Животна училница // Приказни
Зошто мажите се плашат од убави жени?
“Ти работиш на случајот во Стразбург? Ти си правникот?” - ова се само дел од прашањата упатени до Сенада Сали која работи како правник во Европскиот центар за правата на Ромите. 26 годишната правничка вели дека многу пати досега поради својот атрактивен изглед, возраст и стил често била мета на дискриминација.
“Моето искуство пред се говори за тоа дека повеќето мажи денес не се подготвени соодветно да одговорат на комбинацијата- убава и амбициозна жена. Амбициозноста е сигурен начин дополнително да ја зголемите вашата привлечност доколку сте маж. Но, за убавите и амбициозни жени приказната е поинаква. Во очите на мнозината, жените се или убави или паметни. Комбинација од двете е речиси невозможна. Од лично искуство говори за тоа дека полот, изгледот, но и етничката припадност играат многу значајна улога на патот кон професионално остварување на една млада жена, без разлика дали тоа е во државата или надвор од нејзините граници, како во мојот случај”- вели Сенада.
Во меѓународната организација во која работи, а која е основана уште пред 20 години, Сенада е правата жена Ромка вработена на позиција правник поради како што вели стереотипите за реалниот капацитет и способности на жената Ромка.
“Не дека пред мене не постоеле други правно образовани жени Ромки, туку едноставно самите работодавци поседувале стереотипи за реалниот капацитет и способности на жената Ромка, па така најчесто им биде доделувани пониски позиции, за пониски приходи или она што во светски рамки е познато како феномен на gender pay gap во случајот преставувал комбинација на ethnic & gender pay gap. Сметам дека моето унапредување на позицијата правник, претставува не само личен успех туку и успех на мојот работодавец во надминување на ваквата несреќна ера, а воедно и охрабрување за сите други млади правнички Ромки да веруваат во своите капацитети и бидат поамбициозни при потрагата на соодветни работни места и определување на условите за истите”- додава Сенада.
Притисоците и негативните искуства како што вели се јавувале при нејзините учества на меѓународни настани каде била повикана да го преставува својот работодавец и да одржам презентација или говор. На ваквите настани раскажува дека ретко се наидува на Ромка која веќе на 26 годишна воздраст се има образовно и професионално реализирано.
“Лично сметам дека денес голем дел од луѓето напорно се трудат да изгледаат професионално, а занемаруваат на работењето професионално. Јас сум од ние личности кои не би го смениле личниот изглед и стил за да задоволам некакви однапред одредени општествени стандарди. Пред се, сметам дека мојата професионалност лежи во мојот интелект, искуство и способноста за стекнување на довербата од моите клиенти Роми, а не во мојот физички изглед. Моите блиски соработници се веќе свесни за моите квалитети и ставови, и од нив не сум почуствувала никакви притисоци. Од друга страна, мојата работа на терен најчесто опфаќа посети на клиенти кои живеат во особено маргинализирани средини. Тоа сосема го разбирам и се трудам да го прилагодам мојот изглед на целта на мојата посета. Јас сум личност која е порасната на улица и знам што значи живот без храна, вода, покрив над главата и пристојна облека, па токму затоа ваквите средби се омилениот дел од мојата работа. Опкружена со постари колеги со долгогодишно меѓународно искуство истовремено се чуствувам почестена но и осудувана од таквиот ‘крем’. Знаете она неприродно чувство дека се наоѓате во средина во која статусно и возрасно не припаѓате и дека токму затоа сите критики и погледи се вперени кон вас”- вели Сенада.
Во пракса, според неа мнозинството жени во Македонија, но и пошироко во Европа, сеуште не уживаат исти права, можности и одговорности како и мажите, иако родовата рамноправност е правно загарантирана. Истите како што вели често се соочуваат со прашања кои се длабоко вкоренети во традиционални, патријархални вредности и однапред зададени родови улоги во семејството и во општеството.
“Во Македонија во изминатиот период, нерамноправна позиција на жената дома беше под зголеменото влијание на религијата. Така на пример, минатата влада се обиде религијата да ја инкорпорира во секоја нејзина политика, па дури и во образовниот систем. Имајќи предвид дека во многу религиозни толкувања, положбата на жените е инфериорна во однос на мажите, тоа значеше стагнација и регресија на родова еднаквост во државата. Иако ЕУ "ја охрабрува" македонската влада да инвестира во вклучувањето на родовите аспекти во главните политики, на таквото охрабрување генерално му недостасува константно следење и доволно поддршка во процесот на реална имплементација на таквите политики” – потенцира младата правничка.
Во теорија, пак вели дека стратегии, национални планови и програми за вклучување на родовите аспекти во главните политики се формулирани, но истите не се соодветно имплементирани, бидејќи не постои соодветна јавна свест и политичка волја за тоа.
“Дополнителен проблем е тоа што феминизмот најчесто се толкува како штетен- како барање за општествена доминација на жените над мажите, наместо како барање за еднаквост. А да не навлегувам во комплексните проблеми со кои се соочуваат жените припаднични на маргнализираните заедници. Анализите на организациите на граѓанското општество покажува дека жените Ромки и жените од етничките малцинства кои живеат во руралните средини се соочуваат со дискриминација речиси во секоја сфера: во домувањето, пристап до ресурси (вклучувајќи образование, здравствени услуги, особено услуги за репродуктивно здравје), недостаток на социјални програми и нееднакво застапеност во јавните и политичките живот. Покрај тоа, тие доживуваат високи стапки на семејно насилство и многу ситуации на неплатена и експлоатирачка работна сила”- објаснува Сенада Сали.
Поголемото учество на жените во политиката според неа помага во разбивање на постојните предрасуди и стереотипи за компетентноста и професионалноста на жените,генерално.
“Од друга страна пак, во последно време сведоци сме на една вознемирувачка тенденција- жените на власт меѓусебно не се поддржуваат и не соработуваат едни со други со цел покренување на"женските проблематики и прашања". На нас, останатите жени повеќе од потребно ни е нивното влијание во изготвувањето и спроведувањето на родово сензитивножи политики и закони .Најнапред, Уставот како највисок правен акт во државата во член 9 пропишува “еднаквост во слободите и правата на сите граѓани на Република Македонија независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло..”. Воедно, Македонија усвои неколку закони и воспостави механизми за унапредување на родовата еднаквост. Така на пример, Законот за еднакви можности на жените и мажите ги обврзува јавните институции да обезбедат еднакви права и можности за жените и мажите и да го интегрираат родот како показател во своите политики, стратегии и буџети преку конкретни мерки за намалување на родовата нееднаквост. Воедно, државата ја спроведува својата прва Национална стратегија за родова рамноправност (2013-2020), Стратегија за воведување на родово одговорно буџетирање (2012-2017) и втора Национална стратегија за заштита и спречување на семејното насилство (2012-2015). Доколку направам споредба со родовата правната рамка на Унгарија, државата во која престојувам, разликите се незначителни. Во 2003тата, Унгарскиот Парламент истотака усвои Закон за еднаков третман и промовирање на еднаквоста на можностите меѓу мажите и жените (Законот CXXV). Законот е во форма на општ акт кој забранува дискриминација на жените врз основа на "пол, брачен статус и мајчинство (бременост)". Принципите на родова рамноправност се загарантирани и во Уставот и во Трудовивиот кодекс од 2002 година: "Секој без дискриминација има право на еднаква плата за работа со еднаква вредност".- вели правничката од Европскиот центар за правата на Ромите.
Во земјава како што објаснува младата магистерка по европски студии има закони но не се почитуваат. Оттука се потребни стратегии, национални планови и програми за вклучување на родовите аспекти во главните политики се формулирани во Македонија. Главниот проблем го лоцира во нивното не соодветно имплементирање, бидејќи за истото вели не постои, или барем до сега не постоеше, соодветна јавна свест и политичка волја.
Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин