Интервјуа,
Настани,
Филм
ИНТЕРВЈУ-ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ: Врската на Марио и на Тони во „Преспав“ не е табу туку комедија
Тоа што Марио и Тони се во љубовна врска е само појдовна точка за дејствување. Најважно за нас актерите, а и најинтересно за публиката е пред се начинот на кој тие ја остваруваат таа релација и средствата кои притоа ги користат за тоа. Како ќе се развива понатаму најдобро е да остане изненадување, и за публиката, а и за нас актерите.
[caption id="attachment_17267" align="aligncenter" width="659"] Васил како Алекс во претставата „Тоалет за дами“ на сцената на Велешкиот театар[/caption]
За него е предизвик да си лажниот хрватски готвач Марио, во серијата „Преспав“. Уште поголема забава му беше кога требаше во ист кадар да се појави со неговиот близнак, Дарио. Поради „врската“ со Тони (Игор Стојчевски), најстариот од преспанските браќа Бузалески, Миле (Игор Џамбазов) симпатично го нарекува „снашке“. Тој пак и е верен сојузник на својата колешка Јела, рецепционарката Јелена (Јелена Јованова). Гледачите на Тв „24“ кои го следат во серијата секој вторник и среда најмногу го обожаваат поради неговите две најпознати изреки: „Мицко моја“, и „Нека ти Буда помогне“. Познатиот актер Васил Зафирчев е еден од домашните актери со исклучително впечатливи и успешни трансформации. Мултиталентиран уметник, веќе докажан и во светот на музиката и на танцот, посветен на својата професија и најангажиран како актер во својот матичен театар, Велешкиот. Приватно е секогаш насмеан и за секого има добар збор и убава мисла, тоа е неговата девиза.
[caption id="attachment_17268" align="aligncenter" width="640"] Со Игор Ангелов како Коста и Марио во „Преспав“[/caption]
Зафирчев- Актерската професија не признава патријархален концепт , туку пред се слобода во изразот и во размислувањето. Таа мора да го промислува животот во сите негови значења и аспекти, независно од општоприфатениот и усвоен начин на размислување на мнозинството. И да понуди поинакви концепти на размисла, чувствување и доживување. Она што за средината е предрасуда или табу, во актерството станува пречка која задолжително треба да се совлада. Добриот актер треба и мора да знае да одигра се. Независно од неговото лично доживување и впечаток за ликот кој го толкува. Предизвикот наречен „Преспав“ за мене беше голем и исклучително провокативен. И во лична и во професионална смисла. Не само заради поделбата на улогите, природата на ликовите и нивните меѓусебни односи, туку пред се заради самата жанровска дефиниција на ситкомот, неговата промоција и афирмација во македонскиот медиумски простор , како и високите креативни и продукциски стандарди кои „ОХО“ продукција ги постави со „Преспав“ како прв телевизиски формат од овој тип кај нас.
[caption id="attachment_17269" align="aligncenter" width="650"] Во претставата „Вдовицата се мажи“ како Смирноф[/caption]
Женски магазин- Ќе се предомисли ли Тони до крајот на серијалот, врската сепак да се подигне на „повисоко ниво?“
Васил- Врската на Тони и на Марио како однапред зададена околност на ликовите е повеќе насочена кон подигнување и потсилување на комичниот ефект кој произлегува од нивниот меѓусебен однос, отколку на нејзината суштинска природа. Тоа што се во љубовна врска е само појдовна точка за дејствување. Најважно за нас актерите, а и најинтересно за публиката е пред се начинот на кој тие ја остваруваат таа релација и средствата кои притоа ги користат за тоа. Како ќе се развива понатаму најдобро е да остане изненадување, и за публиката, а и за нас актерите.
[caption id="attachment_17270" align="aligncenter" width="653"] Толкувам ликот на Алекс, трансвестит кој сонува да стане жена, за во два часот по полноќ да го добие својот вистински идентитет.- Васил како Ла Џана во „Тоалет за дами“[/caption]
Женски магазин- Каков лик е Марио, како ти лично го доживуваш и што е најзабавно кај него?
Зафирчев- Вешт манипулатор од позиција на странец. Лажен готвач и будист. Зад неговата „духовност“ се крие неговата страсна и афективна природа како лик. Цар на сплеткарењето. „Кралица“ на драмата и патосот. Но во суштина итар и неверојатно луциден лик кој дури и кога греши е во право и кој на крајот секогаш успева да застане на „вистинската“ страна. За мене како актер, најинтересни и најзабавни негови страни се афектите, брзите промени на состојбите и начините на дејствување. И пред сѐ гротескноста и комичноста кои произлегуваат од тоа.
[caption id="attachment_17271" align="aligncenter" width="647"] Во детската претставата „Волшебникот од Оз“, Васил е Дрвосечачот[/caption]
Женски магазин- Ти беше ли тешко да го совладаш хрватскиот јазик со мали делови на македонски, јазикот на Марио?
Зафирчев- Припаѓам на последната генерација кај нас која во училиште го изучуваше некогашниот српско-хрватски јазик. Но со хрватскиот јазик за прв пат посериозно се занимавав за време на мојот ангажман како актер гостин во претставата „Електра“ на Истарското Народно Казалишт е во Пула. Обидот да се игра на туѓ јазик е сериозно тежок и стресен предизвик за секој актер. Од едноставна причина што внатрешната мисла на актерот е секогаш цврсто врзана за мајчиниот јазик. Но токму тоа искуство ми беше добар предуслов за улогата на Марио. Во продукцијата на „Преспав“ немаме јазичен консултант за хрватски. Заедно со сценаристите ги правиме јазичните измени, приспособувања и интервенции во текстот со цел да е што поблизок до денешниот современ хрватски јазик. Тука секогаш помагаат Тијана и Јелена. Се разбира, има и по некоја грешка во изговорот и во падежната структура, но сепак за мене најважен е ефектот што се добива во целокупната слика на проектот.
