Германските пионери на електронската музика, легендарните КРАФТВЕРК ќе настапат во Скопје со извонредното 3-Д шоу од нивната актуелна и исклучително успешна светска турнеја. Концертот на КРАФТВЕРК во Скопје, како ексклузивен настан во организација на ТАКСИРАТ и Password Production, ќе се одржи на 27-ми февруари 2018 година во Вип Арена „Борис Трајковски“.
КРАФТВЕРК е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот чие музичко наследство е легендарно и вонвременско! Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината КРАФТВЕРК ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век. Музиката на КРАФТВЕРК изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови: од електро до хип-хоп, од техно до синтпоп и не постои речиси ниту еден германски бенд кој толку често се наведува како извор на инспирација и авторитет за илјадници музичари. Поради пресудното влијание и применливоста на електрониката во музиката тие важат за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто.
За време на речиси 50 години постоење КРАФТВЕРК објавуваат десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два live албум, од кои последниот „3-D The Catalogue“ го објавија во мај годинава. Аудио и видео материјалите од ова издание ги сумираат бројните и значајни 3-Д перформанси на бендот во најпрестижните музеи и концертни арени низ светските метрополи, кои ги одржаа од 2012 до 2016 година, а токму ова спектакуларно 3-Д остварување на КРАФТВЕРК ќе имаме прилика да го погледнеме во живо на концертот во Скопје.