Интервјуа // Интервјуа
Гледајќи ме мене, заборавија на политика
Ме радува фактот дека предизвикав толку внимание што за момент заборавија на политика, изборите никој не ги спомнува. Имам чувство дека ја враќам македонската музичка сцена во живот повторно, па макар и да е целата фама од љубопитност. Ветувам уште вакви збунувачки проекти, рече пејачката.
Со новата песна „ Текила и лимон “, поп-ѕвездата Елена Ристеска направи вистински бум и предизвика големо медиумско внимание со различни коментари. Деновиве, Елена е една од најозборуваните наши естрадни личности на социјалните мрежи, а песната ја коментираат и на нејзиниот Јутјуб канал. По промоцијата на провокативниот спот, дел од публиката вели дека турбо-фолк не и личи, други пак мислат дека ја размрда заспаната домашна естрада, трети дека песната е направена според најновите светски музички трендови. Во разговорот за Женски магазин, Елена открива дека и е мило што луѓето зборувајќи за неа, се одмориле од политичките случувања.
- Турбофолк?! Ова е најреге и најмодерна песна од сите кои сум ги издала досега. Веројатно луѓето не разликуваат етно семпл во модерна песна од турбофолк песна. Кога сме кај коментарите, позабавна недела во мојот живот не сум имала. Толку многу се смеев на тоа колку човечката наивност може да достигне во крајности, и тоа ми беше најзабавно. Па и непријателите почнаа да ме бранат во некои општи расправии на социјалните медиуми, а пак „ армијата “ од мои фанови ме купи за цел живот. Ете токму за таквите правам разни експерименти, за да не им бидам здодевна и за да ме доживеат во секаква мелодија и во секакво издание “, ни изјави Елена.