Бидете тука за децата, но без претерувања

Добивај вести на Viber

Кога ќе добиеме дете, тоа ни станува центар на нашиот свет. Му даваме безусловна љубов и имаме желба да израсне во паметен млад човек. Но дали е доволна само желбата? Дилемата како да го воспитаме детето, кои примери да ги следиме и сл., се чинат како најважни, но и најтешки при одгледувањето и воспитувањето на нашите деца. Родителството претставува инвестиција во иднината на децата и бидејќи никој не нè учи како да бидеме родители, оправдана е појавата на страв - дали ќе ги воспитаме нашите деца на правилен начин. Процесот на воспитување започнува во оној момент кога детето ќе се роди. Воспитувањето ќе биде заемен процес, ние ќе ги воспитуваме децата, но и децата ќе не воспитуваат нас. Детето се раѓа како чиста страница, желно да научи што повеќе за светот околу себе. Со каква содржина ќе ги исполниме тие чисти страници, зависи само од нас родителите. Семејството е основата, базата во која детето првенствено ќе ги добие (или нема) квалитетите што ќе го одликуваат цел живот. Често слушам - „Па добро, малечок е, има време, цел живот ќе учи“. Точно, цел живот ќе учи, но тоа што ќе го стекне во првите пет до седум години од својот развој, ќе го обележува целиот негов живот во иднина. Решението е во придржувањето до зададената цел односно да се земат предвид детските способности и интересирања, како и сопствените способности и без непотребни тензии да се пристапи чекор по чекор кон целта. Овој пат воопшто не е лесен. Родителите треба многу да внимаваат затоа што добронамерното водење на детето, може многу лесно да премине во амбициозност која негативно ќе влијае врз развојот на детето. Тоа ќе стане вознемирено, ќе дава отпор, ќе ги негира своите интересирања, ќе стане повлечено или агресивно. Така се влегува во еден затворен круг во кој лесно се губат основните цели на родителството. Секоја стимулација која го следи психофизичкиот развој на детето, неговите можности, можностите на семејството, е ПРОДУКТИВНАТА СТИМУЛАЦИЈА, затоа што децата не знаат кои се нивните способности ниту интересирања. Во тоа голема улога, ангажирање, помош и поддршка имаат родителите. На детето треба да му се понудат различни содржини и да се задржат на тоа што ќе му се допадне. Правилниот психофизички развој на детето подразбира нерамномерен развој на функции, а со тоа и неговите способности се повеќе или помалку изразени. Талентот на детето треба да се поттикнува, а не да се турка. Тоа подразбира работа со детето во рамки на неговите можности. Бурните реакции кај детето или отсуството на каква било реакција се сериозен знак родителите да се запрашаат дали вреди да платат толкава цена за успех и дали тој успех е поважен од среќата на детето. Децата можат да бидат многу амбициозни, но и тие можат бурно да изреагираат на неуспех. Улогата на родителот во ваквите ситуации е да му помогне на детето да научи дека и неуспехот е составен дел од успехот. Ваквиот здрав приод ќе му овозможи на детето да се здобие со самодоверба, да биде спремно за следните предизвици. Дозволете им на децата да учат сами Бидете тука за нив, но никогаш не ги правете работите наместо него Никогаш од детето не барајте невозможни или тешко остварливи работи. За Женски МагазинРужица Митровиќ-Дипломиран педагог