Има ли Македонија свој Харви Вајнстеијн?

Добивај вести на Viber

  Страшна е приказната која денови сè уште се одмотува низ светските медиуми. Не сопира. Најстрашно е што тој не е сам. Не единствен. За неговиот проблем знаеле многумина. Но, ништо не преземале. Дали имаат вина за сокривање на вистината? Дали имаат вина за прифаќањето на нешто што е неисправно од секој аспект? Дали тие се соучесници? Во моментов на светско ниво најголема приказна за медиумите е Харви Вајнстеијн. Некогашниот филмски могул, близок и до политичката елита и до најмоќните ликови во светот на шоубизнисот. Тој се најде во центарот на медиумското внимание, откако медиумите почнаа активно да ја третираат неговата приказна за злоупотребување на поголемиот дел од соработничките кои го обвинија за серија сексуални злоупотреби. Интересно е што ова приказна не се случува сега. Се реализирала со години. Обвинителства често застанувале на страната на могулот, упатувајќи ја пораката за неговата божествена моќ. Прашањето е дали тој ќе бил слободен, ако тие кои сведочеле во неговата одбрана, ја зборувале вистината. Медиумското трагање за вистината, конечно стаса до ослободување на вистинската приказна, но многу жртви со години живееја со сознанието дека се немоќни пред него. Најголем дел од нив се жени, и тоа моќни и успешни во филмскиот свет. Неговата сила, тој ја црпел и од политичките елити блиски со него. Деновиве од него се дистанцираат Хилари Клинтон, Обама и неговата сопруга, но и други. Но, јавна тајна е дека тој го подучувал Бил Клинтон како да постапува во скандалот со кој била соочена Белата куќа, при откривањето на приказната за Моника Левински. Во овој случај потрагата за вистина, навистина исплива на површина со шокантни сознанија, кои долго се темелеле на сметка на жртвување на вистината. Интересно. Додека оваа тема буквално под лупа се следи во светските медиуми, ние сè уште сме заглавени во политика и кој победи или изгуби на избори во Македонија. Нашите медиуми само површно ја пренесоа информацијата. Ниеден моќен медиум не се охрабри да праша: Дали ние немаме ваков лик? Дали оваа појава се случува во Македонија? Ќе има ли некој храброст да признае? Дали жените се предмет на злоупотребување и дискредитирање? Трогателно, барем за мене беше јавното признание на Пени Ланкастер, сопругата на Род Стјуард на телевизија за нејзината лична епизода како млада девојка. Овие лични приказни се поттик за младите девојки да знаат која е границата. Посебно кога започнуваат кариера. Никој не смее да ги набљудува или користи како сексуален објект. Тие се сличности кои поседуваат одредени квалификации. Тие се важни. Младите девојки мора да се охрабруваат да не ги кријат под велот на наивноста или стравот, обидите да бидат злоупотребени. Никој не смее да биде поштеден. Никој не смее да ја премине границата. Ние и во Македонија, слушаме различни приказни. Жени се дискредитирани насекаде, дома, на работа, во политиката… Но, никој не се охрабрува јавно да загребе под површината. Сексуалните престапи тешко се докажуваат. Освен тоа, целиот процес носи дополнителен стрес кај жртвите. Тие се деградираат и навредуваат од јавноста, што придонесува за дополнително обесхрабрување на жртвите. Сепак, за ова мора да се зборува. Гласно. Храбро и одважно. Оние кои поттикнуваат вакви престапи треба да бидат обелоденети јавно. Треба да се знае нивниот идентитет. Тие треба да бидат ставени на ѕидот на срамот како неморални ликови кои носат штета. Има млади девојки кои наивно веруваат на приказната дека некој ќе им помогне да станат дел од професиите кои ги сакаат. Притоа, треба да прифатат да бидат нечија алатка за секс. Ова не е исправно. Токму и затоа мора да охрабруваме да се зборува за овој чин како за нешто кое не е исправно и мора да се спречи. Дали во Македонија сме слушале некакви гласини на оваа тема? Да, да бидеме искрени. Дали се истражени?  Е тоа е клучното прашање кое треба да се постави гласно.