Јин јогата ослободува од стрес, потиснати емоции и дава чувство на смиреност: Весна Варадинова за Женски магазин
Ревитализација на телото и смирување на нервниот систем е она што му треба на современиот човек. Јин јогата му дава на телото мекост, проток, флуидност и интуиција, а преку релаксација се ослободуваат наталожените емоции од телото.
„Јин јогата е суптилен медитативен стил кој ги комбинира аспектите на хатха јогата, концептот на меридијани од кинеската медицина, таоистичката филозофија и будистичките техники на медитација. Она што е специфично за овој стил на јога е тоа што позициите се задржуваат подолго (3-5 минути ), мускулите се опуштаат, а не се активираат (што е случај со подинамични стилови), така што опуштањето во секоја од позициите е основа на јин праксата“.
Весна Варадинова живее во Германија. Таа е јин јога инструктор, а во моментот е на едукација за life coach - тренер за емоционална и енергетска трансформација, која покрај јогата се одлучила да се занимава со луѓе од малку подлабок и поинаков аспект сѐ со цел подобрување на квалитетот на животот и спознавање на сопствениот потенцијал на човекот.
„Ако ти е потребно да го смириш нервниот систем, да се опуштиш, длабоко да се релаксираш и да избегаш од секојдневниот хаос - јин јогата е вистински избор. Во јин јогата положбите ги држиме неколку минути и на тој начин ги стимулираме енергетските меридијани, а со тоа работиме на балансирање/отпуштање поттиснати емоции и ослободување стрес“, вели Весна образложувајќи дека она што ја прави посебна јин јогата и тоа што на прв поглед нејзе ја освоило е токму тоа тоа чувство на смиреност и спокој што следуваат после часот.
Весна вели дека 10 минути наутро се доволни за свеж почеток и поголема енергија во текот на денот. Таа практикува вежби со кои се разбудува, се истегнува и се раздвижува телото, а токму тие вежби ги сподели со нас преку видеото подолу:
Кога набљудуваме час по јин јога од страна, ни се чини дека асаните не се толку спектакуларни како асаните со кои се среќаваме во вињаса јогата. Сепак, придобивките се многубројни и многу моќни!
Дел од нив се:
-Ја подобрува концентрацијата и ја поттикнува интроспекцијата
-Ослободување на блокираните емоции
-Воспоставување енергетска рамнотежа и детоксикација на телото
-Ослободување на напнатоста во ткивата и зглобовите
-Забавување на ефектите од стареењето
-Постигнување на флексибилност и мобилност
-Стимулација на нервниот систем и смирување на умот
-Намалување на стресот
-Одмор на телото и длабока регенерација, подобрен сон
-Превенција на болки во грбот и повреди. Престојот во една асана подолг временски период помага да се ослободат блокадите и тензиите во телото, без разлика дали се тие од физичка или емотивна природа. Јин јогата ги отстранува блокадите со тоа што овозможува слободен проток на енергија во телото.
Нашата денешна соговорничка и јин јога инструкторка вели дека со начинот на дишење може да се ослободите од стресот и нервозата, но за тоа е потребна една вежба, која таа несебично ја сподели со нас.
„Вдишуваме на нос, ментално броејќи до 4, го задржуваме воздухот броејќи до 7 и издишуваме на уста броејќи до 8.
На овој начин го смируваме нервниот систем што води до опуштање на телото и умот.
Пробајте и ќе ја почувствувате разликата во енергијата во телото !“ - вели Весна.
Јин јогата е повеќе од само истегнување.
Јин јогата те остава целосно релаксирана, како после масажа.
Со нас Весна сподели дека „Melting Heart“ е положба во јин јогата која носи огромни бенефити, посебно ако имате болки во горниот дел на грбот:
- Ги зајакнува рамената
- Делува позитивно при закривување на 'рбетниот столб
-Ослободува стрес којшто најчесто се "лепи" на горниот дел од грбот
-Ја зголемува подвижноста на рамената
-Со оваа положба го стимулираме меридијанот на желудникот и слезината што позитивно влијае доколку сме загрижени.
