Животна училница // Приказни
Девојката на албумот се разголе без проблем
РОК ГРУПАТА МОРАЛ ПРОМОВИРАШЕ НОВ МАТЕРИЈАЛ ПО 14 ГОДИНИ
По цели 14 години, рок групата „Морал“, сношти промовираше нов албум. „Кофеин блуз“ не го привлекува вниманието само со насловот, туку и со провокативната обвивка - гола девојка со шолја кафе во рака.
[caption id="attachment_2343" align="aligncenter" width="576"] Девојката е наша стара пријателка, и дојдовме на заедничка идеа за еден ваков омот. - Влатко Илиевски[/caption]
„Девојката е наша стара пријателка, и дојдовме на заедничка идеа за еден ваков омот. Таа се согласи да позира без проблем и тоа пристојно си го наплати“, ни изјави Влатко Илиевски, кој и покрај соло пејачката кариера е вокал на „Морал“ веќе 17 години. Бендот годинава слави јубилеј, 35 години од основањето. Токму неговиот основач, бас гитаристот Славчо Стојановски ја објасни симболиката на насловот на албумот со девојката на обвивката.
„Сите ние сме од нешто зависни: од кафе, од алкохол, од цигари, од работа. Од кофеин се повеќето од нас. И оваа девојка на обвивката со шолја кафе во рака прикажува еден зависник од кафе, а тоа што е гола ја носи пораката дека сите ние на крајот од денот сме голи или ќе бидеме голи, разголени“, изјави Стојановски. За паузата на „Морал“ и за стилот на албумот ни раскажа повеќе Влатко.
„Ние како бенд за сите овие години бевме активни од прилика еднаш во годината, со настап во живо, а опстанавме најнормално. Чекавме да ни се собере енергијата, зашто сите песни се снимани во живо. Свиревме концерти, а паралелно снимавме и албум, цели пет години“, изјави Влатко за Женски Магазин и додаде:
„Ова е класичен рок, авторски албум. Имаме и интересни гости: пее Игор Џамбазов, Тамара, Слаткаристика. Гостите ги биравме на принцип, пријатели на бендот и не згрешивме во изборот“.
[caption id="attachment_2344" align="aligncenter" width="613"] Кофеин блуз“, е многу позрел и подобар албум од претходниот „Кога патувам“. - „Морал“[/caption]
„Кофеин блуз“, според Славчо Стојановски е многу позрел и подобар албум од претходниот „Кога патувам“. Има осум песни плус една бонус, а нејзини автори се тој и гитаристот Ивица Јорданов. Тапани свири Сашо Ангелов. Албумот го издава „Горила продукција“.
За Женски Магазин, Милица Џаровска