Животна училница // Приказни
Боби Мојсовски: Работам на голем анимиран проект, песните ги чувам за подобри времиња
Пејачот Боби Мојсовски кој се прослави во „Х-фактор“ веќе десет месеци работи на масовен компјутерски проект кој е планирано да биде завршен до јуни наредната година. Уште пред да се пријави во регионалното шоу, разочаран од музиката почнал да учи 3Д моделирање и анимација и во моментов е максимално посветен на, како што вели, неговата втора пасија.
[caption id="attachment_5753" align="aligncenter" width="660"] Мојсовски почнал да учи 3Д Моделирање и анимација уште пред да се пријави на „Х-фактор“[/caption]
- Во проектот е вклучен цел тим. Не смеам да откривам детали додека не почне официјалното рекламирање. Да им поедноставам на читателите, 3Д моделирање и анимација е сè она што е компјутерски генерирано на екран, на еден начин сите специјални ефекти, визуелен изглед на филмови, реклами, анимирани филмови како „Шрек“ и „Немо“, компјутерски игри и апликации – појаснува младиот охриѓанец.
Мојсовски нема формално образование во оваа сфера. Учел од интернет, од електронски изданија, форуми и видеоматеријали со помош на професионалци кои ги запознал на глобалната мрежа.
- Неколку помали соработки ми помогнаа да стекнам искуство и да се посветам на еден ваков голем проект. Доколку истиот добро помине на пазарот, убеден сум дека ќе ми се отворат нови животни патишта–раскажува тој.
[caption id="attachment_5754" align="aligncenter" width="669"] Соло-кариерата ја стави во мирување, но ја продолжи соработката со хрватскиот хитмејкер Тончи Хуљиќ. За Нова Година ќе настапат во Дубровник[/caption]
Неговата соло-кариера е во мирување, но не планира комплетно да се повлече од сцената.
- Сè уште соработувам со Тончи Хуљиќ и неговиот бенд „Мадре Бадеса“ со кој летово го промовиравме видеозаписот за темата „Ја би да сан опет мали“. Хуљиќ е еден од најпознатите автори и продуценти на овие простори, познат по хитовите на „Магазин“, Јелена Розга, Петар Грашо, Оливер Драгојевиќ и Данијела Мартиновиќ. Веќе договоривме заеднички настап во Дубровник за Нова година. Што се однесува до мојата соло-кариера, се чувам за некои подобри времиња на нашата естрада – искрен е пејачот кој во 2012 година победи на реномираниот интернационален фестивал „Славјански базар“ во Белорусија.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов