ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Една од најпрепознатливите македонски песни, синоним за градот на конзулите, евергрин отпеан пред речиси три децении на „Фолк-фест Валандово“ од „Октет Македонија“. Авторот Петар Георгиев - Калица во една прилика изјави дека му е мило што неговото дело станало бесмртно и посведочи дека хитот го напишал за неколку минути.
-Имав голема желба да напишам песна за градскиот живот кој низ годините исчезнуваше. Сакав тоа да биде своевиден спомен за пајтоните, мераците, старите чаршии кои исчезнаа од лицето на градот. Во 1988 година, песната се роди одненадеж. Седејќи дома зедов лист хартија и ја напишав за неполни пет минути. Истовремено потекоа и текстот и музиката. Паметам, дека првата верзија ја снимивме дома кај текстописецот Валентин Соклевски. Ја свиревме на детски синтисајзер и гитара, а ја снимивме на едно мало касетофонче-раскажа Калица.