Шќипе Мехмети во Националната галерија на Македонија ја презентира изложбата „Фрагилност“. На изложбата се презентирани околу 30 графички листа кои Мехмети ги има изработено во последните неколку години, а се однесуваат на темата на жената и нејзината фрагилност, како и моќ од друга страна. Изложбата ќе биде поставена до 2 ноември. Шќипе е добитничка е на повеќе награди, меѓу кои: Награда „Адем Кастрати“ за графика, Културно-информативен центар - Скопје (2015); Награда „Вангел Коџоман“ на изложбата „Сликарство во мал формат“, КИЦ - Скопје (2011); Награда од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ на изложбата на ДЛУМ-графика, Скопје (2007); Награда „Драгутин Аврамовски - Гуте“ за графика мал формат, ДЛУМ, Скопје (2005). Родена во 1981 година во Кичево. Во 2004 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во 2007 година магистрира на истиот факултет на одделот графика.
Со Шќипе разговаравме за интересни теми, првенствено врзани за жената, нејзината слобода и предизвиците до неа.
Женски Магазин: Која е пораката која сакате да ја пренесете преку својата изложба „Фрагилност“?
Шќипе: Во моите најнови дела се обидувам, преку јазикот и можностите на графичката уметност, да проговорам отворено за проблемот на потисната еротика и притатениот еротскиот полнеж на балканската жена. Овие дела, воедно, говорат за женската сексуалност, сензуалност, фрагилност…
Воедно, со ликовните средства кои ми се на располагање (линија, тон, боја…) да го отворам прашањето за потиснувањето на женската сексуалност на овие простори и судирот меѓу насетената сексуална слобода и ограниченоста, менатлитетот и традицијата на едена закоравена патријахал на средина. Соочувањето со таа средина е чин на храброст и свесност, а ситната и навидум кршлива природа на жената е само привид зад кој се крие рев на ранета лавица.
Женски Магазин: Сакате публиката да биде слободна при перцепцијата на вашите дела. Дали на тој начин суптилно ја сугерирате слободата како значајна и потребна алка во нашето општество?
Шќипе: Слободата е најважното нешто. Особено кога говориме за жените. И тоа не само на Балканот. Не заборавајте дека слободата е нова придобивка. Ропството на жената има спектакуларна историја. Илјадници години жените се репресирани од страна на мажите и општеството што мажите го контролираат. Требаше да се случат драматични промени во светот и многу храбри жени да се жртвуваат за слободата на сите, за да се прифати идејата дека жените имаат личност и се рамноправни со мажите. Значи слободата е чин на храброст. Да се биде слободен значи да се има храброст да се биде слободен. А ние денес живееме уште во општество каде не само жените, туку и мажите се неслободни. Треба да се изборат неслободните мажи за слобода (слобода од религиските и, подоцна, од идеолошките ограничувања, од својата потреба за моќ, од општествените улоги што сами си ги доделиле, од маските што ги носат, од своите ниски страсти, од стравот од потиснатата сексуалност на жената, од својот страв да бидат слободни…) за да можат да имаат слободни жени, а тоа не е така едноставно. Неслободата на жените во едно општество говори за неслободата на мажите.
Женски Магазин: Сите ние со тек на време минуваме низ одредени фази и созреваме. Што Вие успеавте да совладате во текот на различните фази од вашето творештво?
Шќипе: Секое мое ново дело, секој нов цртеж или графика, се обидувам да бидат чекор напред кон подобро дело. Се определив за цртањето, затоа што тоа е основа на секој ликовен израз. Со графичката игла може да ја мерите длабочината на светот или да исцртувате нови светови. Научив како да ја користам иглата со текот на времето. Таа може да биде моќно оружје. Јас се определив да ја барам и да ја кажувам вистината за светот во кој живеам. А за да можете да се изразите, потребно е многу знаење за техниките и технологијата на графичката уметност ,што се стекнува само со големо искуство и многу напорна работа.
Од 2000 година, Шќипе учествувала во повеќе од 50 групни изложби во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Египет, Чешка, Литванија и Франција. Самостојни изложби имала во Њујорк, Нирнберг, Приштина (2015); Висби, Скопје (2014); Берлин, Приштина, Скопје (2012); Скопје (2011); Нови Пазар (2010); Скопје (2009); Њујорк (2008); Париз, Скопје, Кичево (2007).
Женски Магазин: Создадовте успешна кариера во Македонија, но и надвор. Дали се доживувате како успешна? Која е цената на успехот која треба да се плати?
Шќипе: Иако до сега имам многу изложби зад себе (самостојни и групни), не се доживувам како успешна. Уметноста е, всушност, постојано искачување кон некои недостижни височини. И тој пат е тежок и полн со пречки. На тој пат, уметникот мора да се соочи прво со себе, а потоа со сите оние кои свесно или несвесно го попречуваат и му ја ограничуваат слободата на изразување. Тука мислам на традицијата, на закоравениот менталитет на луѓето, на лажниот морал, на нивните навики, нивното незнаење и неразбирање, на нивното спротивставување на сè она што е ново и што тие не го разбираат… Да се соочите со обвинувачите и табуизаторит е не е едноставно.
Женски Магазин: Дали изложбите надвор од Македонија се значајни насоки на вашата кариера, посебно затоа што влијанието на публиката е различно, но и самиот пазар располага со повеќе можности од секој аспект?
Шќипе: Да, Западните општества се послободни и таму публиката има повеќе разбирање за проблемите на жената. Јас сакам да говорам за Балканската жена овде и сега. Затоа што проблемот е овде и ние сега мораме да го отвориме ова прашање. Сега е време кога жената треба да ги покаже својата убавина, својата кршливост, нежност, сила, своите потиснати желби, своите забранети сништа, својата болка и својата мака токму овде на Балканот.
Женски Магазин: Дали како дете знаевте дека ќе бидете уметник? Кога всушност се роди таа љубовта кон уметноста?
Шќипе: Да. Уште во раната возраст (7-8год.) бев магепсана од цртежот и сликањето. И тоа волшепство трае до денес.
Женски Магазин: Дали уметниците добиваат доволно простор во Македонија? Дали општеството знае да го вреднува нивниот труд?
Шќипе: Да се биде уметник во Македонија е многу тешко. Да се биде жена уметник е уште потешко. Општеството денес нема јасни критериуми за тоа што е вистинска уметност (земете го само за пример оној кич од Скопје 2014), ниту пак има едуцирана публика која знае да го поддржи она што навистина е вредно. Уметникот денес овде се соочува со многу проблеми, но жената уметник се соочува со такви наметнати ограничување од страна на семејството и заедницата (кои во најголем дел се несвесни, што е уште пострашно) за кои треба огромна храброст да ги совлада и надмине.
Женски Магазин: Ако треба да дадете совет на идните уметници, посебно графичари, што би им порачале?
Шќипе: Многу работа. Работа не само работа како совладување на техниките за изразување на своите идеи и емоции преку уметноста (графиката е само една форма на изразување), туку пред се, работа на самите себе. Значи себенадградување и себеусовршување не само како уметник, туку пред сè и над сè како човек. За да биде некој вистински уметник тој мора да биде вистинска личност. Мора да биде силна индивидуа, да има персоналитет. Само така уметникот ќе има што да каже преку своите уметнички дела. Затоа што уметноста не е некаква фриволна игра туку моќен начин да се каже вистината јавно, директно во очи на оние кои стојат пред уметничкото дело и го гледаат независно дали тие сакаат да ја видат или не.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска