Животна училница // Приказни
Биди си нервозен
„Денес сум многу нервозен, аман остави ме. Сега најде, у 5 до 12 да кажеш дека ни исклучиле интернет. Само ја живеам у куќава!? Па ја и најмалку го користам бе! Лелее, притисокот до плафон ми го дигате! Онаа нашана размазена, уште сабајле ме удави. Пак бараше пари за у тоа нивната продавничка со отрови за деца. Пак урлаше и шо да правам, ѝ дадов. Па уште и некои сликички со не знам шо... па ај, заокруживме на стотче. А, онаа наставничкана, кокошка, ама ме изнервира, гледа се расправаме и место да ја собере, си се смешка. Се прави луда! Ми се јави мајка ми, да сум ја носел на лекар, еееј кај живее она, ја такси ли сум, висам ли на закачалка? Ја откачив, па жив се изедов. На работа ми беше хаос, ќе го убиев оној неспособнион лигуш. Гоце, глупсонот! Ко сум му вриснал, уплав доби. Шо се занесува бе, он не ми е шеф! А, и тој, и него некој ден ќе го отерам, само не знам кога, да му... Уствари, право да ти кажам вие ич не капирате колку е тешка мојава работа. И сеа, у ова станов ќе се угушам. Ти уште ќе го рокнеш телевизорот, око да не можам да склопам, да одморам ко чоек... Уф, абе крај да се нема на ова нервозиве. Шо има за ручек?“
Важно ми е да ме разбереш, ако ти кажам дека тебе твојата нервоза ти е потребна, дека е тоа твојата тесна кожа што ја посакуваш. Обрачот во кој се криеш за да не пораснеш. Ако си пораснат, ќе знаеш како да комуницираш со луѓето, во зависност од нивната возраст. Рамноправно и без конфликти кога си со возрасните и како возрасен компетентен родител со детето. Ама, ти си научил да бидеш нервозен. На ќерка ти ќе ѝ попуштиш, наставничката ќе ја оговараш, мајка ти ќе ја откачиш, колегата ќе го здрмаш, на шефот ќе му се спремаш, од жена ти ќе бараш да те толерира... Не ти е убаво, затоа што никако да видиш дека нервозата е твојот вртлог, од кој не се обидуваш да излезеш. Твојот основен проблем, а ти решаваш некои други, демек горливи и поголеми. Чекаш, од некое утре да почнеш да живееш без нервоза.
Што ако не си нервозен?
Во твојата дневна доза тоа би изгледало вака. Ти ќе бидеш возрасниот и така ќе се однесуваш со своето дете. Наместо разгаленост, ќе форсираш растење. Да, потребно е многу повеќе време, но и децата можат да разберат дека разгалените всушност имаат знак еднакво со запуштените и злоставуваните, иако различно се оштетени. И едните и другите тешко врват низ животот. Не знаат релаксирано да комуницираат, да се почитуваат себеси и да ги почитуваат другите, но тоа е и твојот проблем, нели, иако одамна не си дете? Така научи, така учиш! Затоа, очекуваш наставничката да го направи она што ти не можеш.
Мајка ти можеби цел живот ја хранела твојата нервоза, а најверојатно има и огромна заслуга за играта со грижа на совест. Претпоставувам дека ги пиете истите лекови за притисок. Ама, да си пораснел повеќе од неа, ќе беше возрасен син. Ќе го нападнеше проблемот, не човекот. Ќе бараше решение, не казна.
На работа, место да врескаш по колегата ќе треба со ептен отворени уши и широко отворено срце да слушаш, па смирено да разговараш, ти текнува, повторно како возрасен рамноправен соговорник. Да ги кажеш и објасниш своите ставови, но и да вдишеш пред да збудалиш, за да се обидеш да влезеш во чевлите на другиот. Ама, тебе ти е поубаво во светот на предрасуди, селективна перцепција и насилна вербална комуникација, затоа што за да стигнеш во оној спротивниот треба да работиш на себе, а ти сѐ можеш да работиш и многу си вреден, ама да се бавиш со себе ич не ти е мачо и фраерски. И затоа не ти е гајле да се разбереш со таму некој колега, кој попатно е и човек. Важно е ти да си победник, исто ко на стадион. Само да не те разочарам, ама го знам твојот шеф. И тој е од навивачко маало, ко твоето.
Не, нема да ја цитирам и таа на која ѝ е упатен муабетов. Нормално, исто е нервозна, или болна, или депресивна, или алкос, или предебела, или луда, или од сѐ по малце, за да му биде капаче на тенџерчето. Што и да е, пак се сведува на истото – колку ни се потребни сите наши бегања од проблемот ЈАС. Потребна ни е нервозата, болеста, депресијата, ракијата... Не умееме да комуницираме со себе и другите. Истиот труд ќе го вложиме ако го имаме моделот на нормална асертивна комуникација, ама, пусто турско. Сме научиле да не се сакаме, па се чудиме кога не нѐ сакаат.
Знам дека не ме разбираш, затоа што не сакаш, не затоа што не можеш. Епа, биди си нервозен. Сигурно и ручекот не ти е по мерка. И сигурно, пред да дремнеш, изнервиран од криците на нервозните политиканти кои жена ти ги следи место турска серија, ќе одиш да го платиш интернАтот.
За Женски магазин пишува Елизабета Петровиќ-дипломиран педагог