[caption id="attachment_17272" align="aligncenter" width="649"] „Јао, Мицко моја“.- Васил и Јелена Јованова како Марио и Јелена[/caption]
Женски магазин- Како течеше снимањето на втората сезона, има ли некоја интересна анегдота која би ја споделил со нас?
Зафирчев- И снимањето на втората сезона помина во исклучително посветена и динамична работа, многу забава и уживање кај авторската и актерска екипа вклучена во проектот. А нема ништо поубаво кога професијата покрај предизвик станува големо уживање и забава. Реткост е тоа. Таа убава и позитивна енергија впрочем може да ја почувствува и публиката покрај малите екрани. Имавме безброј анегдоти и ситуации кога го прекинуваме снимањето заради хистерично и заразно смеење кое брзо ја зафаќаше целата екипа, пред и зад камерите. Но би го издвоил снимањето на сцената од епизодата „Близнак“ во која јас како Марио и јас како братот близнак на Марио требаше да се појавиме во еден ист кадар.
[caption id="attachment_17273" align="aligncenter" width="640"] Врската на Тони и на Марио е повеќе насочена кон подигнување и потсилување на комичниот ефект кој произлегува од нивниот меѓусебен однос.- Васил со колегата Игор Стојчевски[/caption]
Зафирчев- „Тоалет за дами“ е црна комедија работена според текстот на познатиот венецуелски автор Родолфо Сантана. Претставата ги открива личните драми и проблеми на десет жени, еден трансвестит и еден маж кои се среќаваат во тоалетот на еден ноќен клуб. Го толкувам ликот на Алекс, трансвестит кој сонува да стане жена, машка Пепелашка која заработува за леб како келнер, за во два часот по полноќ да го добие својот вистински идентитет како Ла Џана.
[caption id="attachment_17274" align="aligncenter" width="660"] Марио е цар на сплеткарењето, кралица на драмата и патосот[/caption]
Женски магазин- „Жените го користат тоалетот како дневна соба или соба за психотерапија“, вели најавата на оваа претстава. Дали се согласуваш со ова и како го коментираш?
Зафирчев- Мажите го користат тоалетот само за една работа. Но жените во тоалетот поминуваат многу повеќе време од мажите. За нив тоалетот станува место на кое се откриваат најголемите и најскриени тајни. А тие тајни можат да променат и да превртат наопаку цел еден живот. Затоа тоалетот за жените добива психо-терапевтско значење и ефект.
Женски магазин- Како публиката реагира на таа претстава?
Зафирчев- Репризите на претставата се веќе распродадени. Се бара карта повеќе и салонот е секогаш полн, со оглед на тоа дека претставата се игра само за 100 гледачи во публиката. Добиваме по неколку аплаузи на отворена сцена во текот на изведбата, а судејќи по долгиот аплауз и бисовите на крајот од претставата сигурен сум дека оваа претстава на Велешкиот театар е веќе вистински хит кој долго ќе се игра на тековниот репертоар.
[caption id="attachment_17276" align="aligncenter" width="651"] Најголем предизвик ми беше да го играм ликот на Дарио, близнакот на Марио во „Преспав“[/caption]
Женски магазин- Најавена е и претставата „Кралските копилиња“. Раскажи ми повеќе за неа и за некои други проекти кои следат во Театарот?
Зафирчев- Веќе се во тек пробите за најновата претстава на нашиот театар „Кралските копилиња“, авторски проект на драмскиот писател Сашо Димоски. Станува збор за физички театар во епски слики работен според митот за Електра во кој го толкувам ликот на Агамемнон. Деновиве започнуваме и со уште една нова продукција, секогаш актуелната за постановка комедија на Бранислав Нушиќ „Сомнително лице“ во режија на Венцислав Ристов, каде што ја играм улогата на Виќо. На 21-ви пак февруари, на Малата сцена на Македонскиот Народен Театар ме очекува и премиерата на „Госпоѓиците од Авињон“ од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов, каде што ги толкувам ликовите без важни својства. Во меѓувреме настапувам во претставите од репертоарот на Велешкиот театар како комедијата „Вдовицата се мажи“, претставата за деца „Волшебникот од Оз“ и „Тоалет за дами“.
Женски магазин- Те знам како секогаш ведар, насмеан и љубезен. Каков си кога ќе се налутиш?
Зафирчев- Ретко се лутам и не умеам да држам лутина. По природа сум човек со висок праг на толеранција. Проблемите, конфликтите и недоразбирањата, и во животот и во професијата се обидувам да ги решавам по мирен пат и на најдостоинствен начин. Ако веќе нема можност за тоа, тогаш едноставно се повлекувам од натамошна дискусија и продолжувам по својот пат.
Женски магазин- Што те прави среќен освен твојата работа, што те релаксира, со какви луѓе сакаш да го поминеш денот?
Зафирчев- Најважен ми е единствено и само мирот. Хармонијата со себеси и во себе. Среќата е и онака релативна и менлива. Се држам само до она што го можам и што го знам. Немам лажни и нереални очекувања од себе и од другите. Уживам бескрајно во сите предизвици кои ми ги нуди професијата и животот. Во слободното време кое ми останува шетам во природа, готвам, читам, уживам во филмот, практикувам јога, медитација и креативна визуализација. Со еден збор уживам во се она што ме прави среќен и ме исполнува. Бескрајно се радувам на туѓата среќа. Со љубов ја споделувам и мојата. И секогаш сум тука за моите најблиски и пријатели, бидејќи токму со нив ја споделувам и умножувам сета убавина и добрина која ја носи денот и животот.
За Женски магазин, Милица Џаровска