Доктор Соња Ралева: Вакцини, да или не?

Добивај вести на Viber

Вакцини да или не? Тема која постојано не вознемирува. Каде е вистината? Треба ли да и веруваме на медицината? Ова се само дел од прашањата кои ја мачат секоја мајка. Ние тргнавме по одговори. Денес разговараме со доктор Соња Ралева, специјалист по општа медицина во ЈЗУ Здравствен дом Скопје. Еве што не советува таа. 

Женски Магазин Кои се придобивките од вакцините? 

Др Ралева Придобивките од вакцините се големи и значајни за целото човештво. Искоренети се многу заразни заболувања, а воедно се спречени болести кој му пркосат на човештвотоСпречени се и многу епидемии, а со тоа е подигнат квалитетот на живот. Болестите што може да се спречат со вакцините се превентибилни, а не судбина. 

  Женски Магазин Дали постои врска меѓу вакцините и аутизам? Може ли реакцијата на вакцина да придонесе за аутизам кај децата? 

  Др Ралева Не постојат медицински докази за поврзаноста на вакцините, а посебно многу често обвинуваната МРП вакцина нити која било друга со аутизмот и аутистичните нарушувања, немаат никаква поврзаност. Контроверзиите и загриженоста околу ова ја предизвика еден труд спроведен 1998 година од Ендру Њејкфид објавен во медицинското списание Лансет, заподоцна неговиот труд биде прогласен за виновен за сериозен професионален деликт од страна на Генералниот Медицински Совет на Обединето Кралство до крајот на животот. Една Данска студија во која учествувале 537.303 деца во 2002 година даде силни докази против каква било поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот. За сите овие деца не постоеше никаква поврзаност меѓу возраста во моментот на вакцинација, времето поминато од вакцинацијата или датумот од една страна и појавата на аутистичност од другата страна. Правени се низа други студиии во кои се споредени стотици илјади деца кои примиле МРП вакцина со оние кои не примиле, па е докажано дека ризикот од аутизам е ист во двете групи. Инциденцата за појавата на болест или состојба на аутизам или аутистично однесување е подеднаква. Причините за аутизмот треба да се бараат на друго место. Се знае дека тоа се промени кои се случуваат уште интраутерино со силно влијание на многубројни ендогени и егзогени фактори. Доколку не би биле доведени во меѓусебна поврзаност вакцините и аутизмот, една гранка во медицината сигурно би била многу понапредна. Поради сето ова изненадува фактот на борбата на дезинформација како борба против цивилизациските достигнувања во искоренување на заразни заболувања кои однеле многу животи во минатото, па дури  повеќе и од војни. 

  Женски Магазин Дали лекарите или медицинскиот персонал имаат должност да ги информираат родителите за составот на вакцината, пред детето да ја прими?

Др Ралева Доколку родителот се интересира за составот и производителот на вакцината, докторот е задолжен да даде образложение околу тоа. Да ги запознае родителите околу очекуваните реакции кои можат да уследат после апликација на која било вакцина. Први очекувани реакции се оток, болка и црвенило на местото на апликација, а очекувана реакција е и умерена температура која ни укажува дека во организмот се случува имун одговор. Тоа претставува одбранбена реакција на детскиот организам, што е и основа на имунизацијата. Секоја компонента во состав на секоја вакцина е внимателно одбрана и дозирана до совршенство, а има за цел да го одбрани организмот од болести, но никако да го разболи. 

  Женски Магазин Треба ли родителите самоиницијативно да одлучуваат за вакцинирање на своето дете или не? 

  Др Ралева Вакцинацијата е задолжителна и законска обврска. Тоа е единствен начин да се спречат заразните заболувања, ширењето епидемии.  Имунолошкиот бедем односно заштита треба да е 95% во една популација од МРП вакцината, доколку дојде до внес на дадениот причинител на болест во осетлива популација, нема да дојде до ширење на болеста. За давање на вакцините одлучува докторот во ординацијата. 

  Женски Магазин Постои ли разлика во квалитетот на вакцините?

Др Ралева Не постојат докази дека има каква било корист од одложувањето на вакцинацијата. Истражувањето од 2010 година покажа дека децата што подоцна ги примиле вакцините на седумгодишна до десетгодишна возраст, немале подобри бихевиорални и когнитивни тестови од децата што ги примиле вакцините на време. Сите вакцини треба да се примат на време без посебни одложувања од родителите, освен ако немаат медицинска оправданост. Распоредот се заснова на најдобри научни и медицински информации. Доколку и дадеме шанса на медицината, базирана на докази, а современата медицина лекува, едуцира, помага, додека  другата група која ја заговара квазимедицина, која говори на јазикот на емоции, стравови кои се ирационални и неоправдани медицински, несигурност,  настани кои се недокажани, тогаш заклучокот е јасен. Стравот и одговорноста кога нема да го вакцинираме нашето дете, се поголеми од последиците и компликациите кои можат да следат. Децата се нашата светлина,  нашата радост, па затоа да го одбереме најдоброто за нив и за нивното здравје.

 За Женски Магазин, Вики Чадиковска