,

Жените лидерки и нивното учество во политиката -пат кон еднаквоста

Добивај вести на Viber

Македонија сè уште се бори со стереотипите и предрасудите во однос на учеството на жените во политиката. Поаѓајќи од фактот што постои закон за минимум 40% на жени на листите за парламентарни и локални избори, направен е одреден исчекор и благодарение на тие квоти, квоти кои за одредени лица од научната и политичка елита се дискриминациски, сепак придонеле за поголемо учество на припадничките на женскиот или како што други го нарекуваат вториот пол во законодавната или локална власт. Но од друга страна, такви квоти кои се обврзувачки и значајни од родова перспектива, не постојат за кандидати за градоначалници и за извршната власт и токму можеби затоа мал е бројот на жени градоначалнички и жени министерки. Овие бројки се факти кои говорат во корист на значењето и потребата од квоти, бидејќи тој е едниот од начините за жената да се избори за своето место во политичката арена. Политиката и учеството во неа, кај нас, од различни причини, сè уште се смета за машка професија и потребно е поткревање на свеста, но и активно учество на самата жена и нејзина упорност при лобирање и позиционирање во рамките на политичките партии. Од друга страна потребна е и политичка поддршка, но и поддршка од интелектуалната и научната елита, бидејќи сите тие се креатори на јавно мнение и ќе придонесат за афирмација на жената во политиката и ќе се изгради вистинскиот пат кој ќе води кон еднаквост на двата пола во политиката. Ова беа дел од главните поенти на панел дискусијата која се одржа на 9 октомври 2017 година на Правниот факултет Јустинијан Први, панел дискусија која носеше наслов „ Жените лидерки и нивното учество во политиката -пат кон еднаквоста “. Панел дискусијата беше во организација на Правниот факултет Јустинијан Први, Шведската амбасада во Скопје и UN WOMEN. Панел дискусијата ја отвори Доминика Стојаноска -раководителка на канцеларијата на во UN WOMEN Скопје, а истата ја поздрави и Деканот на Правниот факултет Проф. Д-р Горан Коевски. Во првата сесија своето искуство во однос на нивната политичка битка во сопствената политичка партија го изнесоа пратеничките од сегашниот состав на парламентот Ѓулимсере Касапи, Јулијана Николова, Мирсада Емини Асани, Соња Мираковска и Маја Морачанин, како и професорите Каролина Ристова Астеруд и Ненад Марковиќ. Панел дискусијата, со свое присуство ја збогатија и носители на врвни позиции од научната и политичка елита и на истата, се обратија Ректорот на УКИМ проф. Д-р Никола Јанкуловски, Премиерот на Р.М. Зоран Заев, Министерот за надворешни работи Никола Димитров, Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, Алиа Ел Јасир-регионална директорка на UN WOMEN за Европа и Централна Азија и Маргот Валстром министерка за надворешни работи на Шведска. Во рамките на панел дискусијата се прикажа и филмот „ Ада за градоначалничка “, филм за кој воведна дискусија имаше професорката Гордана Сиљановска Давкова, а потоа завршната дискусија ја заокружија Ана Василева, Сара Миленковска и Лура Положани. На панел дискусијата учествуваше и делегација на Филозофскиот факултет предводени од Продеканката за меѓународна соработка, Проф. Д-р Маја Геровска Митев и професорите Татјана Стојаноска Иванова, Сузана Симоновска, Владимир Давчев и Боби Бадаровски, како и студенти од родови студии кои се едуцираат и се редовни во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје. Крајниот заклучок е дека иако доста се работи на полето на унапредување на женските права, пред сѐ преку НВО секторот кој работи на унапредување на правата на жената и нејзино активно учество во политиката, форумите на жени во рамките на политичките партии, активности на признати и познати жени од политичката, научна и интелектуална елита, сепак треба уште да се работи за д а се дојде до еднаквост на двата пола во политиката.