Животна училница // Приказни
ВОДИТЕЛОТ ЖАНКО ГОЛАБОСКИ ВО ХУМАНА АКЦИЈА: Ќе планинариме на Галичица за Јане
Актерот, радио и ТВ водител Жанко Голабоски, во неговиот Охрид познат како бате Жанко или Жанко ЗШ, денеска со своето Здружение за планинарење, велосипедизам и еко култура „ЗШ авантура“ ќе го подржи Јане Велковски. Приказната за деветгодишното момче од скопската населба Хром кое боледува од спинална мускулна атрофија а е голем вљубеник во фудбалот го обиколи целиот свет. За борбата со неговата болест, тој доби поддршка од многу светски фудбалски ѕвезди: Фиго, Пандев, Елмас, Гомеш, а од Пол Погба доби покана да следи натпревар на „Манчестер Јунајтед“ во рамките на Лигата на шампионите. Жанко и неговите другари планинари од „ЗШ Авантура“ денеска ја реализираат акцијата „Планинариме за Јане“.
„Рано наутро тргнуваме од Охрид, Велестово. Ќе одиме до врвот на Галичица, Бугарска чука и назад до Велестово. Неколку години наназад соработуваме со Здружението за ретки болести и даваме наш придонес. Јане е вистински херој и заслужува сите да го поддржиме“, изјави Жанко за „Женски Магазин“ и продолжи со опис на денешната тура.
„Должина на турата е 23 километри, и трае седум часа. Би можеле да речеме дека е средно-тешка. Добредојдени беа сите кои се чувствуваат психо-физички подготвени, не само членови на нашето здружение. Поради зимските услови, напоменавме дека секој учесник доаѓа на своја одговорност“.
[caption id="attachment_8379" align="aligncenter" width="336"] Од сите искачувања по планините би го издвоил маратонот од 52 километри, од Охрид до врвот Магаро на Галичица, под мотото „Движи се да не заборавиш да одиш“.[/caption]
Неговата љубов кон планинарењето трае од најрана возраст. „По планините сум од својата шеста година, благодарение на татко ми. Значи четириесетина години. Сум бил на планина со извидници, планинари и екологисти. Планината е мојот втор дом, а можеби и прв, хахаха“, додаде Жанко. Ги има искачено сите врвови до 3.000 метри надморска вискочина, како во Македонија така и на Балканот. Триглав, Олимп, Мусала, Кораб Титов врв се дел од височините со кои шармантниот охриѓанец може да се пофали. „Од сите искачувања по планините би го издвоил маратонот од 52 километри, од Охрид до врвот Магаро на Галичица, под мотото „Движи се да не заборавиш да одиш“. Во план ми се и некои повисоки светски врвови над 6.000 метри“, додаде Жанко.
[caption id="attachment_8381" align="aligncenter" width="720"] Највисок врв ми е 3.000 метри надморска височина, а желба ми е бројката да достигне до 6.000 метри висина. - Жанко[/caption]
Освен планинарењето, негова голема љубов и хоби е и велосипедизмот. Низ охридската чаршија, од „Летница“ до „Чинарот“, по кејот и по охридските плажи, често ќе налетате на Жанко со својот велосипед.
[caption id="attachment_8380" align="aligncenter" width="720"] Со најмладите велосипедисти од неговото здружение „ЗШ Авантура“[/caption]
„Најдолга ми е секојдневната тура низ град, зш сум нонстоп на велоси пед хахаха. Сум бил речиси на сите планински тури низ Македонија, Албанија и Грција. Од потешките велосипедски тури што ми останале во сеќавање се Кајмакчалан, врвот на планината Ниџе и Подгоречко езеро на планината Јабланица. Една од подолгите велосипедски тури со екипата од „ЗШ Авантура“, ми е до Плитвичките езера во Хрватска.“, ни раскаа Жанко. Цели 25 години, тој е заштитен глас на охридското „Супер радио“.
„Во „Супер радио“ почнав пред 25 години со емисијата „Комши пази музика“ заедно со Ванчо Јованоски. Оваа емисија беше контактна и се емитуваше околу 4-5 години, потоа имав пауза од неколку години, па го започнав проектот „Охриде не бери гајле“. Таа радио емисија слави 13 години“, зборува Жанко за својата кариера како радио водител.
[caption id="attachment_8384" align="aligncenter" width="720"] Жанко на врвот на Олимп како поддршка на Здружението на лица со ретки болести[/caption]
Неговиот прекар ЗШ е од времето на дуото ЗШ, во кое беше ортак со колегата Диме Петрески. „Моме македонче“ и преработки на македонски поп-песни со шеговити текстови беа нивните хитови. Дуото престана да соработува кога Диме со сопругата се пресели во Италија.
„Со Диме контактираме, се дружиме кога ќе дојде во Охрид. Убави спомени имаме од времето на ЗШ“. Планираме ова лето да снимиме една нова песна и спот“, најави Жанко.
[caption id="attachment_8383" align="aligncenter" width="628"] Со Диме од ЗШ сè уште се дружиме и планираме летово да снимиме песна и спот[/caption]
Долги години, тој беше дел од актерската екипа во Охридскиот театар. „Бев во театарот аматерски и полупрофесионално. Играв во многу претстави: „Штаб“, „Сомнително лице“, „Чорбаџи Теодос“, „Ништо без Трифолио“, „Доктор Фаус“, „Волшебникот од Оз“, „Викенд на мртовци“, и многу други. Во голем дел од нив имав главни улоги, а некои ги потпишав и како режисер. Добивавме многу награди и признанија. Ова го говорам како екипа, бидејќи ние живеевме еден за друг и затоа имавме многу успех, а сцената беше исполнета со љубов“, се сеќава Голабовски на театарските денови.
Негова најактуелна ТВ емисија чиј водител и автор беше е „Зш така требит“ на охридската „О2“ телевизија. Жанко од секогаш бил омилен кај најмлдата публика. Како дел од неговите ТВ проекти на почетоците се емисиите за деца, „Пулсирања“ потоа „Сител Бамбини“, па соработките со Лила Стојановска, Сузана Турунџиева во емисијата „Браво шоу“, и емисијата „Не бери гајле“ која ја снимаше во скопската телевизија „Наша ТВ“ а ја емитуваа и други локални телевизии низ Македонија. Жанко за крај вели дека му недостасуваат камерите, но ќе се врати на ТВ со емисија која за него ќе биде вистински предизвик.
[caption id="attachment_8385" align="aligncenter" width="720"] Во Супер радио во Охрид сум 25 години. - Жанко во маратонската радио емисија од 76 часа за Гинис[/caption]
И други познати охриѓани ќе му дадат поддршка на Јане Велковски, со учество на Хуманитарниот спортски хепенинг, кој во недела од 11.30 ќе се одржи во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид. На турнирот ќе се игра ракомет и фудбал, а можат да учествуваат сите хумани граѓани.
За Женски Магазин, Милица Џаровска