АНА БУНТЕСКА: FRAGILE…FRAGILE
Ме составуваш
ме плетеш од најситните нишки
оние кои попатно ги изгубив
толку стрпливо
толку полека ме составуваш
со денови и денови ми збираш делови од срцето
ги зачистуваш и светнуваш
ги полираш дур не заличат на нови
и потем ги местиш наочарите на носот
и прецизно, со пинцета
го враќаш секое парче на своето место
а јас те мразам
те мразам оти зависна од себе ме правиш
и во сета омраза те љубам
со сета своја критичност
со сиот твој потсмешлив начин
и те оставам да ме лепиш и зашиваш
те оставам да ми се нурнеш во душава
аман!
па зарем на 44 уште ќе се кријам од тебе
еве ти
спастри ме
направи една среќна жена од сите мои собрани делови
еве ти
види како те оставам да ме залечиш
иако ни сама не сум сигурна дека нема да избегаш на пола пат
иако не сум сигурна дека јас ќе останам
ама те оставам да ми ја вратиш насмевката
те оставам да се двоумиш
пред широко отворената врата од мојот свет
на која не стои предупредување за ништо
освен дека робата внатре е кршлива
FRAGILE
бујрум внатре
се’ ќе најдеш
од стаклени топки полни шарени конфети
до црни ќумурчиња и солени гребени
повели, влези
секако, на сопствена одговорност
или ќе избегаш
или за навек ќе останеш
а јас уште немам одговор што е поарно
или барем да знам полошо што е
составувај
лепи
мазни
полирај
спастри ме
нежно
полека
биди стрплив
и со мене и со себе дур ме љубиш
и нека ти ѕвони во главата
само ова
само оваа ситница
само еден збор
кој ќе ме спаси или уништи
FRAGILE…FRAGILE
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска