Животна училница // Приказни
За некој фина, за друг лоша
Ја паметам љубовта
како стражар на тенката
нишка
меѓу сонот и јавето.
На едното раме – пушка
со полско цвеќе,
на другото – лак со
стрела од рамнодушност.
Ја паметам со очила
на кои двете стакла имаа
различна диоптрија,
едната нога малку
пократка,
па бастун од надежи ѝ ги
крепеше движења,
со женско здолниште врз
машки панталони,
со војничко палто врз
хипи – кошула,
со ѓердани од нелогични
стапки, со бурми од незрели
постапки
и белегзии од
необјасниви оставки.
Впечатлива, прилично
грда, без причина – со волја
тврда,
со право мрдната во
умот...
Влечена на сите страни,
лажно претставена
или вистински толкувана,
опеана во стихови или
препеана на гробови,
удрена од громови,
повикувана преку
богови...
Па фрлена, газена,
за инает галена, па
омалена,
силувана, а сетне
милувана,
кога прогонета – кога
киднапирана,
денес во шок,
утре во телесен сок,
консумирана,
инволвирана,
цензурирана и премногу
експонирана,
парталава и боса,
за некој фина, за друг
лоша...
Ја познавам љубовта
во секоја етапа,
ама не сум од оние што
ќе симнат капа.
Ја заобиколувам,
оти не научив да ја читам
нејзината мапа.
За Женски магазин, поетесата Тања Кармзова Костиглиола