Ана Бунтеска: секој од нас со својот камен
“како си Ана?”
“уморно”-велам, “ти?”
“туркам некако”
ништо не реков
само го оставив телефонот на страна
туркаш некако
драги мој, туркам и јас
ама налет животов со туркање
како Сизиф
секој од нас со својот камен
по угорница еве туркаме
а мене туркањето и не ми е забавно
ме болат рацете
плеќите ме болат
нозете ме дробат
и душава бе
душава од туркање ме боли
туркам, а не знам каде
не гледам ништо пред себе
како ќора да сум
ама упорно туркам
и камен и денови
уморот ми е како пријател
болката исто
ми дише во вратов
и се обидувам да не се вртам
да не видам што сум изврвела
ниту пак сила имам за да почнам од почеток
со некој друг
со себе дури
и еве, гледај како туркам некако
како да е некој друг во телово всаден
и тој некој не ме познава
ниту јас себе се познавам веќе
со мисли како од замрзнувач извадени
тврди и студени
туркам и туркаш
на двете страни од нашата планина
којзнае колку сме смешни гледани од некоја страна
двајца возрасни луѓе
кои знаат срцата каде им се
ама тој камен од животот подарен
го туркаат ко блесави
наместо да го пуштат
нека оди по ѓаволите
нека се истркала кај сака
и без непотребен товар да продолжиме кај што сме кинисале
на врвот на планината
таму
горе да се најдеме
без бреме врз нас
со раце спремни за гушкање
и души чисти од стравови
ние туркаме
и попатно само збогум на среќата кажуваме
помирени
ама не смирени
туркаме
дур не заборавиме зошто така сме се осудиле
на имитација на животот да се радуваме
ако радоста воопшто ја препознаеме
жално
за тебе жално е
а и за мене ништо поарно не е
двајца- ко еден
ама сам по сам
не живееме
само туркаме
по угорница туркаме
ко блесави само туркаме
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска Фото: Стојан Стојановски