ИСКРЕНО СО СИНОТ НА ВОЈО СТОЈАНОСКИ: Ми остави аманет да не бегам од корените

Татко ми мѝ беше најдобар пријател, ментор и идол. Неговите дела никогаш нема да бидат заборавени. Во иднина сакам да препеам дел од нив, открива Дамјан кој го контактиравме во Австралија каде е во тек неговата прва голема турнеја Растеше со народната музика и природно ја чувствува и ја интерпретира. Дамјан Стојаноски, синот на легендарниот Војо Стојаноски, годинава направи сериозен пробив на домашната фолк-сцена. По освоената награда за најдобар дебитант на „Филиграни“ и одличниот успех со темата „Ај со Господ напред“ на „Гоце Фест“, младиот пејач и инструменталист во септември победи на „Фолк фест Валандово“ со рефренот „Мојот народ“, композиција на докажаниот тандем Миле и Ѓорѓи Барбаровски. Стојаноски во моментов е на другата страна од светот, на неговата прва турнеја во Австралија. Таму ќе настапи и за новогодишната ноќ. - Заминав на крајот од ноември и ќе останам до божиќните празници. Закажани се повеќе концерти, главно во Мелбурн и во Сиднеј, а на сцената ќе ме придружува „Соната бенд“ и Влатко Велјаноски на гајда. Пред нашинците во Австралија ќе го презентирам новиот материјал. Албумот кој наскоро ќе го промовирам е комбинација од новокомпонирани и препеани народни песни. Меѓу нив е и „Тешко мина докторе“ која потекнува од Пиринскиот дел на Македонија и веќе ја претставив со видеозапис реализиран од „ИНТВ“ – информира Стојаноски. [caption id="attachment_8069" align="aligncenter" width="649"] Дамјан на еден од настапите во Австралија[/caption] За неговиот татко кој почина пред три години, на само 20 дена пред неговата матура, зборува во суперлативи. - Ми беше најдобар пријател, ментор и идол. Неговите дела никогаш нема да бидат заборавени. Во иднина сакам да препеам дел од неговиот богат репертоар. Татко ми сними многу убави песни, но некои поминаа понезабележителни, па планирам да ги оживеам–открива тој. Војо Стојаноски остави голема трага во македонската народна музика. Дамјан вели дека бил одличен родител. - Секогаш ме советуваше да се надградувам, но да не бегам од коренот. Мислеше дека ќе може да даде уште многу во музиката и планираше солистички концерт. За жал, не успеа да ги реализира тие идеи–раскажува пејачот. [caption id="attachment_8070" align="aligncenter" width="657"] Со татка си, легендарниот Војо Стојаноски кој почина пред три години[/caption] Дамјан студира на Факултетот за музичка уметност во класата на Горан Нацевски на отсек-соло пеење. Вели дека воопшто немал дилема која професија да ја одбере бидејќи отсекогаш ја сакал музиката. Фолк-ѕвездите го знаат од дете, но сега го прифаќаат како нивен колега. - Имам голема желба да соработувам со дел од нив - скромно порачува. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов