,

Бразилските медиуми со бројни пофалби за „БИКИНИ МУН“, новиот филм на Милчо Манчевски

Добивај вести на Viber

Новиот филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“, сниман во Њујорк како американска продукција, ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил. По премиерата, бразилските медиуми се преполни пофалби за новото остварување на Манчевски, кој веќе долги години живее во Њујорк, па за „Бикини Мун“ вели дека е филм за неговото второ дома. Фелипе Брида од „Синема на веб“ вели: „Брилијантен авторски филм, позициониран на деликатната линија меѓу играно и документарното, ’Бикини Мун е модерна урбана бајка со фасцинантна приказна. Тој се наметнува како еден од најдобрите филмови на 2017 со чудесната Кондола Рашад. Лажен документарец кој елоквентно ги истражува границите на употребата на социјалните мрежи, спонтани медиуми, селфи и ’снимам, значи постојам. Филмот иницира дијалог за растурените семејства и животот на бездомниците во Америка“. Џуи Аугусто пишува во „О Кве тем на носа естанте“: „Милчо, провокативен како и секогаш го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество. Манчевски ни покажува колку е болно современото општество. Низ објективот на Манчевски гледаме лицемерно и демагошко општество населено со т.н. добри граѓани полни со ’добри намери кои се, всушност, автоматизирани, апсолутно невротични и шизофрени и кои живеат во декадентно општество кое само што не колабирало. Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“. Гиљерме Франко пишува: „Приказната е многу добро конструирана“. Критичарот на „Рота култ“ пишува: „Во ’Бикини Мун имаме филм во филм, со структура која е поважна од заплетот со цел да се разложи и испита начинот на кој општеството го набљудува светот низ медиумите“. „Сине 10“, кој на филмот му дава четири ѕвезди, вели: „Филмот на Милчо Манчевски го поставува прашањето колку е јавноста манипулирана од медиумите. Во генерација каде секој може да употребува камера, постира видеа и станува ’инфлуенсер, ’Бикини Мун нè потсетува дека не е вистина сè што гледаме“. Адоро синема“ вели: „Како металингвистичка шега, резултатот е фасцинантен затоа што предизвикува дистанца од секоја слика: предложено ни е да се сомневаме во сè што гледаме. Појавата на Бикини (Кондола Рашад) има ефект на експлозија. Таа е смешна, заводлива, насилна, спонтана, лажлива. Тешко е да престанеш да ја гледаш оваа хипнотична фигура. Бикини се чини во исто време перфектно нормална и комплетно луда“. Критичарот на „Нервос“ пишува: „Отровна критика која не штеди никого, од предградијата до елитата, до американската војска. Манчевски додава уште еден слој, божем се шета низ неколку филма во еден. Тој ја екстраполира играта меѓу вистинското и вештачкото“. Главните улоги во „Бикини Мун“ ги играат Кондола Рашад, ѕвезда на серијата „Милијаради“ и трикратно номинирана бродвејска актерка, и Сара Голдберг. Директор на фотографијата е Џош З. Вајнстин, а монтажерка Ен Хусеин. Филмот ќе биде прикажан на повеќе фестивали и во комерцијална кино-дистрибуција во текот на 2018 и 2019.