Жените се само бројки во машкиот свет

Добивај вести на Viber

Каква е улогата на жените во локалните избори во земјава. Застапени ли се, добиваат ли доволно простор, ги прифаќа ли општеството или ги дискредитира... На овие прашања, тимот на Женски Магазин ќе се обиде да добие став од дами, успешни во своите професии. Ставот на Катерина Топалова, уредник на информативната програма на МТВ, за Женски Магазин го пренесува Вики Чадиковска. Женски Магазин: Сметате ли дека меѓу кандидатите за градоначалник, застапеноста на припадничките на понежниот пол е премала? Топалова: Живееме во машки свет во кој имаме премала застапеност на жените во политиката и на лидерски позиции во Македонија, а и воопшто во светот. Дека имаме многу малку или незначителен број на жени -кандидатки за градоначалнички на претстојните избори не е ништо ново. Жените имаат улога да потполнат бројка по некакви стандарди. Тоа е тема која се повторува и од претходните локални, и од парламентарните, и од претседателските избори и воопшто од сите изборни циклуси. И повеќе не е прашање дали, туку како да се надмине оваа нееднаквост. Женски Магазин: Има ли искрена поддршка од посилниот пол на оваа тема? Топалова: За мене е лицемерна наводната борба за родова еднаквост која мажите ја пласираат, тие не се вклучени во реформите за женската вклученост на лидерски позиции. Тоа е општествен проблем кој доколку се сака, може да се надмине. Ниту еден лидер на партија не може да ме убеди дека не нашол доволно образована, посветена на работата, чесна и жена која ги познава проблемите во општината. Останува праксата која не сакаат да ја менуваат, да гаат општество кое ќе се сомнева во женските квалитети. Жената кај нас сè уште се перципира како кршлива и мека, а од неа се бара да биде добра домаќинка, посветена мајка и страсна љубовница. Се што ќе биде поразлично од ова, може лесно да се критикува. Кај нас е сè уште необично ако таткото користи породилно боледување, ако готви, чисти или ги чува децата. Поддржувањето на ваквите стереотипи ја оддалечува жената од лидерските позиции. Женски Магазин: Дали има доволно простор за дамите во женската политика, посебно на лидерските позиции? Топалова: За македонската жена нема да има место во политиката и постојано ќе биде бројка за пополнување некакви квоти сè додека, прво, не созрее сама. Да почне да верува во себе. Да се бори. Тоа може да го направи ако инвестира во нејзиното образование и ако не се помири со каква било пасивност. Второ, доколку мажите навистина се загрижени за женската вклученост во политиката, тогаш би требало да направат сериозни чекори од типот -алокација на финансиски средства на политичките партии на женски ограноци, зајакнување на родовите механизми со финансии и човекови ресурси, како и поттикнување на жените преку разновидни обуки. Како жена, никогаш нема да престанам да верувам дека нашето општество може да се промени, да нема лажни сомнежи во квалитетот, само затоа што е жена. Македонската политика има место за  жени- лидери. Македонија има квалитетни жени кои можат да се справат со мафијата, да обезбедат почист воздух, да направат паркови, да изградат квалитетна инфраструктура, да обезбедат чисти градинки и училишта и да бидат добри градоначалнички. Во тоа верувам! Така ја воспитувам и мојата ќерка! Никогаш да не престане да вложува во себе и да биде лидер!