Каде оди магијата?

Добивај вести на Viber


Сите приказни со среќен крај завршуваат токму онаму каде што во реалниот живот започнува трката и борбата за да се одржи љубовта. Никој не не’ спрема за тоа што следи отпосле. 

Никој не напишал приказна за тоа како Пепелашка станува наутро со размачкана шминка и го запржува кромидот за ручекот кој треба да се крчка до пладне, ниту пак како Снежана се справува со децата кои оставаат неред зад себе. И сега некој ќе каже дека тие се омажиле за принцови и дека сето тоа им го средуваат слуги, но со оглед на тоа што во светот има повеќе жени отколку принцови, се прашувам што понатаму? После вљубувањето, кога секој се враќа дома и времето поминато заедно е скапоцено оти е лимитирано. 

Лесно е вљубувањето и функционирањето во врска во која единствената обврска е да се средиме за да блеснеме пред себе и саканиот и рака в рака да одиме на вечера или пијалак. Лесно е кога двајца седнуваат во автомобил и патуваат некаде, а попатно одлучуваат каде и колку време ќе останат. Лесно е во оној дел во кој секој функционира сам за себе, а времето поминато заедно е јагодата на шлагот. 

Романтични вечери, свеќи и вино, цвеќе, провокативна долна облека...и после секој во својот кревет. Муабети кои наликуваат на гугуткање, споделување на убавите работи, планови за следниот ден и лесно одржлива страст. 

Каде оди магијата после кажаното ДА? Фотографии на социјалните мрежи од запросувања кои се испланирани до детали, нејзините солзи, неговата сатисфакција дека ја изненадил, огромен аплауз, среќни родители, фотографии од неа во невестинскиот фустан, тој стокмен во скап костум, наздравување со кумовите, првиот танц, неизбежното оро, сечење на тортата и фрлање на бидермаерот...слики од еден ветувачки почеток кој (да ми простат младите и романтичните) многу тешко личи на почетоците после неколку години. 

Да не се разбереме погрешно. Не сум сепак до толку наивна за да верувам дека е можно љубовта да личи исто кога се двајца дечко и девојка и кога истите тие се во брак. Не, не сум...верувам дека може да биде подобро и поквалитетно! Но, за тоа треба време, желба, напорна работа и многу, ама многу љубов во себе за себе и партнерот. И тука кикснуваат 90% од браковите. Обврски, стресови, деца...и партнерите почнуваат да се забораваат еден со друг. 

Прочитав некаде изјава од еден возрасен брачен пар, кој (не ме фаќајте за збор) беше над 50 години во среќен брак и која гласеше дека биле воспитани нештата да ги поправаат кога ќе се расипат, а не веднаш да ги фрлаат и да купуваат нови. И тоа ме замисли. Колку сме спремни да поправаме, да посветиме време и трпение?

Секако дека е полесно да се откажеме од она што веќе не функционира, отколку да се помачиме за да му го вратиме сјајот. Жената во која сте се вљубиле и сте одлучиле дека сакате да го поминете животот со неа не е веќе истата. Некој килограм повеќе, веќе не се дотерува како порано, се шминка се’ поретко, а косата ја стокмува само за посебни прилики.

Мажот во кој сте се вљубиле и сте одлучиле дека сакате да го поминете животот со него не е веќе истиот. Подбрадок, стомаче, не ви купува цвеќе без повод, ретко му текнува да ве изнесе некаде (без повод) и времето го поминува дремејќи пред телевизорот. И така врват годините. Јазот се продлабочува, молкот виси во воздухот, креветот служи за спиење, долната облека е поважно да е удобна отколку привлечна. Фрустрациите се зголемуваат, остануваме заедно заради децата и што ќе каже светот, со помиреност дека сме премногу стари за нови почетоци.

А што ако новиот почеток не подразбира нов човек? Зошто да не се проба потешкиот начин и да се испоти задникот за да се врати убавината на бракот? Да се договори состанок исто како кога сте биле во врска, да се испланира заедничко патување без децата (и не, не значи дека не ги сакате доволно, туку потсетете се дека среќни родители=среќни деца), да се изненади сопругата со подарок кој нема никаква врска со домаќинство, да се изненади сопругот со купена долна облека од некој секс-шоп (не ми превртувајте со очи)...побогу! да се направи нешто квалитетно. 

Разговор во кој зборовите “работа” и ”обврски” ќе бидат забранети. Дозволете си да заведете и да бидете заведени! И пред да мрчите дека ова го пишува една (среќно) разведена жена, да ве потсетам дека секој учи на сопствените грешки. И се разбира, сето ова важи само доколку го љубиме оној со што сме. 

Ако е љубовта умрена, тогаш заслужува достоинствен погреб и ослободување на другиот за да си ја најде среќата. Останувањето заедно по секоја цена, со милион изговори кои нема да ви дозволат да си го земете животот во свои раце е блуткаво и нема смисол! 

 Во име на љубовта кон некого како кон човек, се седнува на маса и се разговара. Искрено и без ракавици. Се ставаат на маса проблемите и односот и се решава што понатаму. Ако сте моментално несреќни, не мора да бидете и во следните години или децении. 

И да расчистиме. Искреноста си ја должите пред се’ на сами себе, а потоа и на оној со кој сте се обврзале да бидете во “добро и зло”. И не мора да е секогаш убава. И најлошата вистина е подобра од било која лага која моментално дава утеха. 

Не сте фраери и фраерки ако мувате нешто на страна (изразот мување ме ежи, ама немам посоодветен. Уствари имам, ама сепак ќе ме читаат и моите родители). Не сте фраери и фраерки ако ви е животот исполнет со лаги и криење. Секој однос кој е заснован на лаги е однапред осуден на пропаст. И не заборавајте дека во сите тие блуткави односи, се лажете сами себе.

 Не си ги учете децата дека глумата е здрава и добра, не ги учете дека се трпи нешто и дека е добро да се функционира во нездрав однос, оти еден ден ќе ве боли кога ќе гледате како нивните семејства наликуваат на она во кое и вие и партнерот сте биле несреќни. Магијата е секогаш тука. И таа блеска со сиот свој сјај. Најдете ја...пробајте да ја најдете прво во себе и да сте она што сте.

Премногу кратко сме на светот за да си го арчиме животот на илузии и несреќа. Бидете свои! Бидете свои за да можете да дадете и да примите она што ви се дава. Без изговори и без “од утре”. Сега и тука!

 До следниот понеделнички муабет, За Женски Магазин, Ана Бунтеска