-Нашиот желудник според Традиционалната кинеска медицина се поврзува со грижата па затоа често кога сме загрижени се случува да немаме апетит или не боли желудникот.
-Меридијанот на срцето и белите дробови минуваат низ рацете што значи при оваа поза и преку нив работиме на поттисната тага и ослободување на истата.
Бенефитите се многу, резултати не можат да изостанат...Пробајте ја оваа положба и останете во неа барем 2 минути во денот и забележете како се чувствувате пред и потоа, додава таа.
Положба „Melting Heart“
Вeсна со нас сподели и вежби, доколку имате работа и професија која се одвива пред комјутер.
За да не ве боли грбот, препорачува да ги погледнете овие вежби:
Неизбежно е да споделиме и едноставни вежби кои можат да бидат корисни во моменти на анксиозност и немир. Весна додава дека разликата меѓу јин и другите видови на јога е држењето на положбите во јин праксата по неколку минути.
„Тоа овозможува стимулација на поттиснати емоции и нивно ослободување, опуштање на телото, фокусирање на дишењето и регенерација на нервниот систем. Се зголемува мобилноста и подвижноста на телото како и можност на ослободување од болки во одредени делови од телото“.
Како личност Весна најмногу се мотивира од капацитетот на човекот да се менува, секако под услов тој да го сака тоа.
„Ме мотивираат моите желби и соништа, работи кои ги посакувам. Затоа и одлучив да се едуцирам и надоградувам во тоа поле, при крај е мојата едукација за сертифициран тренер за емоционална и енергетска трансформација. Тоа се во главно теми кои мене ме мотивираат, инспирираат и „движат“ низ животот . Скоро секој ден ми е различен, во зависност од тоа дали треба да одам на работа или не, но мислам дека добро го организирам времето. Се трудам да имам и време за себе, за учење и за курсот што го посетувам, активна сум и на Инстаграм..верувам дека добрата организација е клучна за сѐ! “ - посочува таа.
Веќе неколку години не пие утринско кафе, а тоа е случај дури попладне. Денот ѝ почнува со млака вода со лимон, цеден портокал или сега во овие зимски денови со топол чај.
„Денот обично ми почнува во споро темпо, сакам да седам некое време во тишина, најчесто сама и обично пијам или млака вода со лимон, цеден портокал или сега во овие зимски денови топол чај. Во секој случај сакам денот да ми почне со здрав напиток. Веќе неколку години не пијам кафе наутро, дури попладне.
Инаку обожавам кафе и до пред неколку години прво нешто што правев од кога ќе се разбудам беше нормално турско кафе, но тој период „влезе“ анксиозноста во мојот живот и кафето наутро а богами и турското јако кафе почнаа многу да ми сметат па затоа морав оваа навика да ја заменам со друга. До душа така и се одвикнуваат навиките, така што старата ја менуваме со нова.
Љубителка сум на турско кафе, но еве веќе од прилика 2 години се немам напиено. Кафе по моја мера сега би било капучино или нес со многу млеко...значи мора да е со млеко. Морам да кажам дека не сум тип на човек што пие кафе за да добие енергија, ретко ептен ретко ако сум премногу уморна. Но, генерално пијам едно кафе на ден и тоа ми е ритуал, време за мене и уживање“, ни раскажа Весна .
Таа батерии полни во природа - јога, медитација - се активности кои ја полнат со енергија.
„Вечерта обично ја минувам дома со дечко ми, опуштено, посебно сега во овие ладни месеци од годината, не сакам баш многу да шетам“, додава таа.
Сериите ги преферира, а сака да чита и книги.
„Што се однесува за книги, некогаш сакам добар роман но и обожавам книги од областа на позитивната психологија. Па мисла по која генерално се водам низ животот е - „Сѐ ќе помине, и кога ми е некогаш тешко, но и кога сум среќна и сѐ е по моја мера - се потсетувам дека животот не е само една боја и дека сѐ ќе помине“ - вели за крај јин јога инструкторката!
Ирена Ставрова