Животна училница // Приказни
Андријана Јаневска: Стресот го лекувам со духовна музика
Ја интерпретирам откако паметам за себе. Ми се случило и да останам без глас, од возбуда да не можам да отпеам докрај. Тоа се силни емоции кои тешко се објаснуваат, вели познатата пејачка која за „Женски Магазин“ откри повеќе интересни проекти кои ќе ги промовира во наредниот период
Андријана Јаневска напиша и сними песна со индискиот автор Ашок Мали кој живее и работи во Њујорк. Во меѓувреме оствари соработка со американскиот музичар Ендрју Летрес и ги отпеа придружните вокали за темата Looking for Atlantis. Ова се само дел од проектите кои популарната пејачка, авторка и професорка наскоро ќе ѝ ги претстави на јавноста. Како продуцент во моментов го завршува и божиќното цеде со детски песни кое ќе го промовира на 15 декември во хотелот „Континентал“.
[caption id="attachment_4913" align="aligncenter" width="459"] Јаневска предава на катедрата за популарни жанрови на Факултетот за музичка уметност[/caption]
- Како виолинист, свирам на редовниот репертоар на МОБ и денес почнуваме со проби за балетот „Дама со камелии“. Само што завршив и еден проект со М.М. Вили за чијашто песна напишав аранжман за гудачки квартет. Планирано е истата да се презентира со видеозапис во Виена. Пред неколку дена го завршив аранжманот за хор и оркестар за Тревор Денди од Торонто. Сè уште преговараме каде и како ќе се промовира. Снимив и соло виолина за песна на чилеанскиот музичар Родриго Гаљардо и наскоро ќе ја претставам во Македонија–открива таа.
Кога не компонира, Андријана се опушта со духовна музика. Ја доживува како возвишена уметност и цел живот е во допир со овој специфичен жанр. Уште од прво одделение била член на хорот „Пиколо“, како што вели, единствен детски колектив што ја негува духовната музика. До лани беше активна и во женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“.
[caption id="attachment_4912" align="aligncenter" width="460"] Како продуцент во моментов го завршува божиќното цеде со детски песни кое ќе го промовира на 15 декември[/caption]
- Откако паметам за себе сум во допир со духовното. Станува збор за интерпретација која не може да се објасни со прости зборови. Ми се случило и да останам без глас, од возбуда да не можам да отпеам докрај. Тоа се силни емоции кои тешко се објаснуваат. Сме пееле и на погреби и на свадби. Духовната музика ми ја одмара душата, таа ми е лек од секојдневните стресови и притисоци. Секој си наоѓа вентил, а мојот одамна го пронајдов – објаснува Јаневска.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов