Животна училница // Приказни
И СО МИЛИОНСКИ ДОЛГОВИ: МРТВ ќе дели музички субвенции!
Четвртиот конкурс за 2017 година за избор на нови композиции е достапен и на официјалниот сајт на националниот сервис и е отворен до крајот на декември. На претходниот, Роберт Саздов од „Куку леле“ по третпат ја доби највисоката парична премија. Нему и на Сузана Спасовска државата треба да им исплати по 9.000 евра
И покрај милионскиот долг кон домашни и странски доверители, но и долгот од половина милион евра кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ), Македонската радио-телевизија (МРТ) распиша нов конкурс за музички субвенции. Иако од ЕБУ алармираа дека е можно нашата земја да ги загуби правата за пренос и учество на „Евросонг 2018“ во Португалија, раководството на националниот сервис продолжува да ги стимулира авторите и изведувачите со државни пари.
Четвртиот конкурс за 2017 година за избор на нови композиции е достапен и на официјалниот сајт на МРТ и е отворен до крајот на декември.
Последниот список со одобрени и неодобрени дела МРТ го објави на 25 август и највисоката парична премија по третпат заврши на сметката на Роберт Саздов. На фронтменот на „Куку леле“ на кој лани му беа одобрени 9.000 евра за песните „Горе“ и „Доле“ и годинава ќе му биде исплатена идентична сума за композициите „Нашата љубов е бескрајна“ и „Кажи ми дали се сеќаваш“. Со буџет од 9.000 евра две песни во наредниот период треба да промовира и Сузана Спасовска.
[caption id="attachment_4073" align="alignleft" width="300"] Последните музички субвенции беа објавени во август годинава, а најмногу се офајдија Роберт Саздов и Сузана Спасовска[/caption]
„Земја световна“ и „Победа“ се насловите на наменските рефрени со кои Кристијан Тасевски и „Дуо Коктел“ ќе ја афирмираат нашата историја. На последниот конкурс жирито не одбра ниту една композиција со која ќе се афирмираат семејните вредности во општеството и ниту еден изведувач во блиска иднина нема да лобира за многудетни семејства.
512.000 евра годишно за македонска музика
Законот за поддршка на домашната музичка продукција стапи на сила на почетокот на 2014 година и оттогаш се продуцираат 200 нумери годишно, 150 од областа на забавната и народната музика и 50 детски рефрени. Со средства од Буџетот, националниот сервис годишно распределува 512.000 евра за македонска музика. Најатрактивна е стимулацијата во категоријата „ѕвезди“ во која пејачите и авторите за само еден проект добиваат 4.500 евра, 3.000 евра за звучно снимање на песната и 1.500 евра за спот. Во оваа категорија годишно се субвенционираат 28 композиции кои ја достигнуваат сумата од 126.000 евра. Музичарите кои конкурираат во останатите категории, за секоја одбрана песна добиваат по 3.000 евра, а стимулацијата за авторите на детските композиции е 400 евра по рефрен. За композиции со кои се афирмираат семејните вредности во општеството и песни во кои се опејува македонската историја се исплаќаат 60.000 евра годишно, а при изборот треба соодветно да бидат застапени и останатите заедници што живеат во Македонија. На еден ист изведувач во текот на годината може да му бидат финансирани најмногу до три композиции. Во категоријата „ѕвезди“, пак, во текот на годината на еден ист интерпретатор може да му бидат поддржани најмногу две песни.
Сомнителен квалитет без поддршка од медиумите
По неколку реализирани конкурси, овој Закон наиде на жестока критика кај публиката, но и кај повеќето автори, пејачи и продуценти кои најмногу реагираа на начинот на кој се одбира комисијата која одлучува за субвенционираните песни. Музичката фела побара да се обрати повеќе внимание на квалитетот на песните и на видеозаписите, но и да се создадат поволни услови за медиумски пласман на истите. Откако лани на 20 септември Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) ја забрани македонската музика на сите радио и телевизиски станици кои зрачат на македонска територија, неколку квартали од Законот за субвенции не се реализираа целосно.
По промената на власта, Министерството за култура одлучи драстично да ги намали паричните премии кои се доделуваат на домашните фестивали „Макфест“ и „Фолк фест Валандово“. Останува да видиме дали надлежните институции наскоро ќе го ревидираат и овој дискутабилен проект тежок два милиони евра.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов
Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин