Македонија со негативна слика за вработување млади жени и потенцијални мајки

Добивај вести на Viber

Што ќе донесе Пеленската Револуција? Дали оваа иницијатива е предвремена или навремена? Дали Македонија е подготвена за ваков чекор? Граѓанската инцијатива „450 Породилно (Пеленска револуција) организираше референдум за донесување на предлог Закон за работни односи со кој ќе се зголеми времетраењето на платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци (за едно дете) и 15 (за повеќе деца, на 18 месеци за сите мајки без разлика колку деца раѓаат. Потребните потписи за почеток на постапката се собрани. Женски Магазин истражува што ќе добиеме, а што ќе изгубиме. Став на овие прашања Женски Магазин доби од Пенка Мукаетова, сопственик и генерален менаџер на КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП Женски Магазин: Ќе добијат ли мајките право на избор со „Пеленската револуција“? Мукаетова: Периодот кој измина е силно обележан од дискусиите кои се водеа по повод „Пеленската револуција“. Како активен член на Асоцијацијата на бизнис жени и Асоцијацијата на менаџери на Македонија, јас лично имав шанса да се вклучам во дебатите за прашањето на оправданост на зголемување на времетраењето на породилното отсуство за новите мајки, и верувам дека говорам во името на поголемиот дел од бизнис заедницата, кога ќе го изнесам ставот дека  во голема мера оваа иницијатива има убава цел. Но, негативните аспекти и последици ги надминуваат позитивните. Анализите на долгорочните влијанија кои оваа мерка би ги имала врз микро и макроекономските движења, покажуваат причини за загриженост поради потребата од средства за финансирање на таквото продолжено отсуство. Тие средства од своја страна не се лесно достапни. Сумарно, можеби оваа промена на мајките ќе им донесе поголемо право на избор, но општествените и финансиските импликации од тој избор не би биле целосно позитивни. Женски Магазин: Дали постои можност за дискриминирање на жените на работа? Мукаетова: За жал, сметам дека можноста за дискриминирање на жените на работа само би станала поизразена со продолжувањето на породилното отсуство. Досегашната практика покажува негативна слика во поглед на вработувањето на млади жени и потенцијални мајки, што претставува типична дискриминација и е комплетно неоправдано. Но, доколку постои законски предвидено породилно отсуство во времетраење од 18 месеци, овој проблем наместо да се реши би станал уште поголем и подлабок и излегувањето од неговите јазли, крајно би се искомплицирало. Кога работодавачите ќе почнат да ги применуваат полот и возраста, кумулативно, како критериум за вработување, се очекува да се намали и бројот на вработени жени. Оваа приказна може да се набљудува и од аспект на жената мајка. Кариерните амбиции многу лесно можат да преминат во грижа за семејството како очекуван приоритет, па целосно да се изгуби балансот помеѓу професионален и семеен живот. Женски Магазин: Дали е добро нашиот систем да ги следи примерите на земји кои имаат силна институционална моќ? Мукаетова: Кога станува збор за следењето примери, сметам дека треба да се учиме од позитивните искуства. Имено, добро е да ги следиме примерите на земјите кои имаат силна институционална моќ во поглед на градењето сигурна и стабилна предучилишна структура; градинките да имаат поголеми капацитети, а вработените негувателки и учителки да не се преоптоваруваат со огромен број на деца истовремено. Доколку ги погледнеме практиките на развиените земји ќе забележиме дека една учителка чува помеѓу 3 и 5 деца, што претпоставува дека ќе може да им се посвети соодветно внимание, наспроти 15 деца на една учителка, што често се случува кај нас. Кога ќе се реши ова прашање, и мајките ќе бидат помирни во процесот на одвојување од своето дете и посветување на работата. Повторно повикувајќи се на дискусиите на бизнис заедницата, уште еден пример кој може да се земе од развиените земји е оној за поттикнување и на татковците за користење родителско отсуство, со цел да се олесни првичниот период на приспособување на родителите со новиот член на семејството. Женски Магазин: Дали ова ќе донесе социјална сигурност за идните мајки? Мукаетова: Повторно би сакала да го нагласам балансот кој континуирано мора да се гради помеѓу професионалниот и семејниот живот. Според мене, социјалната сигурност на мајките кои работат, подеднакво зависи како од успешно исполнување на својата улога на мајка, така и од посветување внимание на својата кариера. За постигнување на оваа цел, не е неопходно породилното отсуство да трае 18 месеци. За Женски Магазин, Вики Чадиковска