БАКНЕЖИТЕ ЗА ДОБРА НОЌ НА ЦРВЕНАТА ЛЕЈДИ
Се соголува пред публиката низ зборови. Тие како стрели ве погодуваат во срце. Убава и силна, како секоја црвенокоса дама, внимателно ги влече конците на мајчинството. Ненаметливо му се смешка на животот. А тој пак, ја инспирира да создава и да освојува публика со зборови зовриени од емоции. Ана Бунтеска е гостинка во Женски магазин, но не како инспиративна поетеса туку како мајка на прекрасната Аргентина.
Женски магазин: Кога ние бевме деца, дававме заклетва како пионери. Денес тоа не постои како колективна насока. На кои насоки, Вие ја насочувате Вашата ќерка?Бунтеска: И пионерството беше дел од домашното воспитување. Не верувам во некаква колективност, ако тоа не е поткрепено со она што децата го гледаат дома. Вистинските вредности не се стекнуваат со давање заклетва која застапува однесување кое децата не го гледаат во домашна атмосфера. Ќерка ми е од мала воспитувана да биде чесна и емпатична. Колку е тоа добро за неа во ова море полно ајкули, не знам, но не знаев поинаку да ја воспитам. Таа е сега креативно и среќно дете, кое помага секому и која не мери на кантар кому колку дала за да и’ се врати соодветно. Горда сум кога гледам дека израснува во личност на која и’ се важни вредности кои немаат допирна точка со материјалното, или како што самата вели “don’t judge a book by its cover”. Но, тврдам дека ние родителите сме првата лекција за своите деца. Дете не се учи да не лаже, ако родителот применува лаги. Паметам дека еднаш кога се враќавме од училиште сакаше да возиме велосипеди. Ја замолив да се стрпи половина час додека завршам некои ситни обврски по дома. Во меѓувреме, Аргентина се заигра и требаше да ја потсетам дека е време ветеното да го исполнам. Интересно, бев заборавила на таа случка, а одвреме навреме сама ја спомнува и вели дека меѓу нас нема лажење, ниту прикривање.
Женски магазин: Како се разбирате со неа? Како влегувате во нејзиниот светоглед? Бунтеска: Имам почит кон неа и нејзиниот простор и расположение. Има работи кои заеднички ги правиме, како што е изработување дребулии од празни кутии, монистра, колажи. Сака да разговараме за се’, од секојдневни работи на училиште, па до теми кои почнуваат да ја интересираат, со оглед на тоа дека полека влегува во пубертет. Не постојат табу теми и теми за кои не разговараме. Се обидувам некои работи и објаснувања да ги сведам на нејзината возраст за да ги восприеми нормално. Дискутираме за другарство, однесување, ставови, теми кои допираат хомосексуалност, педофилија и секогаш откако ќе и’ објаснам ја прашувам што мисли и што чувствува за темата на која сме разговарале. Сакам да стане свој човек, кој ќе мисли со своја глава, ослободена од предрасуди и стеги кои ќе и’ ги стеснат видиците. Од друга страна, имаме и секоја свет за себе. Се случува да не прозбориме по еден час и повеќе, секоја нурната во својата книга или кога таа прави театарски претстави со играчките. Ја почитувам нејзината потреба и желба да се дружиме, но и да прави нешто сама. Важно ми е да знае дека секогаш сум тука за неа, но не дека таа треба да го прилагодува животот кон мене. Женски магазин: Дали понекогаш Ви се налутила за нешто? Бунтеска: Ах, секакo, сепак се тоа недоразбирања кои бргу ги решаваме. Не ретко се случува да се преиспитам и да сфатам дека ете, јас сум изреагирала на несоодветен начин, па да се извинам. Но, знае да се преиспита и таа и да дојде за да поразговараме за проблемот. Не ме плашат расправиите со неа, повеќе би ме уплашило да се затвори во себе и да не го извади од душата она што ја налутило или изнервирало. Колку и во моментот да сме биле лути, никогаш не се случило да си легнеме без да позборуваме и да ги “испегламе” работите со бакнеж за добра ноќ и една голема доза гушкање. Ана сака убав накит, топлината од убави и искрени луѓе во чие друштво ужива во слободните мигови. Ја сака вистината. Се потпира на поддршката на родителите и пријателите. Женски магазин: Дали со своите родители го споделивте Вашето искуството од првиот бакнеж? Бунтеска: Со мајка ми, да. Ми беше срам, страв, бидејќи првиот бакнеж не е баш мала работа. Во принцип, јас сум блиска со моите родители и отворено сме разговарале отсекогаш за се’. Ние сме мало семејство, јас сум едно дете, исто и Аргентина. Женски магазин: Каква би била Вашата реакција, ако тоа го направи Вашата ќерка, на пример денес? Бунтеска Сега ме фативте во тесно. Аргентина има 11 години, сепак би почекала уште некоја година до нејзиниот прв бакнеж J Но, мислам дека