песни годинава
кои од мене излегоа навидум од никаде
а и за сите светнати лица кои со мене славеа и плачеа
кои ме изнагалија колку за три века
та од љубов, со љубов се наполнивме
Драга 2022
солидно ме истрпи годинава
со сите подеми и падови
хистерични кикотења и подвиткан опаш
саглам ме поднесуваше и со лошотилаков
и ниту еднаш не ми се налути дур сакав да си одиш
ме научи стрплива да бидам
да омекнам со оние кои околу мене беа
да научам дека вљубеност и сакање исто не е (мајку му!)
главата горе да ми е и кога телово се подвиткува
да се исплачам без срам и лажна гордост
ете
ми покажа дека сум силна колку што треба за да преживеам
и дека знам со сите сетила да љубам
а и ме научи да си го сакам и умот и телово
дури и кога огледалото во мене напукнува
Драга 2022
еве
прости ми и ти мене што не те гушкав доволно
што ми фалат денови поминати во агонија
прости и што груба со тебе бев
и што се инаетев со тебе
прошка ти барам
оти знам дека и тебе со мене лесно не ти беше
ама ете
ниту еднаш не се пожали
ниту пак грбот ми го заврти
прости што не знаев нежна со тебе да бидам
(и ако е некакво оправдување, не беше ти виновна)
и прости што не ти напишав песна
како за љубовник или дете што пишувам
ама знаеш што?
да знаеш дека те сакав најдобро што знам и умеам
на некој мој, малку необичен начин
еве да си простиме една на друга
што велиш, м?
Драга
драга моја 2022…збогум!