Ана Бунтеска: мислата за тебе во умов ми се крши
Ми се крши мислата за тебе
како топла погача на весела слава
како за убаво, за арно да е
како секој касај со вино да ќе го поттурнам
со црвено и богато со мирис, вино
кое усните ќе ми ги бојадиса
а мислата за тебе низ грлово ќе ја истурка
ми се крши
во умот мисла за тебе ми се крши
како сува гранка среде силен ветар
стара и исушена, од времето изедена гранка
со тресок што паѓа
и останува уште некое време бељи по улици да прави
дур некој не ја истурка подалеку од патот
мислата за тебе во мене се крши
се распрснува како стара светилка
како соџвакан мраз во устата
како прстиве стиснати дур ги држам
сплетени кај градите
како да се пазам од тебе
како душман да си
како да не те познавам
како да не ме знаеш
како странци кои збор не си размениле
таква ми е мислата за тебе
кршлива и тенка
нежна
нестварно воздушеста
миризлива како топла погача
во старинска фурна испечена
мека како постела
спремна за првата ноќ на младите
вкусна како првиот бакнеж
украден меѓу две бркотници
мислата
мислата за тебе ме мачи
оти не знам до кога жива ќе е
оти не знам дал ќе истини ко задоцнет ручек
на трпеза на која никој не седнува
или вкусот ќе го изгуби
ако ја оставиш долго во воздухот да седи
а можеби и ќе испари како да не постоела
а со неа и тебе ќе те снема
заедно со неа
со мојата мисла која се крши
која на делови се раздробува
и трошките пилците ги јадат
до насит
до прејаска
до слошување
а само пилето во градиве гладно останува
и одбива да ти запее
колку и да го задеваш, ќе ти молчи
дур мене мислата за тебе ми се крши
и исчезнува заедно со желбата по тебе
полека
полека
полека
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Стојан Стојановски