Зуица Лазова: Снимив дует со свекрва ми, која 18 години ме чува како мајка

Добивај вести на Viber

Со дружба и песна Зуица Лазова го прослави својот 50 роденден. На синоќешната забава по повод јубилејот, во присуство на семејството, сопругот Наум Петрески, ќерката Македонка и синот Стефан, колегите, соработниците и медиумите таа ги претстави своите нови пет песни.

-Идејата 5 песни за 50 години ја добивме,разработувавме и успешно истуркавме со мојата Соња Дојчиновска-Јанаќиевска која е и автор на музиката и текстот на трите авторски песни од проектот "Реканска"која тлее многу одамна. Аранжмански со невообичаен начин за реканска, ја направи Илија Јаневски со кој долго време соработувам.Тој е комплетен изведувач на музиката. Песната „Мојата хармоника“ својот наслов го доби подоцна кога авторот согледувајќи ја мојата желба да пеам за мојата прва љубов хармониката го промени и текстот и насловот. Добивме песна во која двете максимално уживаме.Првично аражмански со се припев и дадов рамка, а потоа Љупчо Соколовски, каде се снимени „Реканска“ и „Мојата хармоника“, ја разви на најпрекрасен начин и и ја даде конечната форма – открива Зуица и појаснува како се случила соработката со синот и сопругот и со ќерката и свекрвата.

-Македонка уште многу одамна имаше желба да ја снимиме „Симпатија", па не се ни двоумевме што да отпееме заедно, а совршено ни легна на двете.Ја снимивме кај Јован Василевски во новото прекрасно студио во Тетово. Таму ја снимивме и „Ќе ти купам широк фустан Зуице" со мојата свекрва Анастасија Петреска, која во последните 18 години ме чува како мајка.

Песната „Даме комита" првично требаше да ја пееме само јас и Стефан, но сфативме дека ќе биде уште поинтересно доколу наместо дијалог на мајка и син, го вклучиме и тато Наум, кој уште на прва ја бендиса, па добивме уште поинтересно трио. Ја бендисаа и  Борче Нечовски и Дејан Момировски, кој што го направи и аранжманот, а кавал и зурла отсвире Гоце Димовски и ја отпеавме на „Прилеп Фест“. И за оваа обработка на народната песна идејата да ја снимиме со двете, тлее многу одамна, а и ја ветив уште за нејзиниот 80 ти роденден, минатата година, па ете конечно со еден невообичаен, нов пристап аранжмански ја дотера Јован Василевски на моја идеја да доминира канонот на Тимко Чичаковски кој го отсвире навистина маестрално – посочува Зулица.

-Во „Мојата хармоника" ми беше задоволство да засвирам заедно со Војче Петрушев и Илија Филиповски драгите деца што ги гледав како музички растат додека заедно уживавме работејќи ја емисијата „Зајди зајди". Ќе ги спомнам и луѓето одговорни за видеата што ги поддржуваат песните, Александар Антевски, Деспина и Соња Јанаќиевски и Македонка Петреска. Им се заблагодарувам на сите соработници во овој проект, што ми овозможија да бидам горда на сработеното – вели пејачката.

Половина век. Што добивме, што изгубивме. Прашања кои често се наметнуваат кога прославуваме јубилеј. Зуица најмногу се радува на мали нешта, но за неа многу значајни. Животот и сервирал и убави и тажни мигови од кои научила многу. 

- Среќна може да ме направат ситници кои понекогаш не умееме да ги цениме како на пример убаво сончево утро, насмевка и среќа кај најблиските, најдраги луѓе, нечиј напредок, пресврт од лошо кон добро, убава вест. Уште во помлади години научив да не осудувам никого, поточно животот ме научи приредувајќи ми го истото за кое осудив една личност, мислејќи дека тоа мене не би ми се случило, но ми се врати како бумеранг – открива Лазова.

С.А.Н