со ставот што го имам дека може се’ да ми каже и дека како знам и умеам ќе бидам до неа во секој животен миг и искуства, ќе разговараме отворено и за тоа кога ќе дојде време. Би била среќна ако во себе знае дека ќе може да ми се довери без да се прашува дали би ја осудила или би се налутила. Сепак, семејството е најголемата утеха и поддршка во сите животни ситуации. Женски магазин: Нашите родители важеа за строги. Какви се родителите денес, според вас? Бунтеска: Не’ има секакви, од премногу строги, до премногу попустливи. Јас сум за некој баланс, кој од една страна би го насочило детето на вистинската патека, а од друга страна ќе дозволи слобода за да може да се изразува слободно. За се’ можам да разговарам и да правам компромиси, освен за работи кои се однесуваат на нејзината безбедност и здравје. Тогаш, потполно го користам авторитетот без око да ми трепне и може да се лути колку сака. За останатите нешта, дискутираме и аргументираме. Надвор од светот на книгите и моќта на зборовите, Ана е една прекрасна и нежна Водолија која работи како брокер. Ја чека период на динамичен период, посебно што Аргентина ќе стане тинејџерка. Но, тоа е убав предизвик за една ваква интересна душа. Женски магазин: Дали Вашата ќерка сака поезија? Бунтеска: Не баш, периодов е опседната со англиска литература и само купуваме книги на англиски кои буквално ги голта. Некогаш се случува да и’ е полесно да каже некој збор на англиски, отколку на македонски. Прозата ја интересира повеќе и мислам дека ужива во моментот кога имагинацијата ја обзема. Горда сум што сака да чита и што книгите се дел од нејзиното секојдневие. Онаа страст што ја гледам кај неа додека на корицата од книгата ја чита содржината и како и’ светнуваат очите кога вели “оваа мамо, оваа ја сакам”. Женски магазин: Дали Вашата ќерка Ве видела како плачете? Бунтеска: Тешка сум на солзи, плачам низ песните што ги пишувам. Но, еднаш кога седна да ми отсвири нешто на клавир, толку беше внесена во тоа што се испорасплакав (нели е дозволено тоа J ). Тогаш се сврти накај мене и прво беше шокирана, а веднаш потоа ми рече “ама од убаво плачеш, така?”. Интересно, веќе се случува и Нини да заплаче на нешто од што ќе ја преплават убави емоции. Женски магазин: Дали мајчинството понекогаш го чувствувате како товар? Бунтеска: Мајчинството, не. Некогаш ми се товар обврските што ги имам во текот на денот, со оглед на тоа што сум на работа до 16 часот, за веднаш потоа да се маскирам во такси возач и да се разнесуваме на разни активност, па учење дома, спремање на следниот ден, пазарења и низа други работи со кои се соочува секој родител. Мачно ми е кога е сообраќајот хаотичен, а врзани сме со време. Мачно ми е што денешниве деца се преоптоварени со обврски. Мајчинството е голема животна лекција за мене. Ме научи да сакам безусловно, да бидам помалку суетна, да станам стрплива, да слушам со полно внимание, да сфатам дека се’ е помалку важно од здравјето и животот на она што излегло од мене. Мајчинството ме научи на поместувам граници во и вон себе и да бидам помалку размазена. Женски магазин: Вие „ играте “ со помош на зборовите кај вашата публика. Но, дали нивната моќ делува во вашата релација мајка – ќерка? Бунтеска: Би рекла вака...зборовите ме користат мене како медиум, а не јас нив J моќта не е во зборот, туку во емоцијата која излегува од човекот кој ги пишува/говори. Некогаш, наместо цели фермани да кажувам, само ќе речам “Нина мама, те молам малку трпение” и одма се разбираме. Таа во мојот глас и начинот на кој ќе го кажам тоа, сфаќа дека ми треба да се издишам на кратко. Моќта е во искреноста на зборот, во неговата тежина. Некогаш и најдолгите монолози и дијалози оставаат само чувство на празнина и недореченост. Женски магазин За крај, колку е потребно за среќа? Бунтеска:Секој од нас си ја знае формулата. Клише е, знам, но здравје прво. Потоа, човек да е независен, пред се’ мисловно, слободен и свој. Среќата е да се има мир и спокој во душата, да може човек да застане зад секоја своја постапка и да е одговорен за истата. Среќа е сабота наутро, пржени лепчиња, чај од нане и поспано детуле кое ти вели “I love youuuuuuu”. И да, малку треба за среќа. Со вака убава личност и кафето има поубав вкус. Ана, ти благодариме што со нас сподели парчиња од твоето мајчинство. Со нетрпение ги очекуваме твоите нови зборови. Дотогаш уживаме во разгалувањето на твоите веќе создадени чеда. За Женски магазин, со Ана Бунтеска, разговараше Вики Чадиковска насловна фотографија, Томислав Георгиев