АНА БУНТЕСКА: Не ми треба ден за љубов

Не ми треба ден за љубов

ми треба ден за НАС

ти до мене

а јас ќе се кријам во твојата насмевка

да си молчиме

знаеш, во оној молк кој не е тежок

кој не е оти немаме што да си кажеме

во молк кој ќе е муабет без зборови

да чекориме бесцелно

еден крај друг

и топло да ми е од страната на која ќе ми стоиш

да ги гледаме нашите сенки како се задеваат

како деца како се поттурнуваат

како за раце се држат

ете

таков ден за нас посакувам

полн мир и обоени погледи

тивки шепотења на нашите тела

да ти бидам убава облечена безвезно

со намотан шал околу вратот

за да се прашуваш дали е вистина толку долг

како на фотографиите што ги гледаш

да се прашувам дали прстите ти се толку топли

како зборовите кои ми ги пишуваш

не, драги мој

не ми треба ден за љубов

оти мојата е вековна

и не ќе ти ја покажам само во еден ден

ќе мора трпелив со мене да си

да ја читаш еве вака

да те послужам со неа како слатко од смокви

со чаша бистра и ладна вода

полека

како што ќе врват деновите така да ја откривам

срамежливо како млада невеста

полека како што зимава одминува

не сакам

ете инаетливо не сакам ден за љубов

ниту ден за вино со тебе ми треба

ми треба ова мое време

што е сега и тука

ми требаат часови и денови

недели и месеци

векови ми требаат кои ќе минуваат како минути

за да знаеш

за да знам

за да ја извадам секоја песна од мене

а за тебе во градиве што ми врие

а денес ќе одморам

денес само тивко ќе ти шепнам

не, не ми треба мене ден за љубов

туку љубов

онаа која ја гледав кај баба ми и дедо ми

онаа со корени до центарот на земјата

онаа која ја чекам

која доаѓа

која ме покорува и освојува

а која не е денес

не на овој ден прогласен за љубов

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска