Душава ко вреќичка чај ми е
Да сме во азбука
ти моето А би бил
или бројот 1
во низата до бесконечност
а во приказна да бевме
ти би дојавал на бел коњ
и би се искачил до трети спрат
а јас ќе те чекам со колач од вишни
тукушто изваден од рерна
да сме песна
ах, песна да бевме
сите љубовници наизуст би не’ знаеле
и серенади на саканите би им пееле
да бевме
ете ти вода да беше
јас карпа ќе се сторев
и ќе те оставев да се смириш покрај мене
дур со сета сила ме удираш
без да трепнам
без да се изронам
ти и јас
ти и јас силни да бевме
универзум свој ќе имавме
и своја планета ќе закуќевме
во неа дом ќе ти направев
и таму ќе те чекав
тогаш кога за мене спремен ќе беше
оти сега другаруваш со времето
не знаејќи оти ние скарани одамна сме
ниту јас него, а ни тоа мене ме есапи
ете токму така
ко деца сме си се налутиле
и со кренати носеви се одминуваме
ниту тоа-времето за мене време има
а ниту пак јас трпение за него
љубов моја
да бевме ти и јас на иста патека
до мене
од левава страна сонце ќе ме грееше
а на твојата десна
мојата сенка ќе се одмараше
ти
ти и јас
изгубени и најдени за повторно да се изгубиме
те гушкам и силно те стискам за да не боли
тагава да ми мине
и од срце да се исплачам вечерва
оти душава
душава ко вреќичка чај ми е
попарена, љубов моја...попарена
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска