Животна училница // Приказни
ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Тајно моја“ (Тоше Проески)
Македонската публика ја одбра за поп-хит на деценијата во рамките на проектот кој го иницираше Агенцијата за спорт и млади. Автор на музиката е Кире Костов кој во едно интервју откри дека Тоше Проески ја снимал цела ноќ во неколку верзии, но следниот ден ја избрале првата бидејќи била најубава. Големиот хит за малку ќе била песна посветена на кучето на Проески. Тоше се договорил со Игор Џамбазов да му напише текст во кој ќе се пее за неговото милениче.
- Текстот беше нешто во стилот на Балашевиќ и навистина испадна одличен. Но, мелодијата воопшто не одговараше на стиховите и му кажав на Игор. И денес ме претставува како единствен човек што му одбил текст за песна–раскажа маестро Костов.
Сите го прашувале што значи „Шушка молика“, особено странците. Во тоа време Тоше учел во Битола, а моликата расте само на Пелистер и затоа ја има во стиховите.
- Секој нека си ја доживува и понатаму на свој начин. Затоа и се вика „Тајно моја“. Ако ја откријам приказната, нема веќе да биде тоа што е – порача текстописецот Огнен Неделковски во една прилика.
https://www.youtube.com/watch?v=gO5p_7QsQ-w