ГИ ВИКААТ ДЕЦА СО АУТИЗАМ

Добивај вести на Viber

Замислете едно небо сино, бесконечна распространетост, чиста светлина, а навечер ѕвездено, илјадници мали блескави точки. На такво небо се раѓаат едни прекрасни суштества, чисти души, храбри борци, деца со многу љубов во своето мало срце. Ги викаат деца со аутизам. Мојата дилема веќе подолго време е колку ние сме спремни да се соочиме со овој предизвик, велам предизвик затоа што не го гледам како проблем. 

Аутизмот е аспект на нечие однесување но никако не смее да биде одредница на една личност. Кај децата со аутизам можете да воочите прекумерна тежина, кратковидост, несмасност и некои други физички особини, но никогаш нема да бидете сигурни кој точно стои пред вас - уште утре може да биде личност барана за меѓународни научни проекти. Никогаш, ама никогаш, немојте да потценувате дете со аутизам кое се наоѓа покрај вас, затоа што би можеле да се засрамите не само од неисправниот став, туку и од своето знаење и стекнатите вештини. Кога дете со аутизам се однесува неприкладно во некои ситуации, немојте да го казнувате.

 Сетилата на децата што патат од аутизам можат да бидат толку силни што можат да им причинат болка. Во нови средини, кои на нас ни се чинат нормални, тие деца можат да преживуваат трауми затоа што не се во состојба да ги спознаат објектите како целини туку се концентрираат на секој аспект одделно во опкружувањето. Бидете трпеливи со аутистичните деца, фокусирајте се на нивниот напредок, а тоа што не можат да го направат нека ви биде поттик за понатамошен развој. Додадете безусловна љубов на сѐ. Таа во суштина е најголем фактор за успех пред непознатата планина Аутизам. 

За да го смениме нашиот начин на гледање кон овие деца, за да допре до нашата свест, колку овие деца заслужуваат шанса подеднаква како останатите, треба да почнеме од себе, а потоа тоа да им го пренесеме на децата за тие да растат и созреваат правилно, да дадат шанса, да создаваат емпатија, да помагаат, да делат љубов и да прифаќаат без предрасуди. Само на овој начин ќе поставиме основа за здраво општество во кое секое дете без разлика на недостатоците ќе го најде своето место под сонцето.

 За Женски Магазин, Ружица Митровиќ-Дипломиран педагог