Прошетка под мотото „Напред розово – чекори против ракот на дојка“ во чест на сите жени кои имаат рак на дојка, за оние кои се излечиле, но и за оние кои ја изгубиле битката со болеста во нашава земја, се одржа на 1 октомври на плоштадот „Македонија“. Прошетката се одржа во организација на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ со што и почна тримесечната кампања за борба против оваа болест.
„Треба да сме сите заедно, да им помогнеме на сите во тешките моменти. „Борка“ се залага за соодветен третман, со цел да се спаси животот. Нашиот апел е дека ние не смееме да сме сами. Ги повикуваме и сите институции кои се директно засегнати да се вклучат, зошто само така ќе можеме да направиме промени во општеството и здравствениот систем“ - вели Биба Додева од „Борка“.
Здружението за борба против ракот „Борка“ бара на сите, без разлика дали се мажи или жени, да им се овозможи соодветен и навремен третман во лекувањето на ракот. Здружението добило и позитивен одговор од Владата на барањето за имплементацијата на Националната стратегија за контрола на ракот која ќе почне да се спроведува од 2018 година.
„Со кампањата сакаме да ја подигнеме свесноста меѓу жените со метастази, напреден стадиум на рак на дојка, кој може да се излекува доколку е откриен навреме. Сакаме да ги поттикнеме жените кои живеат со рак на дојка да имаат продуктивен и квалитетен живот и да се стремиме да кон намалување на болеста преку подобрување на услугите за поддршка“, истакна Додева која е претседател на Здружението.
Познати уметници, жени кои што ја пребродиле битката со ракот и нивни блиски чекореа под мотото „Напред розово“ за поддршка на жените болни од рак на дојка. Македонија е на трето место по смртност од сите малигни заболувања во Европа, само лани се откриени 1.200 нови случаи на заболени од рак на дојка, или просечно четири жени дневно кои заболуваат велат од здружението „Борка“ кое го организираше симболичниот марш.